Бог работел преку Елена Вајт и не сакал тоа да помине незабележително. Затоа Тој ја изразил својата боженствена сила на впечатливи начини – посебно на почетокот на нејзината служба, пред да постоеле доволно долгорочни докази за нејзината полноважност. Размислете, на пример, за нејзината физичка состојба во текот на визиите, во споредба со состојбата на библискиот пророк Даниел, како што е напишано во Даниел 10-та глава.


Даниел низ неговата визија го водел „еден човек облечен во лен“ (стихови 5,6).
Елена Вајт зборувала за својот „водич“ и „ ангел“ или „ангел весник“ или „младич“  кој ја водел низ нејзините визии.

 

Даниел „останал сам“ (стих 8), несвесен од своето опкружување, во состојба налик на транс. Елена Вајт била „целосно несвесна за сè што се случува во нејзината близина“.

 

Даниел најнапред изнемоштел, а потоа му е дадена сила да стои (8,11,18). Елена Вајт често привремено ја губела својата сила и седнувала, а подоцна добивала сила да стои.

 

Даниел кажал: „во мене нема сила, и останав без здив“ ( стих 17). Елена Вајт не дишела додека имала визии, што понекогаш траело и до три часа! Често во текот на јавното добивање на визиите, секој што сакал можел да ја прегледа. Др. Драмонд, локалниот лекар кој еднаш изјавил дека нејзините визии се производ на месмеризмот, веднаш ја искористил првата прилика да ја прегледа додека имала визија. По деталното испитување, пребледел и изјавил: „таа не дише“. Скептиците и ги затворале и носот и устата, па дури ѝ ставиле огледалце пред нејзината уста и нос додека имала визија, за да се уверат дека не се замаглува (т.е. дека со сигурност не дише).

Во друга прилика, докторот Браун тврдел дека нејзините визии се производ на спиритизмот и дека тој може да управува со нив.  Кога се укажала таква можност, др. Браун ја прегледал Елена Вајт, но пред крајот на тој преглед, тој пребледел и почнал да се тресе изјавувајќи: „таа не дише“. Се наежил пробивајќи се до вратата. Луѓето кои стоеле на вратата рекле: „Ајде, направете го она што сте кажале дека ќе го направите и запрете ѝ ја визијата“. Но докторот, очигледно преплашен, ја зграпчил кваката на вратата. „Што се случува докторе?“ биле упорни луѓето на вратата. „Само Бог знае“, одговорил. Но, колку и да е драматичен овој извештај, тој не е ни близу до драмата на самите визии. Да го насочиме сега нашето внимание на некои од нејзините исклучителни визии.

 

Визии кои го менуваат животот

Изненадувачки, во една визија, на Елена Вајт ѝ биле откриени настаните во врска со граѓанската војна која претстоела. Во времето на оваа визија, пукањето во Форт Суметра, кое го одбележало почетокот на војната, било уште три месеци во иднината. По оваа визија, Елена Вајт свечено погледнала низ собата и изјавила: „Во оваа куќа има и такви кои ќе ги изгубат своите синови во војната“.  Ова бил посебно значаен факт сред преовладувачкото чувство и на север и на југ дека малку е веројатно да дојде до војна, а и ако дојде, таа ќе биде кратка и ќе има само мали загуби. Нејзините детални предвидувања биле зачудувачко точни.

Во визиите често биле откривани некои исклучително лични информации. Додека било во Овсег, Њујорк во 1850-та година, семејството Вајт водело евнгелски состанок. Благајникот од таа област, кој бил проповедникот-лаик, јавно го понижил Џејмс Вајт. Тоа довело до забуна кај еден млад пар кои присуствувале на овие состаноци. Тие отишле кај Елена барајќи објаснување. Во визија, Елена видела дека загрижениот пар, за месец дена ќе знаат што да веруваат. За месец дена е откриено дека благајникот украл 1000 долари од благајната, а неговиот углед бил уништен. Младиот пар тогаш се зачленил во црквата и тука ѝ останале до крајот на животот.

Во друг случај, во раните 1870-ти, Џејмс и Елена Вајт присуствувале на состанок под шатори во Висконсин. По доцното доаѓање, Џејмс седнал додека Елена се упатила право напред и застанала на говорницата од која проповедал еден човек. Покажувајќи со прст на него, таа рекла дека го слушнала неговиот глас во визија. Продолжила: „Брате, знам една жена во Пенсилванија која има две мали деца. Таа жена те вика маж, а тие деца татко и тие секаде те бараат и никако да те најдат. Тие не знаат каде си. А токму тука постои уште една жена со шест деца кои ѝ се држат за сукњата и таа те вика мажу а тие татко. Брате, ти немаш што да  бараш на таа проповедална!“ Човекот брзо го побарал излезот од шаторот и исчезнал. Неговиот брат останал на состанокот и ја потврдил вистинитоста на зборовите на Елена.

Иако ниту еден од овие знаци и чуда не потврдува апсолутно дека Елена поседувала дар на пророштво, тие секако го привлекуваат вниманието на нејзината служба на таков начин што бараат подлабоко истражување. На пример, денес со помош на науката можеме да видиме долгорочна полноважност на нејзиниот дар. Одново и одново нејзините совети по прашање на здравјето, духовноста, настаните во светот и мноштво други работи се покажале вистинити.

Да погледнеме некои од нејзините совети по прашање на здравјето, кои се докажале како целосно значајни, а кои биле многу пред нејзиното време.

Pin It on Pinterest