(продолжува од претходниот ден) Милер јавно ја признал својата вера во религијата што понекогаш ја презирал. Но неговите неверни другари не се колебале да му ги изнесат сите докази што самиот тој порано толку често ги наведувал против божественото потекло на Библијата. Тогаш тој уште не бил во состојба да им одговори, но дошол до заклучок: Ако Библијата е Божје откровение, тогаш во неа не смее да има противречности; и бидејќи му е дадена на човекот за поучување, мора да е прилагодена така за тој да ја разбере. Решил сам да го проучи Светото писмо и да види дали привидните противречности во него можат да се доведат во хармонија.

Настојувал да се ослободи од сите свои поранешни мислења и без никаков коментар споредувал еден библиски стих со друг, служејќи се при тоа само со цитираните паралелни места и со библиски речник. Продолжил да проучува на одреден и систематски начин, почнувајќи со Прва книга Мојсеева, читајќи стих по стих; не сакал да оди понатаму додека смислата на различни стихови не му била толку јасна за ништо повеќе да не го збунува. Кога наидувал на некој нејасен стих, имал обичај да го споредува со други стихови што биле во каква и да е врска со тој предмет. Го испитувал основното, историско­граматичко значење на секој збор во контекстот на целиот библиски текст; и кога видел дека неговото мислење се согласува со тие слични стихови, тогаш исчезнувала секоја тешкотија. Така постапувал кога наидувал на тешко разбирливи места; и секогаш на некое друго место на Светото писмо наоѓал разјаснување. Бидејќи со сериозна молитва барал божествена мудрост, му станало јасно она што порано му изгледало темно. Ја искусил вистинитоста на зборовите на псалмистот: „Кога се објавуваат твоите зборови, тие просветлуваат и на скромните мудрост им даваат“ (Псалм 119,130).

Со голем интерес ја проучувал книгата на пророк Даниел и Откровението, служејќи се со истата метода на објаснување како и во другите книги на Писмото и, на своја голема радост, пронашол дека пророчките симболи можат да се разберат. Видел дека исполнетите пророштва буквално се исполниле; дека сите различни слики, метафори, параболи итн., или непосредно се објаснети, или на други места се изнесени појасно, и ако се објаснуваат на овој начин, можат целосно да се разберат. Тој вели: „Така се уверив дека Библијата е систем на откриени вистини, даден толку јасно и едноставно, што никој, колку и да е неук, не може да застрани“ (Bliss, page 70). Проучувајќи ги големите пророштва, му се откривале една по една алките на големиот синџир на вистината, со што бил награден неговиот труд. Небесните ангели управувале со неговите мисли и му помагале да го разбере Писмото.

Судејќи за пророштвата што треба да се исполнат во иднина според начинот како што се исполнувале пророштвата во минатото, заклучил дека мислењето што владеело во народот за духовното Христово царство за земното илјадагодишно царство пред крајот на светот  нема основа во Божјата реч. Таа наука што учи за илјадагодишно царство на правда и мир пред личното Господово доаѓање, стравотиите на Господовиот ден ги померила далеку во иднина. Ова учење може некому да му се допаѓа, но тоа е противно на Христовата наука и на науката на неговите апостоли, зашто тие учеле дека „пченицата и каколот ќе растат заедно до жетвата“; дека „лошите луѓе и измамниците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други, а и себеси“; дека „во последните денови ќе настапат тешки времиња“, и дека царството на темнината ќе постои сè до Господовото враќање, кога Господ Исус ќе го уништи „со здивот на својата уста и ќе го искорени со појавата на своето доаѓање“ (Матеј 13,30.38­41; 2. Тимотеј 3,13.1; 2. Солуњаните 2,8).

Апостолската црква не верувала во преобраќање на цел свет и не проповедала воспоставување на Христово духовно владеење. Таа наука е прифатена дури во почетокот на 18 век. Како секоја друга заблуда, и оваа имала свои лоши последици. Таа луѓето ги учела Господовото доаѓање да го очекуваат во далечна иднина и со тоа нивното внимание го одвраќала од знаците што го објавувале неговото доаѓање. Таа предизвикувала чувство на небрежност и сигурност, но сосем неосновано, и мнозина биле заведени да ја занемарат потребата од подготовка за средба со својот Господ.

Милер нашол дека Светото писмо јасно учи за буквално и лично Христово доаѓање. Павле кажува: „Сам Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба“ (1. Солуњаните 4,16). И Спасителот изјавува: „Ќе го видат Синот човечки како доаѓа на небесните облаци со сила и со голема слава“, „зашто како молњата што излегува од исток и свети до запад, такво ќе биде и доаѓањето на Синот човечки“ (Матеј 24,30.27). Ќе го придружува сета небесна војска. „Кога ќе дојде Синот човечки во својата слава и сите свети ангели со него…, ќе ги прати своите ангели со силен трубен глас и ќе ги соберат неговите избраници“ (Матеј 25,31.32; 24,31). (продолжува)

Pin It on Pinterest