(продолжува од претходниот ден) Отприлика во тоа време Лутер, читајќи ги делата на Хус, пронашол дека чешкиот реформатор учел на големата вистина за оправдување со вера што самиот тој ја истакнувал и ја проповедал. „Сите ние“, извикнал тој, „Павле, Августин и јас сме хусити и не знаејќи за тоа!“ „Бог сигурно ќе го казни светот затоа што вистината му била откриена пред еден век, но тој ја запалил“ (Wylie, b. 6. ch. 1).

Во едно писмо, упатено до царот и до германското благородништво, Лутер пишувал за папата: „Страшно е да се гледа оној што тврди дека е Христов намесник како живее во поголем раскош од царот. Дали со тоа е сличен со сиромашниот Исус или со понизниот Петар? Тој, велат некои, е господар на светот. Но Христос, за чијшто намесник се смета, рекол: ‘Моето царство не е од овој свет.’ Може ли власта на намесникот да биде поголема од власта на неговиот господар?“ (D’Aubigne, b. 6, ch. 3).

За универзитетите Лутер пишувал: “„Се плашам дека универзитетите ќе станат широка врата на пеколот ако таму трудољубиво не се објаснува Светото писмо и ако истото не се всадува во срцата на младите. Никому не му советувам своето дете да го праќа онаму каде што мерило на животот не е Светото писмо. Секоја установа во која не се проучува постојано Божјата реч, ќе се изопачи“ (Исто, b. 6, ch. 3).

Овој спис со секавична брзина се раширил низ цела Германија и оставил длабок впечаток врз народот. Цел народ се разбранил, и мнозина почнале да се собираат под знамето на реформацијата. Горејќи од желба за одмазда, Лутеровите непријатели го поттикнувале папата да преземе против него решителни мерки. Решено е неговото учење веднаш да се осуди. На Лутера и на неговите следбеници им се дадени шеесет дена да се откажат; во спротивно сите ќе бидат исклучени од црквата.

Тоа бил страшен миг за реформацијата. Со векови римските осуди за исклучување биле ужас за многу силни владетели; тие фрлиле во несреќа и очај големи царства. Сите со ужас ги гледале нивните жртви. Со нив се постапувало како со луѓе што се ставени надвор од законот, биле избегнувани и прогонувани до истребување. Лутер добро ја видел луњата што се приготвувала да го уништи, но бил постојан, наполно сигурен дека Исус ќе биде негов помошник и заштитник. Со таква вера и храброст на маченик, пишувал: „Што ќе биде, не знам, ниту сакам да знам… Ударот нека падне каде што сака, јас не се плашам. Ниту еден лист од дрвото не паѓа без волја на нашиот Отец, а колку повеќе Тој се грижи за нас! Лесно е да се умре за Речта, кога Речта, која станала тело, умрела за нас. Ако умреме со него, со него и ќе живееме; кога ќе поминеме низ она низ што поминал Тој пред нас, ќе бидеме таму каде што е и Тој и ќе живееме засекогаш со него“ (Исто, 3d London ed., Walther, 1840, b. 6, ch. 9).

Кога му стигнало на Лутера папското послание, тој рекол: „Јас го презирам и го отфрлам како безбожно и лажно… Во него се осудува лично Христос. Се радувам што можам да поднесам такви зла за напредокот на делото. Сега веќе сум помирен, зашто знам дека папата е антихрист и дека седи директно на сатанскиот престол“ (D’Aubigne, b. 6, ch. 9).

Сепак, папската пресуда не останала без дејство. Темниците, измачувањата и мечот биле силни орудија со кои можело да се натера на покорност. Слабите и празноверни се треселе пред папскиот декрет. Иако мнозинството сочувствувало со Лутера, сепак, мнозина толку го ценеле својот живот, што не би го жртвувале за делото на реформацијата. Судејќи по сè реформацијата се приближувала кон својот крај.

Но Лутер сè уште бил бестрашен. Рим ги фрлил врз него своите анатеми и светот бил уверен дека тој ќе мора или да загине или да се покори. Но со страшна жестокост реформаторот му ја вратил осудата на проклетството на нејзиниот автор и јавно ја прогласил својата одлука дека засекогаш прекинува со Рим. Во присуство на мноштво студенти, професори и граѓани од сите сталежи, Лутер ја запалил папската була заедно со канонските закони, декреталии и со некои списи што ја поддржувале папската власт. Тој рекол: „Со спалувањето на моите списи, моите непријатели можеа да му наштетат на делото на вистината во мислите на обичните луѓе и да ги упропастат душите, затоа и јас сега ги спалувам нивните книги. Почна сериозна борба. До сега само си се играв со папата. Ова дело го почнав во Божје име; тоа ќе се заврши без мене, со негова сила“ (D’Aubigne, b. 6, ch. 10) (продолжува)

Pin It on Pinterest