(продолжува од претходниот ден) Светот се оддал на задоволување на своите желби со него управуваат „жедта на телото, жедта на очите и суетната гордост на животот“. Но Христовите следбеници имаат посвет повик: „Затоа, излезете од сред нив и одвојте се вели Господ, не допирајте се до нечисто, и јас ќе ве примам“ (2. Коринќаните 6,17). Во светлината на Божјата реч слободно можеме да изјавиме дека посветувањето не може да биде вистинско ако не доведе до целосно откажување од грешните желби и од телесните задоволства.

На оние што ги исполнуваат условите: „Затоа, излезете од сред нив и одвојте се… и не допирајте се до нечисто“, Бог им ветува: „И јас ќе ви бидам татко, а вие ќе ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот“ (2. Коринќаните 6,17.18). Предимство и должност на секој христијанин е да има богато искуство во Божјите работи. „Јас сум светлина на светот“, рекол Спасителот, „кој ме следи мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот“ (Јован 8,12). „Животниот пат на праведните е како светлина во раните мугри која сè појасно и поблескаво свети додека сосем не се раздени“ (Мудри изреки 4,18). Секој чекор на верата и послушноста душата ја доведува во потесна врска со Светлината на светот, во која „нема никаква темнина“. Сјајните зраци на Сонцето на правдата ги осветлуваат Божјите слуги и тие треба да ја одблеснуваат неговата светлина. Како ѕвездите што ни зборуваат дека на небото постои големо видело што ги осветлува, така и христијаните мораат да знаат дека на престолот на вселената седи Бог чијшто карактер е достоен за слава и за пример што треба да се следи. Кај неговите сведоци ќе се откријат плодовите на неговиот Дух, чистотата и светоста на неговиот карактер.

Во посланието до Колошаните Павле ги опишува богатите благослови што им се ветени на Божјите деца: „Затоа и ние… не престануваме да се молиме за вас и да бараме да се исполните со познавањето на неговата волја со секаква мудрост и духовно разбирање за да живеете достојно за Господа и да му бидете по волја во сè; принесувајќи плодови во секое добро дело и растејќи во познавањето на Бога; зајакнати со сета сила, согласно со неговата славна моќ , за секаква непоколебливост и трпение со радост“ (Колошаните 1,9­11).

Павле повторно пишува за својата желба браќата во Ефес потполно да ја запознаат возвишеноста на христијанските предимства. Со најјасни изрази им ја открива прекрасната моќ и сознанието што би можеле да ги уживаат како синови и ќерки на Севишниот. Нивно предимство е да можат да се засилат „со сила во внатрешниот човек преку неговиот Дух“, да бидат „вкоренети и втемелени во љубовта“ за да можат „да сфатат со сите свети колкава е ширината, должи ната, височината и длабочината“, и да ја познаат „Христовата љубов која го надминува знаењето“. Молитвата на апостолот постигнува врвно предимство кога се моли: „Да бидете исполнувани во целата Божја полнота“ (Ефесците 3,16­19). Овде ни се покажува возвишената цел што можеме и ние да ја постигнеме со вера во ветувањата на нашиот небесен Отец ако ги исполниме од него поставените барања. Со Христовата заслуга имаме пристап кон престолот на неизмерната Сила. „Оној кој не го поштеди ни единствениот Син, туку го предаде за сите нас, како не ќе ни подари и сè друго заедно со него?“ (Римјаните 8,32). Отецот на својот Син му го дал својот Дух без мера; и ние можеме да бидеме учесници во неговата полнота. Исус вели: „И така, ако вие, кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Отец ќе им го даде Светиот Дух на оние кои го молат“ (Лука 11,13). „И ако посакате нешто во мое име, јас ќе го сторам.“ „Досега ништо не баравте во мое име; барајте и ќе добиете за вашата радост да биде целосна“ (Јован 14,14; 16,24). (продолжува)

Pin It on Pinterest