(продолжува од претходниот ден) Мнозина, кои не го прифатија неговото мислење во врска со точното време на второто Христово доаѓање, сепак, беа осведочени во сигурноста и во близината на неговото доаѓање и во потребата од подготовка. Во некои големи градови неговите проповеди оставија извонреден впечаток врз народот. Гостилничарите ја напуштаа својата работа и гостилниците ги претвораа во сали за состаноци; коцкарниците се затвораа; се обраќаа неверници, деисти, универзалисти, па дури и пропаднати луѓе, од кои некои со години не стапиле в црква. Разни цркви одржуваа во сите делови на градот молитвени состаноци во секое време на денот. Деловни луѓе се собираа на пладне на молитва и благодарење. Тоа не беше некоја фанатична возбуда, туку умот и срцето на луѓето ги проникна општо свечено расположение. Милеровата работа, слично на работата на реформаторите, делуваше повеќе врз разумот и ја будеше совеста отколку што предизвикуваше возбудување.

Во 1833 година Милер од баптистичката црква, на која ѝ припаѓаше, доби дозвола да проповеда. Многу проповедници на оваа црква го одобруваа неговото дело и со нивно одобрение тој ја продолжи својата работа. Патуваше и постојано проповедаше, но неговата работа главно се ограничуваше на Нова Англија и на централните држави. Повеќе години сам ги плаќаше сите свои трошоци, а ниту подоцна не добиваше толку за да може да го плати сиот патен трошок за патувањето во разни места каде што беше повикан. Неговата јавна работа не само што не му донесе никаква материјална добивка, туку го товареше неговиот имот што во текот на овој период на неговиот живот постојано се намалуваше. Беше татко на големо семејство, но бидејќи сите живееја скромно и беа трудољубиви, тој негов малечок селски имот беше доволен како за неговото, така и за нивното издржување.

Во 1833 година, две години откако Милер почна да ги објавува доказите за скорашното Христово доаѓање, се појави последниот знак што го преткажал Исус за своето второ доаѓање. Исус рекол: „Од небото ќе паѓаат ѕвезди“ (Матеј 24,29). И Јован, гледајќи ги во визија сцените што ќе му претходат на денот Господен, пишува: „И небесните ѕвезди испопаѓаа на земјата, како смоквата што ги исфрла своите незрели плодови кога ќе ја затресе силен ветер“ (Откровение 6,13). Ова пророштво се исполни на видлив и необичен начин со паѓањето на метеори на 13 ноември 1833 година. Тоа беше величествена сцена паѓање на ѕвезди каква што историјата никогаш порано не забележала. „Целиот небесен свод над Соединетите Држави со часови беше во огнено движење. Никогаш во таа земја, откако на неа стапиле нејзините први доселеници, не се појавил природен феномен што едни би го посматрале со толкав восхит, а други со толкав страв и возбуда.“ „Мнозина уште живо се сеќаваат за таа величествена и свечена глетка. Никогаш не постоел толку густ пороен дожд каков што беше паѓањето на метеори тој ден. На исток, на запад, на север и на југ насекаде се гледаше иста слика. Со еден збор, цело небо беше во движење. Таа сцена, како што ја опишува професорот Силиман во своите весници, можеше да се види над цела Северна Америка. Почнувајќи во два часот изутрината, па сè до јасна дневна светлина, небото беше ведро и без облак и на него можеше да се посматра постојана игра на блескотни тела“(R. M. Devens, American Progress ili The Great Events of the Greatest Century, ch. 28, pars. 1-5).

„Перото не може да ја опише таа сјајна глетка… Кој сам не го видел тоа, не може себеси да си ја претстави нејзината убавина. Изгледаше како сите ѕвезди да се собрале во една точка во близината на зенитот, од каде што со брзина на молња летаа на сите страни на хоризонтот, а сепак, нивниот број не се намалуваше; илјадници доаѓаа од правци низ кои веќе поминаа илјадници, како да беа создадени за таа пригода“(F. Reed, in The Christian Advocate and Journal, Dec. 13, 1833). „Не е можно подобро да се претстави тој феномен отколку со сликата на смоквата која, потресена од силен ветер, ги исфрла своите уште зелени плодови (“The Old Countryman,“ in Portland Evening Advertiser, Nov. 26, 1833).

Во њујоршкото списание „Journal of Commerce” од 14. 11. 1833 година излезе долга статија за таа необична појава. Тука пишуваше: „Ниеден филозоф ниту научник, колку што ми е познато, ниту писмено ниту усно, не опишал таков феномен каков што беше вчерашниот. Пред осумнаесет векови еден пророк точно го преткажал, ако под изразот паѓање на ѕвезди подразбираме паѓање на метеори, како што е тоа во буквална смисла единствено можно.“

Така се исполни последниот од знаците на неговото доаѓање за кои Исус им рекол на своите ученици: „Така и вие, кога ќе го видите сето ова, знајте дека е близу, пред врата“ (Матеј 24,33). По овие знаци Јован видел како „небото го снема како свиток кога се смотува; сите гори и сите острови се поместија од своите места“, а грешниците со страв се обидувале да побегнат пред доаѓањето на Синот човечки (Откровение 6,12­17).

Мнозина, кои беа очевидци на паѓањето на ѕвездите, таа појава ја гледаа како весник на судот што ќе дојде како „страшна слика, сигурен предвесник, милостив знак на оној голем и страшен ден“ („The Old Countryman,“ in Portland Evening Advertiser, Nov. 26, 1833). На тој начин вниманието на луѓето беше привлечено кон исполнувањето на пророштвата и мнозина беа поттикнати да обрнат внимание на веста за второто Христово доаѓање. (продолжува)

Pin It on Pinterest