Детско духовно катче

И Му донесуваа дечиња, за да ги допре, а учениците ги укоруваа.
А кога Исус го виде тоа, негодуваше и им рече: „Оставете ги дечињата да дојдат при Мене; не им бранете; зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!  Вистина ви велам, кој не го прима Божјото Царство како мало дете, нема да влезе во него.”  И ги прегрна и ги благослови, положувајќи ги рацете врз нив.
(Евангелие по Марко 10:13-16 ; Библија)

И повика дете при Себе, го постави среде нив  и рече: „Вистина ви велам, ако не се обрнете и станете како деца, нема да влезете во царството небесно.  И затоа, кој ќе се понизи себеси како ова дете, тој е поголемиот во царството небесно.  И кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима.  А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина.

”Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата.
(Евангелие по Матеј 18:2-6; 10) Библија

Приказни за деца

Бидејќи луѓето за непознатото можат да научат само со посредство на познатото, неопходно е небесните поими да бидат прикажани преку овоземските. Тоа било метод на самиот Господ Исус Христос, кој големите Божји вистини ги објаснувал преку познатите секојдневни поими – одлично познати на луѓето околу него. Исус се служел со примери од природата и животните искуства на своите слушатели ги поврзувал со вистините од Божјиот Збор, водејќи ги на тој начин нивните мислите од природното кон духовното. Начинот на поучување со посредство на приказни со преносно значење било популарно и ценето низ вековите. Исус неможел да избере поуспешен и поделотворен метод на поучување. Користејќи се со Исусовиот метод, ви го претставуваме овој серијал со приказни за деца. Се надеваме дека овие едноставни, впечатливи и живописни приказни ќе бидат мост за многу дечиња да дојдат до вистините запишани во Библијата, вистини кои се од вечни вредности.

„И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ.“
(Ефесјаните 6:4 ; Библија)

25 Библиски стихови на памет

Исус рекол:
„Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде.“
(Јован 15:7 ; Библија)

Да ги имаме Исусовите зборови во нас значи дека тие играат централна улога во нашиот живот. Но, тоа не е случај само со зборовите кои Исус ги изговорил, туку и со целиот Божји Збор – Библијата. Тоа значи постојано да го читаме Божјиот Збор, да размислуваме и да се молиме за она што го читаме и да му дозволиме на Бог да ни помага да живееме во склад со тоа. Но постои и уште еден многу важен аспект кој се однесува на тоа Исусовите зброви да „останат во нас“, а тоа е учењето на Библиските стихови на памет.

Еден од најважните аспекти на еврејското образование во минатото, било учење на Божјите зборови на памет. Историјата ни потврдува дека и многу други христијани низ историјата го применувале ова начело. Со сигурност знаеме дека таков бил случајот со Валденжаните, кои напамет учеле големи делови од Библијата. Користејќи ги овие принципи тие се обиделе да ги втиснат Божјите зборови во срцата на младите. Од најраното детство младината била запозната со Библијата и била поучувана да гo сметаат за свет Библискиот текст. Копии на Библијата биле реткост, па според тоа им останувало нејзините драгоцени зборови да ги учат напамет – „да ја поседуваат Библијата внатре во себе“. Мнозина биле во можност да рецитираат големи делови од Стариот и од Новиот Завет. Не е ни чудо што овие мажи, жени и деца биле духовни џинови. Божјиот Збор бил врежан во нивните срца и умови и тоа им давало сила да останат верни на Бога, дури и во најтешките ситуации низ кои поминале.

Издвојуваме 25 Библиски стихови (или делови од стихови) за деца, кои можат лесно да се запамтат и повторуваат. Доколку вашите деца се помали, користете и невербален говор (покажување со рацете, мрдање со делови телото, користење мимики…) за да можат полесно да запамтат.

„Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него.“
(Изреки 22:6 ; Библија)

Боенки со Библиски мотиви

Со развојот на технологијата, изгледа како боенките да се повлекоа од процесот на учење кај децата. Иако боење на слики може да изгледа како еднставна задача, сепак постојат толку многу бенефити за развојот на децата, токму преку нивното ангажирање во процесот на боење.

Ќе наброиме само дел од нив:
1) Развој на прецизна моторика: Боењето им помага на деца да развијат добро држење со прстите. Тоа создава можност да вежбат држење на моливот на исправен начин и помага во развојот на фините моторички мускули на нивните раце, дланки и прсти.

2) Концентрација: Должината на детската концентрација се развива и подобрува со текот на времето. За боењето е потребна добра концентрација и ваквото фокусирање на една задача може да му помогне на детето да ја развие концентрацијата на сите нивоа.

3) Распознавање на боите: Боењето како активност поттикнува свесност за боите. Користејќи различни бои им овозможува на децата прилика да истражуваат различни комбинации и им дозволува да видат како можат да го променат изгледот на сликата.

4) Координација помеѓу очите и раката: Како што детето се обидува да бои во определеното поле со одредена боја, така се развива неговата координација помеѓу очите и раката. Кога децата за прв пат ќе почнат да бојат, тие ќе имаат потешкотија за да се задржат во внатрешноста на линиите, но како што ќе продолжат, нивната вештина ќе се подобрува. Кога ќе го усовршат тоа, ќе стекнат чувство на достигнување.

5) Чувство на достигнуање: Сите ние треба да ја користиме секја можна прилика за да им укажеме на децата дека се вредни и да им помогнеме во изградбата на нивната самодоверба. Кога ќе успеат да обојат некој цртеж така што ќе изгледа естетски убаво, тогаш не треба да бидеме скромни во изразувањето на нашето воодушевување. Самото тоа може да помогне во нивниот позитивен развој и нивната личност.  

6) Креативност: Боењето стимулира креативно размислување. Додека бојат на цртежи со различен стил, тие самите ќе можат да развијат сопствен стил на цртање. Друг многу важен аспект е дека децата со текот на времето, пред да почнат да бојат некоја боенка ќе научат да планираат, да одлучуваат кои бои каде ќе ги искористат и по кој редослед да го обават боењето. Како што нивната самодоверба ќе расте, ќе се впуштаат во ризик и во експериментирање со бои, текстури и специјални ефекти нацртани со молив или фломастер.

Меѓутоа, бенефитите не завршуваат овде доколку боенките на кои ќе се бои се со нацртани Библиски мотиви. Децата ќе имаат одлична можност да ги осознаваат Библиските извештаи, на еден интересен, креативен, живописен начин. Додека детето го бои цртежот, родителот или некој друг може да му го чита Библискиот извештај кој стои позади тој цртеж, може да извлекува разни духовни поуки и заклучоци, соодветни за возраста на детето. Најважно од сè е тоа што детето ќе биде свесно за Божјото постоење, Божјата љубов кон луѓето, смислта на животот, вечниот живот што Исус му го има подарено на секој човек…, и на еден и на еден интересен начин ќе биде под влијание на Библиските духовни вредности кои се неопходни за правилно развивање на неговиот карактер. Издвојуваме кратки текстови кои претставуваат прераскажување на Библискиот извештај прилагодено за деца, додека истовремено е наведен изворот на тој извештај. За секој таков текст се поставени по неколку боенки. На вас останува само да ги испечатите оние боенки кои мислите дека се соодветни за вашето дете и да го започнете процесот на креативно и интересно проучување на Библијата со вашето дете.

…зашто од детството ги познаваш Светите Писма, кои можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса.
(2 Тимотеј 3:15 ; Библија)

Pin It on Pinterest