(продолжува од претходниот ден) Во исто време кон Констанца се приближувал друг патник. Хус бил свесен за опасноста што му се заканува. Простувајќи се со своите пријатели како човек кој смета дека нема да ги види повеќе, се упатил по својот пат, чувствувајќи дека тој го води на ломача. Иако добил гарантно писмо од чешкиот крал, и исто така друго гарантно писмо од кралот Сигисмунд за време на патувањето, сепак, сите свои работи ги средил така како да го чека смрт.
Во едно писмо што им го упатил на своите пријатели во Прага, го напишал следното: „Браќа мои, јас поаѓам со едно гарантно писмо од кралот да ги сретнам моите безбројни и смртни непријатели… Јас исцело се потпирам врз Семожниот Бог и мојот Спасител и се надевам дека Тој ќе ги слушне вашите сесрдни молитви и дека ќе ми даде ум и мудрост за да можам да им преодолеам, дека ќе ми го подари својот Свети Дух за да ме утврди во својата вистина за да можам храбро да ги поднесам искушенијата, темница и, ако биде потребно, и маченичка смрт. Исус Христос страдал заради своите избрани, па зар тогаш да се чудиме што ни оставил пример за нашето спасение да поднесуваме сè стрпливо. Тој е Бог, а ние негови созданија; Тој е Господ, а ние негови слуги; Тој е Учител на светот, а ние ништожни смртници; нему ништо не му треба, а нам ни е потребно сè; Тој страдал, тогаш зошто не би страдале и ние, особено ако тоа страдање е за наше исчистување. Затоа, драги пријатели, ако мојата смрт би му послужила нему на слава, тогаш молете се таа да дојде што побргу и Господ да ми помогне да можам да ги поднесам храбро сите неволји. Но, ако е подобро да ви се вратам вам, да му се молиме на Бога да можам да се вратам неизвалкан од овој собор, односно, да не погазам ниту една вистина на евангелието за да им оставам добар пример на моите браќа. Можеби вие нема веќе да го видите моето лице во Прага, но, ако дозволи волјата на семожниот Бог да ви се вратам, тогаш да појдеме напред со срце поцврсто во познавањето на неговиот закон и во љубовта кон Бога“ (Bonnechose, vol. 1, pp. 147, 148).
Во друго писмо, упатено на еден свештеник кој станал ученик на евангелието, Хус зборува со длабока понизност за своите слабости, обвинувајќи се себеси дека „со задоволство носел богати облеки и дека често времето го трошел на безвредни работи“. Потоа го додава овој трогателен совет: „Славата Божја, спасението на душите и работата нека бидат твоја главна грижа, а не поседот на црковните добра и имотот. Внимавај да не ја украсуваш својата куќа повеќе отколку својата душа; вложи најголем напор за својата духовна зграда. Биди благ и понизен со сиромасите и немој да ги трошиш своите добра на гозби. Ако не го поправиш својот живот и ако не се воздржиш од она што е излишно, се плашам дека ќе бидеш тешко казнет како јас, кој сум го правел тоа, заведен со навиката и збунет со горделивиот дух… Ти ја знаеш мојата наука, зашто ги примаше моите поуки уште од детството и затоа не е потребно да ти пишувам повеќе; но јас те заколнувам со милоста на нашиот Спасител да не земаш пример од мене во никаква суета во која си видел да сум паднал.“ На омотот на писмото додал: „Те заколнувам, мој пријателе, да не го кршиш овој печат додека не бидеш сигурен дека сум мртов“ (Bonnechose, vol. 1, pp. 148, 149).
На својот пат Хус насекаде видел знаци дека неговата наука надалеку е раширена и можел да се увери колкав интерес владее за неговото дело. Народот се собирал да го поздрави, а во некои градови високите градски службеници го придружувале на улиците.
Кога дошол во Констанца, Хус најпрво уживал целосна слобода. Покрај гарантното писмо на кралот, папата му ветил своја лична заштита. Но, наспроти сите тие многубројни и свечени изјави, реформаторот набргу бил уапсен на заповед на папата и кардиналите и бил фрлен во една грозна темница. Подоцна е преместен во една силна тврдина на другиот брег на Рајна и таму задржан како затвореник. На папата ниту најмалку не му користела неговата вероломност, зашто набргу и самиот бил фрлен во истиот затвор (Исто, vol. 1, p. 247). Соборот пронашол дека е виновен за страшни злосторства, како што се убиство, симонија, прељуба и „за гревови што се незгодни да се споменуваат“. Тоа била одлука на соборот, и папата Јован XXIII бил лишен од тијарата и фрлен во затвор. Против папите исто така биле соборени и на нивно место бил избран нов папа.
Иако самиот папа бил обвинет за многу поголеми злосторства од оние што Хус им ги ставил на товар на свештениците и поради кои барал реформа, сепак, истиот собор што го соборил папата, решил да го погуби реформаторот. Апсењето на Хус предизвикало голема огорченост во Чешка. Силното благородништво му упатило на соборот остар протест против таа навреда. И царот, кој не сакал да се погази неговото гарантно писмо, им се противставил на сплетките на непријателите на реформаторот. Но, непријателите на реформаторот биле полни со омраза и решителни. Тие ги искористиле предрасудите на царот Сигисмунд, неговиот страв и неговата ревност за црквата. Навеле опширни докази дека „не мора да се одржи дадениот збор на кривоверецот или на лицето што е ставено под сомнение поради кривоверство, па макар тоа да има гарантно писмо од цар или од крал“ (Jacques Lenfant, History of the Council of Constance, vol. 1, p. 516). (продолжува)