(продолжува од претходниот ден) Кнезот на злото се бори за секоја стапка на земјата по која чекори Божјиот народ на својот пат кон небесниот град. Во целата историја на црквата никогаш не е спроведена некоја реформација што не наидувала на сериозни пречки. Така било во деновите на Павле. Секаде каде што апостолот основал некоја црква имало такви кои тврделе дека ја прифаќаат верата, а сепак, внесувале во неа лажна наука која, да била прифатена, би ја потиснала љубовта кон вистината. И Лутер имал големи тешкотии и неприлики со постапките на фанатиците кои тврделе дека Бог зборува непосредно преку нив. Тие своите лични мислења и сфаќања ги ставиле над сведоштвата на Светото писмо. Мнозина, на кои им недостигала вера и искуство, но кои за себе имале високо мислење и сакале да слушнат и да проповедаат нешто ново, биле измамени со учењето на овие нови учители и се здружиле со сатанското орудие да го урнат она што го изградил Лутер поттикнат од Бога. Двајцата браќа Весли и други, кои со своето влијание и со својата вера за светот биле од голем благослов, на секој чекор наидувале на сатанска злоба која, премногу ревносните, непостојаните и непосветените, ги туркала во секој можен фанатизам.

Вилијам Милер не беше наклонет кон овие влијанија што водеа во фанатизам. Тој, како и Лутер, изјави дека секој дух треба да биде испитан со Божјата реч. „Сатаната“, рече Милер, „во нашето време над некои има голема моќ. А како ќе знаеме чиј дух имаат тие? Библијата одговара: ‘Ќе ги познаете според нивните родови…’ Многу духови излегоа на светот, и нам ни е наредено да ги испитуваме духовите. Оној дух што не нè упатува да живееме трезвено, праведно и побожно, не е Христов Дух. Сè повеќе сум осведочен дека во овие диви движења е вмешан сатаната. Мнозина меѓу нас, кои тврдат дека се потполно посветени, следат човечки обичаи и очигледно не знаат за вистината повеќе од оние што не се фалат дека ја познаваат“ (Bliss, pages 236, 237).

„Духот на заблудата нè одвраќа од вистината, а Божјиот Дух нè води во вистината. Но, вие велите човекот може да биде во заблуда и да мисли дека ја има вистината. Што тогаш? Ние одговараме: Духот и Божјата реч се во хармонија. Ако човекот себеси се споредува со Божјата реч и ако Речта ја прифаќа во целост, тогаш мора да верува дека ја има вистината. Но ако утврди дека духот што го води не е во хармонија со духот на целиот Божји закон или со Божјата книга, тогаш треба да биде внимателен за да не биде фатен во сатанска стапица“ ((The Advent Herald and Signs of the Times Reporter, vol. 8, No. 23; Jan. 15, 1845). „Јас често повеќе бев уверуван во нечија внатрешна побожност кога гледав солзни очи, влажни образи и зборови на каење отколку кога слушав бучно фалење на овие божемни христијани” (Bliss, page 282).

Во времето на реформацијата нејзините непријатели сите зла на фанатизмот ги ставале на товар токму на оние што најенергично му се противеле на фанатизмот. Слично постапуваа и оние кои стануваа против чекателите на Христовото доаѓање. Не се задоволија со тоа лошо да ги претставуваат и да ги зголемат заблудите на екстремните фанатици, туку ширеа мошне неповолни вести што ниту малку не наликуваа на вистината. Овие луѓе беа исполнети со предрасуди и со омраза. Нивниот мир беше нарушен со објавата дека Христос е пред врата. Тие се плашеа дека тоа би можело да биде вистина, но сепак, се надеваа дека не е така, и тоа беше причината за нивната борба против чекателите на Христовото доаѓање и нивната вера.

Фактот што во редовите на чекателите на Христовото доаѓање се вовлекоа некои фанатици не може да биде причина за тврдењето дека движењето не е од Бога, како и присуството на фанатиците и измамниците во црквата во времето на Павле и Лутер што не било доволно оправдание да се осуди нивната работа. Божјиот народ нека се разбуди од сон и сериозно нека почне дело на покајание и реформа; нека го истражува Писмото за да ја запознае вистината онаква каква што е во Исуса; наполно нека му се предаде на Бога; ако постапува така, тогаш бргу ќе се покаже дека сатаната сè уште е буден и активен. Со сите можни измами тој ќе ја открива својата моќ , повикувајќи ги на помош сите паднати ангели на своето царство.

Фанатизам и раздор не создаде објавувањето на повторното Христово доаѓање. Тие се појавија летото 1844 година кога чекателите беа во неизвесност и забуна во врска со своето вистинско становиште. Проповедањето на првата ангелска вест и на „полноќниот вик“ непосредно беше насочено против фанатизмот и поделбата. Оние што учествуваа во тие свечени потфати беа сложни; нивните срца беа исполнети со меѓусебна љубов и со љубов кон Исуса, зашто очекуваа наскоро да го видат. Заедничката вера и заедничката блажена надеж ги издигна над секое човечко влијание, и тоа им беше штит против сите сатански напади.

„А бидејќи младоженецот се забави, сите ги фати дремка и заспаа. А на полноќ се чу викање: ‘Ете го младоженецот, излезете да го пречекате!’ Тогаш сите девојки станаа и ги приготвија своите светилки“ (Матеј 25,5­7). Летото 1844 година, во средината на времето кога првпат се очекуваше Христовото доаѓање, и есента истата година, кога навистина помина времето од 2300 дни, како што се докажа подоцна, буквално се проповедаше веста на Светото писмо: „Ете го младоженецот, пречекајте го!“ (продолжува)

Pin It on Pinterest