(продолжува од претходниот ден) Таму се води и извештај за човечките гревови. „Зашто сите скриени дела Бог ќе ги изнесе на судот и секоја тајна, било добра или лоша“ (Проповедник 12,14). Спасителот рекол: „А јас ви велам дека за секој празен збор што ќе го изговорат луѓето ќе одговараат на судниот ден; зашто по вашите зборови ќе бидете оправдани и по вашите зборови ќе бидете осудени“ (Матеј 12,36.37). Тајните намери и побуди се наоѓаат во непогрешниот извештај, зашто Бог „ќе го изнесе на виделина она што е скриено во темнина и ќе ги обелодени намерите на нашите срца“ (1. Коринќаните 4,5). „Еве, сè е напишано пред мене… вашите беззаконија и беззаконијата на вашите татковци сите заедно вели Господ“ (Исаија 65,6.7).

Секое човечко дело ќе биде подложено на испитување пред Бога и ќе биде забележано како верност или неверност. Покрај сечие име во небесните книги со вчудовидена точност ќе биде запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, како и секое лицемерство; занемарените опомени и укори што ни ги праќа Небото, напразно потрошеното време, неискористените прилики, нашето влијание на добро или лошо, со своите далекусежни последици сето тоа верно го запишал ангелот записничар.

Божјиот закон е мерило според кое на судот ќе се мери животот и карактерот на секој човек. Проповедникот кажува: „Бој се од Бога и држи ги неговите заповеди, зашто тоа е суштината за човекот. Бидејќи сите скриени дела Бог ќе ги изнесе на судот, и секоја тајна, било добра или лоша“ (Проповедник 12,13.14). Апостол Јаков ги предупредува своите браќа: „Така зборувајте и така постапувајте како луѓе кои ќе бидат судени според Законот на слободата“ (Јаков 2,12).

Оние за кои ќе се утврди на судот дека се достојни, ќе имаат удел во воскресението на праведниците. Исус рекол: „А оние кои ќе бидат достојни да го придобијат оној свет и воскресението од мртвите… се како ангелите, и Божји синови се, зашто се синови на воскресението“ (Лука 20,35.36). И пак вели: „Оние што правеле добро ќе воскреснат за живот“ (Јован 5,29). Мртвите праведници нема да воскреснат додека не се заврши судот на кој ќе бидат прогласени достојни да „воскреснат за живот“. Според тоа, тие нема да бидат присутни лично на судот кога ќе се испитува извештајот за нивниот живот и кога ќе се решава нивниот случај.

Исус ќе дојде како нивни застапник пред Бога да се заземе за нив. „А ако некој згреши, имаме Застапник кај Отецот праведникот Исус Христос“ (1. Јованово 2,1). „Зашто Христос не влезе во ракотворено Светилиште, кое е само одраз на вистинското, туку во самото небо за да се јави сега пред Божјето лице за нас.“ „Затоа и може да ги спасува за вечни векови оние кои преку него доаѓаат кај Бога, зашто Тој секогаш живее за да се застапува за нив“ (Евреите 9,24; 7,25).

Кога ќе се отворат судските книги, пред Бога ќе се испита животот на секого кој верувал во Исуса. Нашиот Застапник ќе почне прво со оние што живееле на земјата на почетокот, потоа ќе оди понатаму од поколение на поколение, и најпосле ќе заврши со живите. Ќе биде спомнато сечие име, ќе биде точно испитан случајот на секој поединец. Некои имиња ќе бидат примени а некои отфрлени. Во книгите ако се најдат нечии гревови кои не се ниту признати ниту простени, нивните имиња ќе бидат избришани од книгата на животот, а извештајот на нивните добри дела ќе се избрише од „книгата за спомен“. Господ му рекол на Мојсеја: „Оној што ми згрешил ќе го избришам од мојата книга“ (2. Мојсеева 32,33).

А пророкот Езекил вели: „А праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно… ќе биде ли жив? Сите негови добри дела што ги правел нема да бидат спомнати“ (Езекил 18,24).

Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано „помилуван/а“. Бидејќи станале учесници во Христовата праведност и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот. Господ кажува преку пророкот Исаија: „Јас, јас сам ги бришам твоите престапи заради самиот себе и твоите гревови нема да ги спомнувам“ (Исаија 43,25). Исус рекол: „Оној кој победува, ќе биде облечен во бела облека и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред мојот Отец и пред неговите ангели.“ „Секој кој ме признава мене пред луѓето, ќе го признаам и јас него пред Отецот кој е на небесата, а кој ќе се откаже од мене пред луѓето, и јас ќе се откажам од него пред мојот Отец кој е на небесата“ (Откровение 3,5; Матеј 10,32.33).

И најживото интересирање на луѓето за одлуките на земните судови претставува само бледа слика на огромниот интерес што владее за работата на небесниот суд кога имињата од Книгата на животот се појавуваат пред Судијата на цела Земја. Божествениот Посредник ќе побара да им бидат простени престапите на сите кои победиле со вера во неговата крв и потоа да бидат вратени во својот едемски дом, крунисани како сонаследници заедно со Него над својата „прва власт“ (Михеј 4,8). Со своите напори да го измами и искуша човечкиот род, сатаната планирал да го осуети божествениот план при создавањето на човекот; но сега Христос се моли овој план да се оствари така како човекот никогаш да не згрешил. Тој за својот народ не бара само целосно проштавање и оправдување, туку и учество во својата слава и место на својот престол. (продолжува)

Pin It on Pinterest