И така, верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово.
(Римјаните 10:17 ; Библија)
А Тој (Исус) рече: „Уште повеќе се блажени оние, кои го слушаат Божјото слово и го пазат.”
(Лука 11:28 ; Библија)
„Еве, доаѓаат денови – говори Господ Бог – кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа.
(Амос 8:11 ; Библија)
Блажен е кој чита и блажени се кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу.
(Откровение 1:3 ; Библија)
Новиот завет на македонски (аудио)
И покрај сè споменато, „конзумирањето“ на Библијата преку слушање има свои предности кои значително можат да ни помогнат во нашиот духовен раст и заедница со Бога. Иако слушањето на Библијата неможе да го замени читањето, сепак постојат уникатни придобивки кои ги нуди Библијата во аудио формат. Слушањето на Божјиот Збор со сигурност ќе ни биде едно прекрасно искуство и надоградување на она што сме го читале. При слушањето со сигурност ќе забележиме одредени детали кои можеби сме ги пропуштиле додека сме читале. Мнозина пак прметиле дека слушањето имало таков ефект на нив да можат да ја видат поголемата слика од Библискиот текст, восприемајќи ги повеќето стихови и поглавја од една Библиска книга како една целина.
Слушањето на Библијата е неспоредлива замена за лицата кои имаат проблеми со видот и со читањето, како и за болните и изнемоштените. Со сигурност е одлична за оние кои полесно памтат преку слушање, отколку преку читање; но и за сите луѓе кои практикуваат учење на Библиски стихови на памет. Најкорисната активност која можеме да ја правиме додека (се) возиме, особено додека сме заглавени во сообраќаен метеж и губиме драгоцено време затворени во автомобил или автобус, е токму слушањето на Библијата. Тоа е случај и при вршењето на секојдневните рутински активности по дома, како и при шетањето во природа додека се воодушевуваме на Божјата љубов изразена преку неговото дело на создавање. Би требало да бидеме многу благодарни на Бог што сме благословени со Новиот завет во аудио формат на македонски јазик.
Стариот и новиот завет на српски (аудио)
НАПОМЕНА: Поставувањето на Стариот завет на српски јазик е само и само од практични причини (без никаква агенда или фаворизирање). Наша огромна желба е што е можно повеќе луѓе во Македонија да имаат можност да ја слушаат Библијата на јазик кој што го разбираат. Во случајов ја поставуваме Библијата на српски јазик, како јазик кој го разбираат најголем процент од луѓето што живеат во Македонија, после македонскиот.
Патот кон Христа – АУДИО
Едно е да се знае за Исус, а сосема друго е да се биде со Исус. Досега не сме сретнале (се разбира, доколку не ја сметаме Библијата) друга книга која така непогрешливо објаснува како да се биде христијанин, на толку едноставен начин, разбирлив за секого. Таа ги насочува нозете од сомневање и колебливост кон патеката на мирот. Го води оној кој бара праведност и светост на карактерот, чекор по чекор на патот на христијанскиот живот, до такво искуство каде што ќе може да ја спознае полнотата на благословот кој се наоѓа во целосното предавање на себеси во Христовите прегратки. Ја открива тајната на победата која што се наоѓа во едноставноста на спасителната благодат и сила на најголемиот Пријател на целото човештво – Исус. Оваа малечка книга ќе ви помогне да ги составите сите парчиња на сложувалката заедно и да научите како секојдневно да чекорите со Исуса кој вели: „Јас дојдов за да дадам живот – и тоа живот во сета негова полнота.“ (Јован 10:10 ; Библија)
Издвојуаме два пасуси од оваа малечка, но толку содржајна книга:
„Има такви кои тврдат дека му служат на Бога иако сакаат сами, со своја сила, да го држат Божјиот закон, да изградат праведен карактер и да си осигурат спасение. Нивните срца не се поттикнати со длабоко разбирање на Христовата љубов, туку обврските на христијанскиот живот ги исполнуваат како услови што им ги поставил Бог за да можат да го добијат небото. Таквата религија нема никаква вредност. Кога Христос живее во срцето, душата се исполнува со неговата љубов и се радува што ужива негова заедница и единство со него. Тогаш, гледајќи го него, ќе заборави на себе. Љубовта кон Христа ќе биде извор на дејствување. Оние што ја чувствуваат силата на Божјата љубов не прашуваат на кој начин со што помалку труд би можеле да се задоволат Божјите барања; тие не бараат најниски мерила, туку имаат цел да бидат во совршена хармонија со волјата на својот Откупител…. Признавањето на Христа без таква длабока љубов е празно прикажување, сув формализам, тежок јарем.“
„Животот во Христа е живот полн со спокојство. Можеби во него нема да има занес на чувствата, но ќе има постојана, спокојна доверба. Вие не се надевате во себе туку во Христа. Вашата слабост е соединета со неговата сила, вашето незнаење со неговата мудрост, вашата кревкост со неговата издржливост. И така, не треба да гледате на себе, не треба да се занимавате со себе, туку гледајте на Христа. Вашите мисли нека се занимаваат со неговата љубов, со убавината и со совршенството на неговиот карактер. Христос со своето самооткажување, Христос со своето понижување, Христос со својата чистота и светост, Христос со својата неспоредлива љубов – тоа е тема за која треба да размислува вашата душа. Сакајќи го него, следејќи го него, потпирајќи се потполно на него, вие ќе се преобразите и ќе станете слични на него.“
МИСЛИ ОД ГОРАТА НА БЛАЖЕНСТВАТА (АУДИО)
Еден од најпознатите и највпечатливи Исусови говори е т.н. „Проповед од гората на блаженствата“. Додека Исус ги изговарал овие зборови, се чинело како за момент да заборавил дека се наоѓа на земјата, а не на небото. Блаженствата се всушност Исусов поздрав не само до оние кои веруваат, туку до целото човечко семејство. Упатени до човечкиот род за да им бидат закон на должноста и светлина од небесата, нивна надеж и утека во очај, нивна радост и пријатност во сите перипетии и сфери на животот.
