(продолжува од претходниот ден) Христос се радувал поради сериозната желба на Марија да ја изврши волјата на својот Господ. Го прифатил богатството на чистите чувства што неговите ученици не ги разбрале и не би ги разбрале. Таа желба со која Марија морала да ја изврши оваа служба за својот Господ имала поголема важност од сите скапоцени масла на светот затоа што таа ја изразувала нејзината почит кон Спасителот на светот. Тоа била љубовта Христова што ја гонела. Нејзината душа ја исполнувало неспоредливото совршенство на Христовиот карактер. Тоа миризливо масло било симбол на срцето на дарителот, надворешен израз на љубовта напојувана од небесните потоци сè додека не се излеала.

Делото на Марија било токму онаа поука што на учениците требало да им покаже дека на Христа би му бил пријатен показот на нивната љубов. Тој ним им бил сè и тие не разбрале дека наскоро ќе бидат лишени од неговото присуство, дека наскоро не ќе можат да му подарат ниту еден дар на својата благодарност за неговата голема љубов. Христовата осаменост, неговата одвоеност од небесните дворови, тоа што живеел како човек меѓу луѓето, учениците никогаш не го сфатиле или не го ценеле колку што би требало. Често бил ожалостен затоа што учениците не му го давале она што требало да го прими од нив. Знаел дека и тие би сфатиле кога би биле под влијание на небесните ангели кои го придружувале оти никаква жртва, колку и да е голема, не би била толку вредна за да ги покаже духовните чувства на срцето.

Нивното дополнително сознание им дало вистински увид во тоа што сè можеле да сторат за Исуса изразувајќи му ја љубов та и благодарноста на своите срца додека биле крај него. Кога Исус не бил повеќе со нив и кога навистина се чувствувале како овци без пастир, тие почнале да увидуваат како можеле да му покажат внимание што би му донело радост на неговото срце. Не ја обвинувале веќе Марија, туку себеси. Но кога би можеле да ги повлечат своите приговори, своето погрешно мислење според кое дар треба да примат прво сиромасите а потоа Христос! Чувствувале жесток само прекор додека го симнувале ранетото тело на својот Господ од крстот.

Истата потреба се гледа денеска и во нашиот свет. Малку се оние што правилно го ценат сè она што е Христос за нив. Кога би постапувале така, тогаш би се покажала големата љубов на Марија, и на Христа би му се подарило изобилно помазание. Скапоценото миризливо масло не би се сметало за пропаднато. Ништо не би се сметало за премногу драгоцено да му се подари на Христа, никакво самооткажување и самопожртвуваност премногу големи за да поднесат за него.

Зборовите изговорени во гнев: „Зошто вакво растурање?“ живо му ја предочиле на Христа најголемата жртва што кога и да е е принесена дарот на самиот себе на жртва помирница за загубениот свет. Господ бил толку дарежлив кон своето човечко семејство, што за него не може да се каже дека можел да стори повеќе. Дарувајќи го Исуса, Бог го подарил целото небо. Од човечка гледна точка, таквата жртва претставува немилосрдно растурање.

Од човечка гледна точка, целокупниот план на спасението претставува растурање на благодатта и на средствата. Насекаде се среќаваме со самооткажување и со сесрдна жртва. Небесната војска навистина може со чудење да го набљудува човечкото семејство што не сака да биде издигнато и збогатено со безграничната љубов покажана во Христа. Тие навистина можат да извикнат: „Зошто олку големо растурање?“

Меѓутоа, откупот за загубениот свет требало да биде полн, изобилен и целосен. Христовиот дар бил толку обилен што стигнал до секоја душа што ја создал Бог. Тој не можел да се ограничи така за да не го пречекори бројот на оние што ќе го прифатат големиот Дар. Сите луѓе не се спасени, а сепак планот на спасението не е растурање затоа што не го постигнува сè она што великодушно е обезбедено со него. Мора да има доволно, дури и да престигне.

Домаќинот Симон бил под влијание на приговорот на Јуда кон дарот на Марија и бил изненаден со Исусовото однесување. Неговата фарисејска гордост била повредена. Знаел дека мнозина од неговите гости Христа го гледаат со недоверба и со незадоволство. Симон рекол во своето срце: „Да е овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира дека е грешница.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest