(продолжува од претходниот ден) Погрешните теории за посветувањето, што се јавуваат поради занемарувањето или отфрлањето на Божјиот закон, заземаат значајно место во денешните верски движења. Овие теории се лажни во науката и опасни во своите практични резултати; а фактот што тие наишле на општ одѕив ја истакнува уште повеќе потребата сите јасно да разберат што учи Светото писмо во врска со ова прашање.

Вистинското посветување е библиска наука. Апостол Павле вели во своето послание упатено до црквата во Солун: „Ова е волја Божја: да бидете свети.“ И тој ги моли: „А сам Бог, изворот на мирот, исцело нека ве посвети“ (1. Солуњаните 4,3; 5,22). Библијата јасно учи што е тоа посветување и како може да се постигне. Спасителот се молел за своите ученици: „Посвети ги со вистината; речта твоја е вистина“ (Јован 17,17.19). А Павле учи дека верните ќе бидат посветени со Светиот Дух (Римјаните 15,16). Што е задача на Светиот Дух? Исус им рекол на учениците: „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16,13). И псалмистот вели: „Сите твои заповеди се веродостојни“ (Псалм 119,86). Со Божјата реч и со Божјиот Дух на човекот му се откриваат големите начела на правдата што се олицетворени во Божјиот закон. Бидејќи Божјиот закон е „свет, праведен и добар“, а тој е одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот што се развива со послушноста на овој Закон ќе биде свет. Христос е совршен пример на ваков карактер. Тој кажал: „Јас ги одржав заповедите на мојот Отец.“ „Јас секогаш го правам она што нему му годи“ (Јован 15,10; 8,29). Христовите следбеници треба да бидат слични со него со Божја милост треба да изградат карактер што ќе биде во хармонија со начелата на неговиот свет Закон. Тоа е библиско посветување.

Ова дело може да се изврши само со вера во Христа и со силата на Божјиот Дух. Павле ги советувал верните: „Градете го своето спасение со страв и трепет. Зашто Бог е оној кој ве поттикнува да сакате и да дејствувате според неговата волја“ (Филипјаните 2,12.13). Христијанинот ќе го привлекува гревот, но тој постојано ќе се бори против него. Овде е потребна Христова помош. Човечката слабост се здружува со божествената сила и верата триумфира: „Слава на Бога кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос“ (1. Коринќаните 15,57).

Светото писмо јасно покажува дека делото на посветување е постепено. Кога грешникот ќе се преобрати и ќе најде мир со Бога преку крвта која чисти, дури тогаш тој го почнал христијанскиот живот. Сега тој мора да се стреми „кон совршенство“, кон совршен човек, „до мерата на растот на Христовата полнота“ (Ефесците 4,13). Апостол Павле пишува: „Но сепак, правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта, за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса“ (Филипјаните 3,13.14). А Петар ги наведува скалилата по кои се доаѓа до библиско посветување: „Токму заради ова, вложете ја сета своја сила и исполнете ја својата вера со доблест; а доблеста со знаење; а знаењето со самоконтрола; а самоконтролата со трпение; а трпението со побожност; а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов…. Имено, ако го правите тоа, никогаш нема да се сопнете“ (2. Петрово 1,5­10).

Оние кои сами го искусиле вистинското библиско посветување, во сè ќе покажат понизен дух. Како и Мојсеј, и тие го виделе прекрасното величество на светоста и ја увиделе својата лична недостојност во споредба со чистотата и со возвишеното совршенство на Вечниот.

Пророк Даниел е пример на вистинско посветување. Неговиот долг живот бил исполнет со благородна служба на Господа. Тој за Небото бил „мил човек“ (Даниел 10,11). Но наместо да тврди дека е свет и чист, овој почитуван пророк себеси се вбројува меѓу вистински грешниот Израел кога посредувал пред Бога за својот народ: „Ние не те молиме заради нашата праведност, туку заради твојата голема милост…“ „Ние згрешивме, ние зло сторивме.“ Понатаму продолжува: „Јас уште зборував, молејќи се и признавајќи ги моите гревови и гревовите на мојот народ Израел.“ А во една друга пригода, кога му се јавил Божјиот Син, рекол: „Изнемоштив, лицето ми побледи, се обезобрази, силата ме напушти“ (Даниел 9,18.15.20; 10,8). (продолжува)

Pin It on Pinterest