(продолжува од претходниот ден) Наспроти големото противење, интересот на луѓето за веста на Христовото доаѓање сè повеќе растеше. Бројот на нејзините следбеници изнесуваше не стотина, туку илјадници и стотици илјади. Различни верски заедници имаа голем прираст на верници, но по извесно време покажаа дух на непријателство против овие обратеници и црквите презедоа дисциплински мерки против оние што ги прифатија Милеровите погледи. Таа состојба го поттикна Милера да земе перо в рака и со едно отворено писмо да им се обрати на сите христијански заедници, повикувајќи ги од Писмото да му ја докажат неговата заблуда.

„Што веруваме ние“, рече тој, „што не сме зеле непосредно од Божјата реч, која и вие самите ја признавате за единствено правило на верата и животот? Што сме сториле со што сме заслужиле толку жестока осуда од страна на црквите и печатот, и што ви дава право да нè исклучите од вашите цркви? Ако сме на погрешен пат, јас ве молам, кажете ни во што грешиме. Покажете ни од Божјата реч во што сме во заблуда. Вие доста нè исмевавте, но тоа не може да нè увери дека сме на погрешен пат; само Божјата реч може да ги измени нашите погледи. Ние со размислување и со молитва, врз основа на докази од Светото писмо, дојдовме до нашите заклучоци“ (Исто, pages 250, 252).

Во текот на вековите исто сомневање и неверство ја дочекувале веста, опомената, што му ја праќал Бог на светот преку своите слуги. Кога Господ решил да пушти потоп на стариот свет, прво тоа им го објавил на луѓето за да им даде можност да се одвратат од своето беззаконие. Сто и дваесет години опомената се одгласувала во ушите на грешниците, повикувајќи ги на покајание за да го избегнат Божјиот гнев. Но таа вест им се сторила како бајка, и никој не обрнал внимание на неа. Потонати во беззаконие, тие му се подбивале на Божјиот весник, го исмевале неговиот повик и дури го обвинувале за измама. „Како се осмелува еден човек да им се противстави на сите мудреци на земјата? Кога веста на Ное би била вистинита, тогаш зошто не ја прими цел свет и не верува? Зошто? Колку вреди тврдењето на еден човек спрема мудроста на илјадници други?“ Тие ја одбиле веста и не сакале да побараат прибежиште во бродот на спасението.

Подбивачите укажувале на природните појави: на непроменливиот ред на годишните времиња, на синиот небесен свод од кој уште никогаш не паѓал дожд, на плодните полиња, кои биле натопувани со блага ноќ на роса; и бидејќи со презир изјавиле дека проповедникот на правдата е само обичен занесеник, продолжиле уште посилно од кога и да е да уживаат во развратот и во злото. Сепак, нивното неверство не можело да го спречи преткажаното зло. Бог долго го трпел нивното безбоштво и им дал доста време да се покаат, но во определеното време праведниот Божји суд ги стигнал оние што ја отфрлиле неговата милост.

Христос рекол дека луѓето ќе покажат исто неверство во врска со неговото второ доаѓање. Како современиците на Ное што „не узнаа додека не дојде потопот и не истреби сè“, според Христовите зборови, така ќе биде и пред доаѓањето на Божјиот Син (Матеј 24,39). Кога верниот народ ќе се соедини со светот и ќе почне да се изедначува со него и да ужива во неговите сетилни забави, кога световниот раскош ќе стане раскош на црквата, кога ќе ѕвонат сватовски ѕвона и кога сите ќе се надеваат на уште долги години напредок тогаш одненадеж, како гром од ведро небо, ќе дојде крај на нивните илузии и лажни надежи.

Бог, како што го пратил својот весник да го опомене светот за потопот што наидувал, така го пратил и својот избран весник да ја објави близината на последниот суд. И како Ноевите современици што му сè подбивале на проповедникот на правдата, така и во Милерово време, мнозина, кои се нарекуваа Божји деца, ги исмеваа неговите зборови со кои ги предупредуваше.

Зошто црквите покажаа таков отпор кон науката и кон проповедањето за Христовото доаѓање? Додека тој настан на грешните им донесува несреќа и пропаст, за праведните истиот е надеж и радост. Оваа голема вистина во сите векови била утеха за Божјиот верен народ; тогаш зошто сега, слично на својот Автор, таа станала „камен сопка и карпа соблазна“ за оние што тврдат дека се Божји народ? Сам Господ на своите ученици им дал ветување: „А кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам кај себе, за да бидете и вие таму каде што сум јас“ (Јован 14,3). Спасителот, полн со сочувство, ги предвидел грижите и жалоста на своите ученици и затоа им пратил ангели да ги тешат, уверувајќи ги дека пак лично ќе дојде како што заминал на небото. На денот кога се вознел, кога учениците стоеле и внимателно гледале кон небото за последниот поглед да го насочат кон Оној што го сакале, нивното внимание го привлекле зборовите: „И им рекоа: ‘Луѓе, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што го видовте да оди на небото.“ Оваа вест повторно ја оживеала нивната надеж. Учениците „се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот каде што го прославуваа и го благословуваа Бога“ (Дела 1,11; Лука 24,52.53). Не се радувале поради тоа што Исус ги оставил и што сега морале да се борат со тешкотиите и со искушенијата на светот, туку се радувале за зборовите на ангелите дека Исус пак ќе дојде. (продолжува)

Pin It on Pinterest