(продолжува од претходниот ден) Во овој миг на опасност Бог приготвил пат на спасение за својот слуга. Едно будно око го следело движењето на Лутера и едно верно и благородно срце решило да го спаси. Било јасно дека Рим ќе биде задоволен само тогаш кога ќе слушне оти Лутер е мртов. Единствено средство да го сочуваат од челуста на лавот било да го скријат. На Фридрих Саксонски Бог му дал мудрост да направи план како да го спаси реформаторот. Во соработка со верните пријатели спроведен е планот на изборниот кнез и Лутер бил скриен и од пријателите и од непријателите. При враќањето дома, одненадеж бил грабнат и бргу одведен низ шума во кулата Вартбург ­ осамена тврдина, изградена на врвот на една планина. Неговото одведување и криење е сторено толку таинствено што дури ни Фридрих долго време не знаел каде е одведен. Било важно тоа да не се знае. Сè додека изборниот кнез не знаел каде е скриен Лутер, не можел ниту да даде какво и да е известување за него. Тој знаел дека реформаторот е на сигурно место и тоа му било доста.

Поминала пролетта, летото и есента; дошла зима, а Лутер сè уште бил заточеник. Алеандер и неговите приврзаници триумфирале, уверени дека светлината на евангелието наскоро ќе згасне. Но, наместо тоа, реформаторот својата светилка ја полнел од резервоарот на вистината со цел нејзиното видело да светли со уште посилна светлина.

Во пријателската сигурност во Вартбург, Лутер од почеток се чувствувал среќен, гледајќи дека е избавен од опасностите и од бојната врева. Но не можел долго да поднесува спокојство и одмор. Навикнат на активен живот и на тешка борба, не можел лесно да ја поднесува неактивноста. Во овие денови на осаменост пред очи му се реела состојбата на црквата и тој очајно извикнал: „Леле! Зар во овие последни денови на Божјиот гнев нема никого што би застанал како ѕид пред Господа и би го спасил Израел!“ (Исто, b. 2, ch. 9).

Потоа почнал да размислува за себе и се уплашил дека можеби поради своето повлекување од борбата би бил обвинет како плашливец. Освен тоа, си префрлал себеси за немарност и за угодување себеси. Сепак, во исто време правел повеќе отколку што би можело да се очекува од еден човек. Неговото перо никогаш не мирувало. Неговите непријатели, кои себеси си ласкале дека го замолкнале, се зачудиле и се збуниле со очигледните докази дека тој е уште активен. Од неговото перо излегувале мноштво трактати и кружеле низ цела Германија. Освен тоа, за своите сонародници направил големо дело со тоа што го превел Новиот завет на германски јазик. Од висините на својот карпест „Патмос“, повеќе од една година продолжил да го проповеда евангелието и да ги жигосува гревовите и заблудите на своето време.

Бог го засолнил својот слуга од јавниот живот не само да го сочува од гневот на неговите противници и да му обезбеди едно мирно време за овие важни работи, туку тоа го сторил од уште поважни причини. Во самотијата и во засолнетоста на планинското прибежиште Лутер бил далеку од секоја земна потпора и човечка фалба. На овој начин бил сочуван од горделивост и самоувереност, што толку често го придружуваат успехот. Ова страдање и понижување го приготвиле со сигурен чекор да оди низ вртоглавите височини на кои одненадеж бил издигнат.

Кога луѓето се радуваат за слободата што им ја донесува вистината, наклонети се да ги извишуваат оние со кои Бог се послужил да ги раскине синџирите на заблудите и суеверието. Сатаната се обидува да ги одврати човечките мисли и чувства од Бога и да ги насочи кон луѓето; на тој начин ги заведува да го почитуваат орудието, а да ја занемарат Раката што управува со сите настани на провидението. Често религиозните водачи, фалени и славени на ваков начин, ја губат од вид зависноста од Бога и паѓаат во самоувереност. Поради тоа тие настојуваат да завладеат со умот и со совеста на луѓето кои се наклонети нив да ги гледаат како водачи, а не Божјата реч. Реформата често страдала поради ваков дух на нејзините приврзаници. Бог сакал делото на реформацијата да го сочува токму од оваа опасност. Сакал ова дело да нема човечки белег, туку да прими печат Божји. Луѓето Лутера го гледале како толкувач на вистината; затоа тој бил оддалечен со цел сите погледи да бидат насочени кон вечниот Автор на вистината.

Pin It on Pinterest