(продолжув од претходниот ден) Виклиф бил вешт во откривањето на заблудите и бестрашно напаѓал многу злоупотреби што ги одобрувал Рим. Како царски капелан, станал смело против плаќањето на данок што го барал папата од англискиот крал и докажал дека папското присвојување на авторитет над световните владетели се противи не само на разумот туку и на откровението. Папските барања предизвикале во Англија голема огорченост, а учењето на Виклифа имало силно влијание врз водечките луѓе на нацијата. Кралот и благородниците се обединиле во негирањето на папската врховна власт и одбиле да му плаќаат на папата данок. Така во Англија ѝ бил нанесен голем удар на папската превласт.

Друго зло против кое реформаторот водел долга и решителна борба бил редот на калуѓери-­питачи. Овие калуѓери ја преплавиле Англија и биле голема пречка за величината и за напредокот на народот. Производството, воспитувањето, моралот ­ сето тоа го почувствувало нивното штетно влијание. Калуѓерскиот живот на мрзливост и питање бил не само тежок товар за народните приходи, туку предизвикувал и презир кон корисната работа. Младината се деморализирала и се расипала. Под влијание на калуѓерите мнозина заминувале во манастирите и се посветувале на манастирскиот живот, и тоа го правеле без одобрение на родителите, дури и без нивно знаење и против нивна волја. Еден од поранешните великодостојници на Римската црква, воздигајќи го калуѓерскиот живот над должноста на детската љубов и послушност, изјавил: „Ако твојот татко би лежел пред твојата врата плачејќи и редејќи, и ако твојата мајка би го покажувала телото што те носело и градите што те доеле, не двоуми се да ги турнеш и да појдеш право кај Христа.“ „Со оваа страшна нечовечност“, како што ја нарекол подоцна Лутер, „која повеќе прилега на волк и на тиран отколку на христијанин и на човек, детските срца се стврднале кон своите родители“ (Barnas Sears, The Life of Luther, pages 70, 69). Така папските водачи, како и некогашните фарисеи, ги газеле Божјите заповеди заради своите традиции, при што домовите останувале пусти и родителите без своите синови и ќерки.

Дури и студентите на универзитетите биле заведени со лажните претстави и наговарани да стапуваат во калуѓерските редови. Мнозина, гледајќи дека ја загубиле личната среќа и им нанеле жалост на родителите, подоцна се покајале; но еднаш фатени во мрежата, им било невозможно повторно да ја добијат својата слобода. Многу родители, плашејќи се од влијанието на калуѓерите, не ги праќале своите синови на универзитет. Како последица на тоа се намалил бројот на студентите што ги посетувале големите научни центри. Школите опаѓале и незнаењето преовладувало.

Папата на калуѓерите им дал право да исповедаат и да проштаваат гревови. Тоа станало извор на големо зло. Сакајќи да ги зголемат своите приходи, калуѓерите­-питачи проштавале толку лесно што кај нив јуреле секакви злосторници да добијат проштавање, а како последица на тоа бргу почнале да се множат најстрашни пороци и злосторства. Болните и сиромасите се оставени да страдаат, а средствата што ги задоволувале нивните потреби оделе во рацете на калуѓерите кои со заплашување изнудувале од народот милостина, прогласувајќи ги за безбожни сите што одбиле да го даруваат нивниот ред. Наспроти нивното наводно сиромаштво, богатството на овие питачки редови постојано се зголемувало. Нивните величествени палати и раскошни гозби уште повеќе го истакнувале сиромаштвото на народот кое од ден на ден се зголемувало. И додека тие го поминувале времето во раскоши задоволства, во светот праќале неуки луѓе кои го забавувале народот со убави прикаски, со легенди и со шеги и ги залажувале уште повеќе да им веруваат на калуѓерите. Покрај тоа, питачките редови влијаеле врз суеверната толпа да верува дека сета нивна религиозна должност се состои од тоа да ја признаваат врховната власт на папството, да ги почитуваат светците и да им даваат милостина на калуѓерите и дека тоа е доволно себеси да си обезбедат место на небото.

Учените и побожни луѓе попусто настојувале да го реформираат овој калуѓерски ред, но Виклиф, блгодарение на својата извонредна проникливост, навлегол во коренот на злото и изјавил дека самиот систем е погрешен и дека треба да се укине. Настанале расправии и воскреснале многу прашања. Мнозина, гледајќи како калуѓерите ја обиколуваат замјата и продаваат папини прошталници, почнале да се сомневаат во тоа дека проштавање може да се купи за пари, и се прашувале нели е подобро проштавање да бараат од Бога наместо од римскиот понтифекс. Други се згрозувале над лакомството на калуѓерите кое не можело да се засити. Тие велеле: „Калуѓерите и свештениците на Рим ќе нè изедат како рак. Бог нека нè ослободи, инаку народот ќе пропадне“ (D’Aubigne, b. 17, ch. 7). За да го оправдаат своето лакомство, овие калуѓери­-питачи изјавувале дека тие го следат примерот на Спасителот, зашто и Тој и неговите ученици живееле од дарежливоста на народот. Ова тврдење било на нивна штета, зашто поттикнало мнозина да го проучуваат Светото писмо и сами да ја дознаат вистината, што на Рим не му било по волја. Луѓето биле упатени на Изворот на вистината, што Рим сакал да го скрие. (продолжува)

Pin It on Pinterest