Атеросклерозата е болест во која поради одредени причини се наталожуваат масни наслаги на ѕидовите на крвните садови во нашето тело. Овие наслаги го стеснуваат пречникот на крвните садови и со тоа оневозможуваат правилен доток на крв до сите ткива и органи. Доколку наслагите се многу големи, т.е пречникот на крвниот сад е многу стеснет-мал тоа може да доведе до сериозни последици по нашето здравје и во краен случај до срцев/мозочен удар. Денес сè повеќе се прават истражувања во кои се набљудува како исхраната влијае на процесите кои се случуваат во телото на лице кое има атеросклероза, и според резултатите од некои студии може да се каже дека атеросклерозата е реверзибилен процес и во многу случаи е скоро сосема излечлива.

 

Што е причината за појава на атеросклерозата?

Иако како и за секоја друга болест причините не се целосно разјаснети, сепак во најголем дел од случаите, атеросклерозата се должи на лошата исхрана и на физичката неактивност. Во САД секој четврти од десет Американци  страда од коронарни болести. Западната исхрана се темели на масна и процесирана храна, комбинирана со седечки начин на живот што претставува најголема причина за големата стапка на појава на ваквите болести во САД.

 

Дали срцевата болест е излечлива?

Во едно медицинско списание уште во 1990 година биле објавени резултати од една студија. Целта на студијата била да се испита влијанието на различни типови на исхрана врз атеросклерозата.

Испитаниците кои учествувале во истражувањето биле поделени на две групи и тоа: едната група се хранела на вегетаријански начин, без холестерол, и притоа мастите претставувале само 10% од дневниот енергетски внес. Другата група се хранела според диетен план составен од Американската асоцијација за срце, кој содржел до 300мг холестерол дневно, а редукцијата на масти не била толку голема.

По една година резултатите биле следни: групата која била на вегетаријанска исхрана со малку масти покажала редукција на LDL за 37%, а нивните стеснети крвни садови се прошириле во просек за 82%; кај другата група која се хранела според диетата на Американската асоцијација за срце, не покажала намалување на холестеролот, ниту подобрување кај наслагите на крвните садови.

 

Наједноставни совети за превенција и третман на атеросклерозата.

  • Јадете храна која не содржи многу масти, т.е. храна од растително потекло, и притоа не додавајте многу масло при готвењето.
  • Наместо нездрав десерт, послужете се со чинија свежо и суво овошје.
  • Вежбајте редовно, и пијте доволна количина на вода.
  • Исфрлете ги млечните производи од исхраната или барем заменете ги со нискомаслени.
  • Масните меса заменете ги со мешункасти плодови.
  • Не купувајте и не чувајте дома „нездрави“ искушенија – слатки и масни грицки, за да не посегнете по нив.
  • Јадете големи количини на свежо овошје и зеленчук, бидејќи е докажан нивниот антивоспалителен ефект кој делува превентивно на кардиоваскуларните болести. Доколку ваквите болести се веќе пристутни – антиоксидантите, влакната и останатите фитонутриенти присутни во овошјето и зеленчукот делуваат така што го намалуваат ризикот од компликации и го забрзуваат процесот на лекување, т.е. на санирање на штетите предизвикани од ваквите болести (отстранување на масните наслаги, намалување на воспалението…).
  • Користете интегрални, наместо рафинирани житарки.
  • Покажана е корелација помеѓу внес на животински протеини и зголемување на ризикот од смрт како последица од кардиоваскуларни болести – па затоа внимавајте при консумирање на животински производи т.е. максимално избегнувајте ги.

Pin It on Pinterest