На оние што го почитуваат Божјиот закон ќе им биде одземена заштитата на човечките закони. Едновремено во разни земји ќе се организира движење за нивно уништување. Кога ќе наближи времето утврдено во наредбата, луѓето ќе направат заговор да ја истребат омразената секта. Ќе решат преку ноќ да извршат решителен напад кој засекогаш ќе го замолкне гласот на поделби и прекор.

Божјиот народ некои во затворски ќелии, а други скриени во осамени засолништа по шуми и гори сè уште пека за Божја заштита, додека насекаде групи вооружени луѓе, поттикнувани од чети демони, се приготвуваат за смртоносното дело. И токму сега, во мигот на крајна опасност, ќе се вмеша Бог Израелов да ги избави своите избрани. Бог рекол: „Тогаш песната ќе ви биде како во празничните ноќи, кога срцата се веселат како кај оној кој се искачува… кон Израеловата Карпа. Господ ќе загрми со величествен глас и ќе ја покаже својата рака што удира во јаросен гнев, среде гибелен оган, од буроносен пороен дожд и од крупен град“ (Исаија 30,29.30).

Со извици на победа, со подбиви и клетви, четите на злосторниците се упатуваат да се нафрлат врз својот плен; но, на земјата паѓа густ мрак, погуст од најтемната ноќ . Тогаш над целото небо се појавува виножито, одблеснувајќи ја славата од Божјиот престол и опкружувајќи секоја група на оние што се молат. Наеднаш разбеснетите толпи се запираат. Нивните подбивни извици замолкнуваат. Тие ги забораваат своите жртви. Со страшно претчувство го гледаат симболот на Божјиот завет и сакаат што побргу да побегнат од неговиот силен сјај.

Божјиот народ слуша јасен, милозвучен глас, кој кажува: „Погледнете!“ Подигајќи ги очите кон небото, тие го гледаат заветното виножито. Црните, заканувачки облаци што го прекриваат небесниот свод се разделуваат и, како некогаш Стефан, тие без здив гледаат во небото и ја посматраат Божјата слава и Синот човечки како седи на својот престол. На неговата божествена појава забележуваат траги од неговото понижување, а од неговите усни слушаат молба што му ја упатува на својот Отец пред светите ангели: „Оче, сакам оние што ми ги даде да бидат со мене таму каде што сум јас“ (Јован 17,24). И пак се слуша мелодичен, по бедоно сен глас, кој зборува: „Еве ги! Доаѓаат! Свети, невини и чисти. Тие ја одржаа речта на моето трпение; тие ќе живеат меѓу ангелите“, а оние што цврсто се придржувале кон својата вера, со бледи, треперливи усни, изговараат извик на победа.

Точно е полноќ кога Бог ја открива својата моќ да го ослободи својот народ. Сонцето се појавува со сиот свој сјај. Бргу и последователно се редат знаци и чуда. Грешниците со страв и ужас ги гледаат овие сцени, а праведниците со свечена радост ги посматраат знаците на своето ослободување. Во природата се чини дека сè излегло надвор од својот ред. Реките престануваат да течат. Се искачуваат и се судруваат тешки мрачни облаци. Среде гневното небо се гледа едно место на неопишана слава од каде што доаѓа Божјиот глас како бучава на силни води, изјавувајќ и: „Се сврши!“ (Откровение 16,17).

Овој глас ги потресува небесата и земјата. Настанува страшен замјотрес, каков „што немало откако постојат луѓе на земјата, толку голем, толку силен“ (Откровение 16,17.18). Се чини како небото да се отворило и се затворило. Славата од Божјиот престол како да свети слично на молња. Горите се повиваат како трска на ветер, а на сите страни паѓаат одронети карпи. Се слуша татнеж на бура што иде. Морето удира бесно. Се слуша завивање на луња како глас на демони кога тргнуваат во поход да уништуваат. Сета Земја се издига и се набира како морски бранови. Нејзината површина пука. Се чини како нејзините темели да попуштаат. Тонат планински синџири. Исчезнуваат населени острови во разбеснетите бранови и морските пристаништа кои по злото се прочуле како Содом. Пред Бога се споменува големиот Вавилон „за да му биде дадена чашата со виното на неговиот јаросен гнев“ (Откровение 16,19.20). Ова разурнување го довршува страшен град „тежок околу еден талант“ (стих 20, потежок од 30 килограми, заб. на прев.). Најгордите градови на земјата стануваат толпа урнатини. Раскошните палати, на кои световните големци го растурале своето богатство за да се прослават, се распаѓаат пред нивни очи. Ѕидовите на затворите се уриваат и Божјиот народ, кој бил таму затворен заради својата вера, е ослободен.

Гробовите се отвораат „и мнозина од оние што спијат во земниот прав се будат едни за живот вечен, а други за укор и за вечен срам“ (Даниел 12,2). Сите што умреле верувајќи во веста на третиот ангел, излегуваат прославени од своите гробови да го слушнат заветот на Божјиот мир заедно со оние што го држат неговиот Закон. А оние „што го прободоа“ (Откровение 1,7), како и оние што му се подбивале на Христа во неговите претсмртни маки и го исмевале, и нај огорчените противници на неговата вистина и на неговиот народ, стануваат да го видат во неговата слава и да ги посматраат почестите што ќе им се дадат на верните и послушните. (продолжува)

Pin It on Pinterest