(продолжува од претходниот ден) Ниту една друга установа што им е доверена на Евреите не ги изделувала во толкава мера нив од околните народи како саботата. Бог одредил нејзиното почитување да ги именува како негови почитувачи. Таа требало да биде знак на нивното изделување од идолопоклонството и на нивната врска со вистинскиот Бог. Меѓутоа, за да биде саботата света, луѓето сами мора да бидат свети. Со вера мора да станат учесници во Христовата праведност. Кога му е издадена заповед на Израел: „Сеќавај се да го празнуваш саботниот ден“, Господ исто така им рекол: „Ќе ми бидете свет народ“ (2. Мојсеева 20,8; 22,31). Само на тој начин саботата можела да ги обележи Израелците како народ кој му служи на Бога.

Кога Евреите се одвоиле од Бога, пропуштајќи Христовата праведност со вера да ја сторат своја праведност, саботата за нив го загубила своето значење. Сатаната настојувал да се извиши себеси и да ги одвлече луѓето од Христа, па се трудел да ја изопачи саботата затоа што таа е знак на Христовата моќ . Еврејските водачи ја извршувале волјата на сатаната, опкржувајќи го Божјиот ден за одмор со тешки барања. Во Христово време саботата станала толку изопачена, што нејзиното почитување побргу го одразувало карактерот на себичните и самоволни луѓе отколку карактерот на небесниот Отец полн со љубов. Всушност, рабините Бога го претставувале како Оној кој дал закони што луѓето не можат да ги почитуваат. Народот го наведувале Бога да го смета за тиран и да мисли дека празнувањето на неговата сабота луѓето ги прави тврдокорни и сурови. Христова задача била да ги отстрани овие погрешни сфаќања. Иако рабините го следеле со немилосрдно непријателство, кај него не се видело дека се приклонува кон нивните барања, туку одел право напред, празнувајќи ја саботата сообразно со Божјиот закон.

Еден саботен ден, кога Спасителот со своите ученици се враќал од местото каде што се одржувало богослужение, поминувале низ поле со зрело жито. Исус продолжил со својата работа при што денот поодминал па, поминувајќи низ полињата, учениците почнале да собираат класје и, откако ги истриле со раце, почнале да јадат зрна. Во кој било друг ден овој чин не би предизвикал никаква забелешка, зашто човек, поминувајќи низ житно поле, низ овоштарник или лозје, можел слободно да скине што сакал да јаде (види: 5. Мојсеева 23,24.25). Меѓутоа, да се стори тоа во сабота се сметало за чин на обесветување. Кинењето на класје не само што било некој вид жетва, туку и триењето на класјето со раце била еден вид вршидба. Според мислењето на рабините, со тоа е направен двоен грев.

Шпионите веднаш му се пожалиле на Исуса велејќи: „Ете, учениците твои прават нешто што не е дозволено да се прави во сабота.“

Кога бил обвинет за прекршок на саботата во Витезда, Исус се одбранил потврдувајќи дека е Божји Син и изјавувајќи дека работи согласно со Отецот. Сега, кога се нападнати учениците, Тој на обвинителите им наведува примери од Стариот завет, дела што ги вршеле Божјите слуги во сабота.

Еврејските учители се гордееле со своето познавање на Писмата, а одговорот на Спасителот содржел прекор поради нивното непознавање на светите списи. „Зар не сте читале“, рекол, „што стори Давид кога огладне со своите придружници, како влезе во Божјиот дом, ги зеде поставените лебови и јадеше, кои никому не му е дозволено да ги јаде освен свештениците, и им даде на оние кои беа со него?“ „И им рече: ‘Саботата е создадена заради човекот, а не човекот заради саботата.’“ „Зар не сте читале во законот дека во саботни денови свештениците во храмот ја кршат саботата и пак не се виновни? Но јас ви велам дека овде е Некој поголем од храмот!“ „Зашто Синот човечки навистина е господар на саботата“ (Лука 6,3.4; Марко 2,27.28; Ма теј 12,5.6.8).

Ако било право Давид да го задоволи својот глад јадејќи леб што бил изделен за света употреба, тогаш било во ред апостолите да ги задоволат своите потреби со кинење на класје во текот на светите часови. Уште повеќе, поголемиот дел од службата во храмот свештениците ја извршувале во сабота, а не во другите денови. Истата служба во световните работи би била грешна, но работата на свештениците била служба на Бога. Тие вршеле обреди што укажувале на откупителската Христова моќ и нивната работа била сообразена со целта на саботата. Меѓутоа, сега дошол Христос. Учениците, извршувајќи го Христовото дело, биле вработени во Божјата служба, и она што е неопходно за извршување на ова дело било исправно да се прави во саботен ден. (продолжува)

Pin It on Pinterest