(продолжува од претходниот ден) Кога Франција јавно се откажала од Бога и ја отфрлила Библијата, безбожниците и духовите на темнината се радувале што најпосле ја постигнале толку саканата цел да ја видат земјата ослободена од ограничувањата на Божјиот закон. „Бидејќи нема веднаш осуда за лошите дела, човечкото срце се стреми кон беззаконие“ (Проповедник 8,11). Но престапувањето на еден праведен и свет закон нужно повлекува по себе страдање и пропаст.

Иако казната не доаѓа веднаш по престапот, сепак е сигурно дека таа не изостанува. Вековите на отпадот и злосторствата собирале гнев за денот на одмаздата, и кога се наполнила мерката на нивното беззаконие, презирачите на Бога доцна сфатиле колку е страшно кога ќе се потроши Божјето трпение. Божјиот Дух, кој ја зауздува свирепата сатанска сила, во голема мера се повлекол, и оној што ужива во страдањата на луѓето можел да работи по своја волја. Оние што избрале патека на бунт, набргу ги жнееле нејзините плодови, додека земјата се наполнила со злосторства премногу страшни за перото да може да ги опише. Од опустените покраини и разурнати градови се слушнал страшен крик крик на очај. Франција се затетеравила како да ја потресол силен земјотрес. Верата, законот, општествениот поредок, семејството, црквата и државата сето тоа е урнато со безбожната рака што се подигнала против Божјиот закон. Вистинити се зборовите на мудриот проповедник: „Нечестивиот ќе падне поради својата нечесност.“ „Но дури и ако грешникот кој извршил стотици злодела поживее долго, јас знам дека сепак им е подобро на богобојазливите луѓе на оние кои го почитуваат Бога. А злосторниците нема да минат добро“ (Мудри изреки 11,5; Проповедник 8,12.13). „Зашто, мудроста ја мразевте, верата во Господа ја отфрливте… Затоа, ќе си ги берете плодовите на своите постапки, ќе се давите во своите совети“ (Мудри изреки 1,29­31).

Иако богохулната сила, „која излегува од бездна“, ги погубила Божјите верни сведоци, сепак, тие нема долго да останат за молкнати. „И по три и пол дена, во нив влезе животворен дух од Бога, па застанаа на своите нозе, а голем страв ги обзеде оние што ги гледаа“ (Откровение 11,11). Во 1793 година француското Народно собрание изгласало укинување на христијанската вера и забрана на Светото писмо. Три и пол години подоцна истото Собрание ја укинало својата поранешна одлука и пак ѝ дало слобода на Библијата. Светот бил вџашен од поплавата на злото што се појавило како последица на отфрлањето на Божјата реч и луѓето ја увиделе потребата од вера во Бога и во неговата Реч како темел на добродетелите и моралот. Господ кажал: „Кого ти го прекоруваше и навредуваше? Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо своите очи? Против Светецот Израелов“ (Исаија 37,23). „Затоа, еве, јас ќе ги научам сега, ќе им ја покажам својата рака и својата сила, па ќе познаат дека името мое е Господ“ (Еремија 16,21).

За двајцата сведоци пророкот понатаму кажува: „И се чу силен глас од небото, кој им велеше: ‘Дојдете ваму горе!’ И отидоа горе на небо, во облак, а нивните непријатели ги гледаа“ (Откровение 11,12).

Откако Франција им објавила војна на двајцата сведоци, тие се почитувани повеќе од кога и да е порано. Во 1804 година основано е Британското библиско здружение. На европскиот континент се основани слични здруженија со многубројни филијали. Во 1816 година основано е Американско библиско здружение. Кога било основано Британското библиско здружение, тогаш Библијата е печатена на педесет јазици. До денеска таа е преведена на повеќе стотици јазици и дијалекти.

Во текот на педесетте години, што ѝ претходеле на 1792 година, малку внимание ѝ се обрнувало на странската мисија. Не било основано ниедно ново здружение и малку цркви воделе сметка за проповедање на евангелието меѓу незнабошците. Но кон крајот на осумнаесеттиот век настапила голема промена. Луѓето не се задоволувале веќе со резултатите на рационализмот и почувствувале потреба од божествено откровение и од вера што произлегува од лично искуство. Од тоа време мисијата во странските земји тргнала напред како никогаш порано.

Усовршувањето на графичката вештина многу придонело за ширење на Библијата. Зголемени се можностите за сообраќај меѓу различни земји, отстранети се старите пречки, предрасудите или претераниот национализам, сломот на светската власт на папата што го отворило патот за ширење на Библијата во светот. Многу години на ред Библијата слободно се продава на улиците на Рим, а сега веќе е однесена во сите населени делови на земјината топка.

Неверниот Волтер, фалејќи се, еднаш рекол: „Уморен сум постојано да слушам дека христијанската религија ја основале дванаесет луѓе. Јас ќе докажам дека е доволно еден човек да ја урне.“ Поминал еден и пол век од неговата смрт. Милиони му се придружиле во војната против Библијата, но не ја уништиле. Таму каде што во времето на Волтера имало сто примероци на Светото писмо, денеска има десет илјади, па и сто илјади. Еден реформатор кажал: „Библијата е наковална на која се истрошиле многу чекани.“ Господ кажува: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик кој би се подигнал против тебе на суд, ти ќе го обвиниш“ (Исаија 54,17).

„Речта на нашиот Бог останува вечно.“ „Верни се сите негови заповеди, цврсто стојат од век до века, засновани на вистината и правдата“ (Исаија 40,8; Псалм 111,7.8). Сè што е изградено на човечки авторитет, ќе се урне; но што е втемелено на карпата, на непроменливата Божја реч, ќе остане вечно.

Pin It on Pinterest