„Се отвори Божјиот храм на небото и се покажа ковчегот на неговиот завет во неговиот храм“ (Откровение 11,19). Ковчегот на заветот се наоѓа во светињата над светињите, во второто одделение на Светилиштето. Во службата на земното Светилиште, која била само „слика и сенка на небесните стварности“ (Евреите 8,5), ова одделение се отворало само на големиот Ден на чистење за да се исчисти Светилиштето. Навестувањето дека на небото е отворен Божји храм и дека во него се видел ковчег на заветот укажува на отворањето на светињата над светињите во небесното Светилиште во 1844 година каде што Христос влегол да го изврши конечното дело на чистење. Оние што го следеа со вера својот голем Поглавар свештенички кога ја почна својата служба во светињата над светињите, можеа да го посматраат ковчегот на неговиот завет. Откако го проучија предметот за Светилиштето, сфатија дека Спасителот ја променил својата служба. Сфатија дека Тој сега ја врши својата служба пред Божјиот ковчег и дека таму, повикувајќи се на својата крв, ги застапува грешниците.

Во ковчегот на заветот, во земното Светилиште, се наоѓале двете камени плочи на кои биле напишани заповедите на Божјиот закон. Ковчегот бил само ризница каде што биле сместени заповедите на Законот и присуството на овие Божји заповеди му давало вредност и светост. Кога на небото се отвори Божјата црква, се виде ковчегот на неговиот завет. Во светињата над светињите на небесниот храм се чува Божјиот закон – Законот што го изговорил сам Бог среде громови на Синај и го напишал со свој прст на камени плочи.

Божјиот закон во небесното Светилиште е возвишен оригинал, чијшто верен препис биле заповедите напишани на камени плочи и забележани во петте Мојсееви книги. Оние што ја сфатија оваа важна вистина, исто така можеа да ја сфатат светлината и непроменливоста на Божјиот закон. Како никогаш порано, ја почувствуваа силата на зборовите на Спасителот: „Додека не исчезнат небото и земјата, ниту најмалата буква, ниту цртичка не ќе ги снема од Законот додека не се исполни сè“ (Матеј 5,18). Божјиот закон, како откровение на неговата волја и израз на неговиот карактер, мора да постои вечно како „верен сведок на небото“. Не е укината ниту една заповед; не е изменета ниту најмалечката буква или цртичка. Псалмистот кажува: „Речта твоја, Господе, останува довека, цврсто поставена на небесата.” „Неговите заповеди се веродостојни; цврсто стојат од век до века“ (Псалм 119,89; 111,7.8).

Во средината на Декалогот се наоѓа четвртата заповед, онака како што била објавена на почетокот: „Помни си да го празнуваш саботниот ден! Шест дена работи и сврши ги сите свои работи! А седми ден е сабота, одмор посветен на твојот Господ Бог. Тогаш немој да работиш никаква работа: ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот вол, ни твоето магаре, ниту придојдениот што ќе се најде во твојот дом! Зашто Господ за шест дена ги создаде небото, земјата, морето и сè што е во нив, а во седмиот ден си почина. Затоа Господ го благослови и го посвети саботниот ден“ (2. Мојсеева 20,8-11).

Божјиот Дух влијаеше врз оние што ја истражуваа неговата Реч. Тие се уверија дека во незнаење ја престапувале оваа заповед со тоа што не го почитувале денот за одмор на Творецот. Почнаа да ги испитуваат причините за празнување на првиот ден на седмицата наместо денот што го посветил Бог. Тие не можеа да најдат во Светото писмо никаков доказ дека четвртата заповед е укината или дека саботата е променета. Благословот со кој во почетокот бил посветен седмиот ден никогаш не му е одземен. Искрено бараа да ја запознаат Божјата волја за да ја извршуваат. Сега, кога утврдија дека се престапници на неговиот Закон, нивните срца ги исполни длабока болка и тие својата верност кон Бога ја докажуваа со тоа што почнаа да ја празнуваат саботата.

Многу и сериозни напори се вложувани за да ја урнат нивната вера. Секој можеше да увиди дека, ако земното Светилиште било слика или копија на небесното, тогаш и Законот што се чувал во ковчегот на заветот на земјата бил точен препис на Законот што се наоѓа во ковчегот на небото. Па кога ја прифатија вистината за небесното Светилиште, со тоа ги признаа и барањата на Божјиот закон, а и обврската кон саботата како четврта заповед. Тоа беше причина за огорчен и решителен отпор против хармоничното толкување на Светото писмо што ја откриваше Христовата служба во небесното Светилиште. Луѓето се обидуваа да ја затворат вратата што ја отвори Бог, а да ја отворат онаа што Бог ја затвори. Но, Оној „кој отвора и никој не затвора, кој затвора и никој не отвора“, рекол: „Еве, поставив пред тебе отворена врата која никој не може да ја затвори“ (Откровение 3,7.8). (продолжува)

Pin It on Pinterest