И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку напротив: разоткривајте ги!
(Ефесјаните 5:11 ; Библија)

И кога ќе ви речат: „Обратете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓесници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи?”
(Исаија 8:19 ; Библија)

Најпосле, јакнете во Господа и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да им се спротивставите на измамите на ѓаволот. Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места.
(Ефесјаните 6:10-12 ; Библија)

Разоткривање на астрологијата

Интересен, па дури и шокантен феномен е тоа што во 21-от век – век на експлозивен напредок на науката и технологијата, астрологијата како псевдонаука и окулнтна дисциплина на пророкување, која потекнува од паганските царства на Стариот век и која е заснована на мистични начела и научни грешки, доживува голем процут. Стручна астролошка литература се умножува експоненцијално во денешно време, како и бројот на астролози и љубители на астрологијата. Никогаш во историјата на астрологијата, долга неколку милениума, не биле истовремено достапни толку различни видови астрологија и типови хороскопи. Никогаш технолошките алатки за нивната изработка не биле толку напредни. Никогаш не била толку присутна во секојдневните животи, ниту имала толку голем број поклоници, како денес.

Се поставуваат прашањањата:  Во што е тајната привлечност на астрологијата и нејзината популарност, па дури и за луѓето во 21-от век? Што е тоа што воопшто ги влече луѓето кон астрологија?

Разоткривање на спиритизмот

Верувањето во задгробен живот, во бесмртна душа или во бесмртен дух, создало извонредно плодна почва на која никнала и се развила една недосеглива појава која е целосно надвор од нашиот рацио и која станува сè поинтересна и попривлечна за денешниот човек. Станува збор за спиритизмот (spirit – дух), кој произлегува од кошот на окултните појави (occultum – скриен, таинствен). Се работи за длабоко таинствени и необјасниви настани, манифестации и феномени недостапни, несфатливи и неодгатливи за луѓето, бидејќи природно петте сетила на човекот се наполно немоќни да се справат со нив, исправно да ги сфатат и успешно да ги разрешуваат. Нашиот разум, е целосно надвор од нивните димензии, без никаква можност да проникне во нивната суштина и правилно да ги одгатне. Окултизмот луѓето ги поврзува со натприродните сили, со паранормалните енергии или со демонските влијанија, односно со демоните.

Според библиското пророштво, спиритизмот, како окултна демонска манифестација или демонски феномен, ќе стане најраширена и најдоминантна духовна појава, вистинско мајсторско ремек-дело на сатанската измама, сатанска сила во последните денови, пред второто Христово доаѓање, која ќе се инфилтрира и ќе ги проникне сите сфери од општествениот живот и којашто ќе ја прифати и пред која ќе се поклони цел свет, од најсиромашните во бедните колиби на зафрлените подрачја, до најбогатите во луксузните и раскошните палати, и од наједноставните луѓе, до најголемите умови, сила пред чиишто моќни и чудесни манифестации, човечкиот „рацио“ ќе остане не само нем, туку и зашеметен, вџашен и стаписан.

Не можејќи успешно и правилно да се справи, да ги сфати и да ги одгатне, тие мегавеличествени манифестации, човештвото истите ќе му ги припише на Бога и на неговиот Свети Дух, наполно погрешно, тврдејќи дека тоа е „голема сила Божја“ (Дела 8,10), зашто нивен проектант и директен изводител е сатаната кој стои длабоко во нивната заднина и оттаму ги влече конците на настаните што се одигруваат на светската сцена.

Овде сме соочени со феномени од областа на надрационалното и ако не бидеме библиски, и единствено библиски подготвени да поделиме мегдан со нив, ќе нè голтне нивното мракобесие. Зошто инсистираме на библиска подготовка? Од проста причина. Науката е немоќна тука да ни помогне. Само и единствено Библијата го разоткрива спиритизмот како феномен и пеколните намери на сатаната што планира да ги спроведе со негова помош – светот да го прелаже со најголемата лага во историјата на вселената, да го стави под свое знаме во последната битка против Христа и неговиот верен народ кој ги држи неговите заповеди и празнува сабота, и да го фрли во последен очај, во амбис од кој нема излез.

Pin It on Pinterest