Христос нè остава без сомнеж за особините на карактерот што Тој секогаш ќе го препознае и благослови. За разлика од светот кој ги презира, Исус се свртува и ги возвеличува сиромашните по дух, кротките, понизните, тажните, презрените, прогонетите… Додека Исус ја набљудува мизеријата на светот, во него не се наоѓа ни сенка на жал затоа што го создал човекот. Во човековото срце Тој гледа многу повеќе од грев, многу повеќе од беда. Во Својата бесконечна мудрост и љубов Исус го гледа потенцијалот на човекот, висината до која може да достигне. Тој знае дека, иако човековите суштества ја злоупотребиле милоста која им е дадена и го уништиле Божјото достоинство кое го имале, сепак Создателот ќе се прослави преку нивното откупување.
Во текот на сите времиња, зборовите што Исус ги изговорил на планината на благословите ќе ја задржат својата моќ. Секоја реченица е скапоцен бисер од богатството на ризницата на вистината. Принципите изнесени во оваа проповед се безвременски, за сите генерации, за сите класи на луѓе. Додека Исус се обраќа на големото мноштво, Тој всушност се обраќа на целото човештво изразувајќи ја својата вера и надеж дека живеејќи го животот на Животодавецот – преку вера во Него, секој човек може да ги достигне стандардите содржани во Неговите зборови.
Песни за славење на Бог
Библијата е полна со стихови во кои се изразени најдлабоки копнежи и најрадосни воскликнувања во прославување на Бога:
Запејте Му на Господ песна нова, запеј Му на Господ, цела Земјо! Пејте Му на Господ, благословувајте го името Негово, благовестете го од ден на ден спасението од Него;
(Псалм 96:1-2 ; Библија)
Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сè додека постојам.
(Псалм 104:22 ; Библија)
Дојдете да Му пееме на Господ и да воскликнеме кон Карпата на нашето спасение! Да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме,
(Псалм 95:1-2 ; Библија)
Фалете Го Господ, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе, зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и верноста Господова пребива вечно. Алилуја!
(Псалм 117: 1-2 ; Библија)
Воскликнувајте, небеса, зашто Господ го направи тоа! Запејте, земни длабочини! Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори, со сите свои дрва!…
(Исаија 44:23 ; Библија)
Го прославувам Господа поради правдата Негова и Му пеам на името на Господ, Севишниот.
(Псалм 7:17 ; Библија)
А јас ќе ја опејам Твојата сила и наутро ќе ја прославувам Твојата милост, зашто Ти ми стана засолниште и прибежиште во ден на неволја. О моја Сило, со песна ќе Те славам, зашто Ти си Боже, моја заштита, мој Бог, Кој ме милува.
(Псалм 59:17 ; Библија)
Поткренете ги врати своите надвратници, кренете се вечни порти, да влезе Царот на Славата! Кој е тој Цар на Славата? моќниот и силниот Господ, Господ силен во бој! Поткренете ги врати вашите надвратници, кренете се вечни порти, да влезе Царот на Славата! Кој е тој Цар на Славата!? Господ над Воинствата – Тој е Цар на Славата!
(Псалм 24:7-10 ; Библија)
И видов нешто како стаклено море, измешано со оган, и оние кои го победија Ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име, – стоеја на стакленото море и имаа Божји китари, и ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи се и прекрасни Твоите дела Господи Боже, Сèдржителу! Праведни и вистински се Твоите патишта – Цару на народите. Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет; сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, зашто се покажаа Твоите праведни судови!”
(Откровение 15:2-4 ; Библија)