(продолжува од претходниот ден) Чувствата на оние кои сè уште веруваа дека Бог ги водеше во нивните минати искуства, Милер ги изразува со зборовите: „Кога уште еднаш би живеел со истите докази што ги имав во првиот живот, и во вториот живот би го сторил она што го сторив во првиот за да бидам чесен пред Бога и пред луѓето.“ „Се надевам дека мојата облека ја исчистив од крвта на душите. Верувам дека, колку што ми беше можно, се ослободив од секоја вина во врска со нивната осуда.“ „Иако бев два пати разочаран“, пишува овој Божји човек, „сепак, уште не сум поразен и обесхрабрен. Мојата надеж во Христовото доаѓање е посилна од кога и да е порано. Јас го правев само она што, по многу години на сериозно размисливање, го сметав за своја света должност. Ако сум згрешил, тоа беше од христијанска љубов кон моите ближни и од уверување за мојата должност кон Бога.“ „Едно знам: го проповедав само она во што верував. Со мене беше Божјата рака. Неговата сила се откри во делото и направени се многу добра.“ „Со проповедањето на пророчкото време се поттикнати многу илјадници да го проучуваат Светото писмо и со негова помош и со Христовата крв се помирени со Бога“ (Bliss, pages 256,255,277,280,281).

„Јас никогаш не се трудев да стекнам милост од страна на горделивите луѓе, но и не се обесхрабрив ниту тогаш кога светот ми се закануваше. Ни сега нема да ја купувам нивната наклоност ниту ќе предизвикувам нивна омраза пречекорувајќи ја мојата должност. Никогаш нема да го барам мојот живот од нивните раце ниту пак, се надевам, ќе одбијам да го жртвувам ако одреди така Бог во своето добро провидение” (J. White, Life of Wm. Miller, page 315).

Бог не се откажа од својот народ; неговиот Дух беше со оние што не се откажаа од светлината што ја примија, ниту станаа против надежта во Христовото доаѓање. Во посланието до Евреите се напишани зборови што охрабруваат и опомена за оние кои во ова време на неволја беа проверени: „И така, не отфрлајте ја вашата доверба која има голема награда. Имено, вам ви е потребно трпение, па откако ќе ја исполните Божјата волја, да го добиете ветеното. Зашто уште малку, мошне малку, и ќе дојде Оној кој доаѓа и нема да се забави. А мојот праведник ќе живее од верата; а ако отстапи, на мојата душа нема да ѝ биде по волја. Но ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои имаат вера за зачувување на душата“ (Евреите 10,35­-39).

Дека оваа опомена ѝ е упатена на црквата во последните денови јасно се гледа од зборовите што укажуваат на близината на Господовото доаѓање: „Уште малку, мошне малку, и ќе дојде Оној кој доаѓа и нема да се забави.“ Од ова јасно произлегува дека треба да настане некакво привидно задоцнување и дека Господ навидум се колеба со своето доаѓање. Оваа поука мошне добро одговара на искуството на чекателите на ова време. Сите, на кои им се упатени овие зборови, беа во опасност да доживеат бродолом на својата вера. Тие ја извршуваа Божјата волја прифаќајќи го водството на неговиот Дух и на неговата Реч, но не можеа да ја сфатат неговата намера во своето минато искуство ниту да го видат патот пред себе, и затоа беа во искушение да се посомневаат дали навистина ги водеше Бог. На тоа време се однесуваа зборовите: „Мојот праведник ќе живее од верата.“ На нивниот пат засвети јасната светлина на „полноќниот вик“ и тие го отпечатија пророштвото и кога видоа дека бргу се исполнуваат знаците што им зборуваа за скорашното Христово доаѓање, навистина живееја така како да го гледаа Христовото доаѓање. Но сега, скршени со неисполнетите надежи, можеа да се одржат само со верата во Бога и во него вата реч. Светот, кој се подбиваше, рече: „Измамени сте! Откажете се од вашата вера и признајте дека сатаната го поттикна движењето на чекателите на Христовото доаѓање.“ Но и Божјата реч зборуваше: „А ако отстапи, на мојата душа нема да ѝ биде по волја.“ Да ја напуштат сега својата вера и да се откажат од силата на Светиот Дух што ја придружуваше оваа вест, би значело да се вратат во пропаст. Зборовите на апостол Павле ги поттикнуваа кон истрајност: „И така, не отфрлајте ја вашата доверба која има голема награда. Имено, вам ви е потребно трпение… Зашто уште малку, мошне малку, и ќе дојде Оној кој доаѓа и нема да се забави.“ Единствена нивна сигурност беше и понатаму да ја негуваат светлината што ја примија од Бога и цврсто да се држат за неговите ветувања, да продолжат да го истражуваат Светото писмо и стрпливо да чекаат и да бдеат додека не добијат повеќе светлина.

Pin It on Pinterest