(продолжува од претходниот ден) Тезите на Лутера предизвикале расправии, но никој немал смелост да го прифати тој предизвик. Прашањата што ги поставил се рашириле за неколку дена низ цела Германија, а за неколку седмици се одгласувале низ целиот христијански свет. Многу побожни католици, кои во црквата виделе беззаконие и го осудувале, а не знаеле како да му застанат на пат, сега ги читале овие тези со голема радост и признавале дека од нив им зборува Божјиот глас. Чувствувале дека Господ милостиво им подал рака да ја задржи поплавата на расипаноста што извирала од римската столица. Кнезовите и поглаварите потајно се израдувале што најпосле ќе биде зауздана дрската сила која тврдела дека никој не смее да стави приговор на нејзините одлуки.

Но мнозина што го сакале гревот и суеверието се исплашиле кога виделе дека се уриваат заблудите и лагите што го смирувале нивниот страв. Лукавите свештеници, спречени да ги одобруваат престапите и гледајќи дека се заканува опасност за нивните приходи, полни со гнев, се обединиле да ги одбранат своите тврдења. Реформаторот требало да се бори против жестоки тужители. Едни го обвинувале дека работи нагло и непромислено. Други тврделе дека не го води Бог, туку дека работи поттикнат од својата суета, гордост и дрскост. Тој одговорил: „Човек ретко изнесува некоја нова мисла а тоа да не изгледа како горделивост и да не биде обвинет дека предизвикува кавги. Зошто Христос и сите негови маченици биле осудени на смрт? Затоа што се чинело дека горделиво ја презираат мудроста на своето време и дека шират новотии, не прашувајќи ги понизно за совет претставниците на старите надзори.“

Потоа додал: „Сè што правам, сакам да правам не по човечка мудрост, туку во согласност со Божјиот совет. Ако ова дело е од Бога, кој ќе го запре? Ако не е од Бога, кој може да го унапреди? Нека биде не мојата, не нивната, не вашата, туку твојата волја, о свети Оче, кој си на небото!“ (Исто, b. 3, ch. 6).

Иако Лутер го почнал ова дело поттикнат од Светиот Дух, сепак, не можел да го продолжи без жестоки борби. Него како поплава го нагрвалиле неговите непријатели со префрлања, со извртување на неговите намери, со неправед ни и злобни забелешки на сметка на неговиот карактер и на неговите побуди, и тоа не било без успех. Тој се надевал дека народните водачи во црквата и во школите доброволно ќе му се придружат нему во полза на реформацијата. Зборовите со кои го храбреле високите личности го исполнувале со радост и со надеж. Веќе гледал како осамнува посветол ден за црквата. Меѓутоа, охрабрувањето се претворило во прекори и обвинувања. Многу црковни и државни великодостојници биле уверени во вистинитоста на неговите тези, но набргу увиделе дека прифаќањето на тие вистини би предизвикало големи промени. Да се просвети и да се реформира народот би значело да се поткопа авторитетот на Рим, да се запрат илјадници потоци што се влеваат во неговите ризници, а тоа би ја намалило расипаноста и раскошот на папските водачи. Потоа, да се учат луѓето да мислат и да работат како одговорни суштества и само од Христа да го очекуваат своето спасение, би значело да се поткопа престолот на врховниот свештеник и на крај да се урнат бранителите на неговиот авторитет. Поради тоа го отфрлиле сознанието што им го понудил Бог и, противејќи му се на човекот што го пратил Бог да ги просветли, станале против Христа и против неговата вистина.

Помислувајќи на себе, Лутер се стресол, свесен дека стои сам наспроти најмоќните земни сили. Понекогаш бил во недоумица дали навистина го води Бог при противставувањето на авторитетот на црквата. Тој пишувал: „Кој бев јас да ѝ се противставам на папската големина пред која се тресат кнезовите и цел свет?… Никој не знае колку претрпи моето срце во текот на овие две години и во какво сомневање, дури и очај, често паѓав“ (Исто, b. 3, ch. 6). Но тој не се обесхрабрил наполно. Кога му недостигала човечка потпора, гледал на Бога и учел да се потпира врз неговата силна десница.

На еден пријател на реформацијата Лутер му пишал: „Јасно е дека Писмото не може да се разбере ниту со проучување ниту со разумот. Твоја прва должност е да почнеш со молитва. Моли се на Бога тој со својата голема милост да ти помогне вистински да ја разбереш неговата Реч. Нема друг толкувач на Божјата реч освен Писателот на таа Реч кој самиот рекол: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’ Не очекувај ништо од својот труд, од својот разум; надевај се само на Бога и на влијанието на неговиот Дух. Верувај им на зборовите на човекот кој го искусил тоа“ (Исто, b. 3, ch. 7). Тоа е поука од голема важност за сите што чувствуваат дека Бог ги повикал на другите да им ја објават свечената вистина за ова време. Овие вистини ќе произведат непријателство од страна на сатаната и на неговите приврзаници кои ги сакаат приказните што ги измислил тој. Во борбата со силите на злото потребно е нешто повеќе од моќта на разумот и од човечката мудрост. (продолжува)

Pin It on Pinterest