(продолжува од претходниот ден) Во разни верски заедници има луѓе кои се одликуваат со побожност. Тие го признаваат овој факт и го жалат. Професорот Едвард Парк го вели следното за општите прилики во Америка: „Еден од изворите на опасноста е немарноста од проповедална да се истакнува Божјиот закон. Во поранешните денови проповедалната беше одглас на гласот на совеста… Нашите најдобри проповедници со своите проповеди покажаа прекрасно достоинство со тоа што го следеа примерот на Спасителот и го истакнуваа Законот, неговите заповеди и закани. Често повторуваа две големи начела: дека Законот е одраз на божественото совршенство и дека човекот што не го љуби Законот не го љуби ниту евангелието, зашто Законот, како и евангелието, е огледало што го од блеснува вистинскиот Божји карактер. Оваа опасност води кон друга, а тоа е дека се потценува злото на гревот, неговата распространетост и неговата казна. Колку што е вистина дека Законот е праведен, толку е вистина дека непослушноста е неправедна…
Слично на овие веќе споменати опасности е и опасноста од потценување на Божјата праведност. Модерниот проповедник настојува божествената праведност да ја оддели од божествената доброта и неговата доброта повеќе да ја сведе на чувство отколку да ја издигне до начело. Новата теолошка призма го разделува она што Господ го составил. Дали Божјиот закон е нешто добро или зло? Тој е нешто добро. Тогаш и праведноста е добра, зашто таа е наклоност на волјата да го изврши Законот. Од навиката да се потценуваат божествената правда и Законот, како и распространетоста и неми новноста од казнување на човечката непослушност, лесно се паѓа во навика да се потценува милоста што донела помирување за гревот.“ На овој начин евангелието во срцата на луѓето ја губи вредноста и важноста и тие набргу се приготвени да ја отфрлат и самата Библија.
Многу верски учители тврдат дека Христос со својата смрт го укинал Законот и дека од сега луѓето се ослободени од неговите обврски. Има и такви кои го прикажуваат како тежок јарем, и наспроти робувањето на Законот, ја истакнуваат неограничената слобода што можат да ја уживаат под евангелието.
Пророците и апостолите светиот Божји закон го гледале сосем поинаку. Давид рекол: „Јас живеам во слобода, зашто ги барам твоите заповеди“ (Псалм 119,45). Апостол Јаков, кој пишувал по Христовата смрт, Десетте заповеди ги нарекува „царски Закон“, „совршен Закон на слободата“ (Јаков 2,8; 1,25). А писателот на Откровението, повеќе од половина век по Христовото распнување, изговорил благослов над оние „кои ги држат неговите заповеди за да имаат право на дрвото на животот и да можат да влезат низ портите во градот“ (Откровение 22,14).
Тврдењето дека Христос со својата смрт го укинал Законот на својот Отец нема никаков темел. Кога Законот би можел да се промени или да се укине, тогаш Христос не би морал да умре за да го спаси човекот од казната за гревот. Наместо Законот да го укине, Христовата смрт докажала дека тој е непроменлив. Божјиот Син дошол „Законот да го стори голем и славен“ (Исаија 42,21). Тој рекол: „Немојте да мислите дека јас дојдов да ги укинам Законот и Пророците.“ „Додека не исчезнат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ги снема од Законот, додека не се исполни сè“ (Матеј 5,17.18). А за себе вели: „Сакам да ја исполнувам волјата твоја, Боже мој, Законот твој го носам длабоко во срцето“ (Псалм 40,8).
Божјиот закон е непроменлив веќе по својата природа. Тој е откровение на волјата и карактерот на својот Творец. Бог е љубов, и неговиот Закон е љубов. Негови две начела се љубов кон Бога и љубов кон човекот. „Затоа, љубовта е исполнување на Законот“ (Римјаните 13,10). Бог е правда и вистина; тоа е особина и на неговиот Закон. Псалмистот кажува: „Законот твој е вистина“, „зашто сите твои заповеди се праведни“ (Псалм 119,142.172). И апостол Павле изјавува: „Законот е свет и заповедта е света, праведна и добра“ (Римјаните 7,12). Ваквиот Закон, кој е израз на Духот и на Божјата волја, мора исто така да биде вечен како и неговиот Творец. (продолжува)