Службата на светите ангели, како што е прикажана во Светото писмо, е мошне утешна и драгоцена вистина за секој Христов следбеник. Но библиската наука за овој предмет е изопачена и затемнета со заблудите на општо прифатеното верување. Науката за природна бесмртност, позајмена од многубожечката филозофија и воведена во христијанската вера за време на мракот на големиот отпад, ја заменила вистината за која Светото писмо толку јасно зборува, а тоа е дека „мртвите не знаат ништо“. Илјадници веруваат дека духовите на умрените се оние „прислужнички духови пратени да им служат на тие што ќе наследат спасение“ (Евреите 1,14). А ова е спротивно на науката на Светото писмо кое учи дека небесните ангели постоеле и биле поврзани со човечката историја пред смртта на кое и да е човечко суштество.

Науката за некаква човекова свесност за време на смртта, особено верувањето дека духовите на умрените се враќаат за да им служат на живите, му приготвило пат на модерниот спиритизам. Ако мртвите се наоѓаат во присуство на Бога и на светите ангели, и ако располагаат со далеку поголемо знаење отколку што имале порано, зошто не би се вратиле на земјата да ги просветлуваат и да ги поучуваат живите? Ако духовите на умрените, како што учат угледните теолози, се реат над своите пријатели на земјата, зошто не би им било дозволено да се дружат со нив, да ги опоменуваат да не грешат и да ги тешат во неволјите? Ако човекот за време на смртта е свесен, тогаш како можат тие што веруваат така да го одбиваат она што им доаѓа како божествено видело од страна на овие прославени суштества? Тоа е токму канал, иако луѓето го сметаат за посветен, со кој се служи сатаната да ги постигне своите цели. Паднатите ангели, кои ги извршуваат неговите заповеди, се јавуваат како весници од светот на духовите. Додека тврди дека живите ги поврзува со мртвите, кнезот на злото всушност ги проникнува со своето кобно влијание.

Тој има моќ да го имитира пред луѓето лицето на нивните починати пријатели. Имитацијата е совршена: истиот изглед, зборовите, гласот ­ сè се имитира со извонредна точност. Мнозина се утешени, уверени дека нивните мили уживаат блаженство на небото и, не сфаќајќи ја опасноста, слушаат „духови и демонски учења“ (1. Тимотеј 4,1).

Кога ќе ги убеди да веруваат дека мртвите навистина се враќаат и разговараат со нив, сатаната оди чекор понатаму. Тој прави да им се појават оние кои неподготвени заминале во смрт. Тие тврдат дека се среќни на небото и дека таму заземаат високи положби. На овој начин се шири заблудата дека нема разлика меѓу праведниците и грешниците. Божемните посетители од духовниот свет понекогаш даваат опомени и предупредувања што се покажуваат точни. Но кога ќе се здобијат со доверба, тие изнесуваат такви науки кои директно ја поткопуваат верата во Светото писмо. Под изговор дека многу се интересираат за благосостојбата на своите пријатели на земјата, ги водат во најопасни заблуди. Фактот што тие кажуваат некои вистини и што понекогаш ги преткажуваат и идните настани, на нивните тврдења им дава изглед на веродостојност, и голем број луѓе го прифаќаат нивното лажно учење толку бргу, и веруваат толку слепо, како да се работи за најсвети библиски вистини. Божјиот закон се отфрла, милоста се презира, а крвта на заветот се смета како нешто несвето. Духовите го негираат Христовото божество, па дури и Творецот го изедначуваат со себе. На овој начин големиот бунтовник под оваа маска го продолжува против Бога својот бунт што го почнал на небото и што трае речиси шест илјади години на земјата.

Мнозина се обидуваат спиритистичките појави да ги објаснат како измами и како вешти волшебства на самиот медиум. Но, иако е вистина дека триковите на маѓесничките вештини често се подметнуваат како вистинити појави, имало и вистински манифестации на една натприродна сила. Таинственото тропање, со кое почнал модерниот спиритизам, не било производ на човечка измама и вештина, туку непосредно дело на лошите ангели кои на овој начин вовеле една од најуспешните измами што ја упропастуваат душата. Мнозина ќе се фатат во стапица верувајќи дека спиритизмот е само една човечка измама. Кога ќе се соочат со појави што ќе мораат да ги сметаат за натприродни, ќе бидат измамени и присилени да ги прифатат како голема Божја сила.

Овие луѓе ги занемаруваат сведоштвата на Светото писмо за чудата што ги прават сатаната и неговите ангели. Со моќта на сатаната фараоновите волшебници го имитирале Божјето дело. Павле сведочи дека пред второто Христово доаѓање ќе има слични манифестации на сатанска сила. На Господовото доаѓање ќе му претходи „сатанско дејствување, со секаква сила, со чудотворни знаци, со лажни чуда и со секаква неправедна измама“ (2. Солуњаните 2,9). А апостол Јован, опишувајќи ја чудотворната сила што ќе се појави во последните денови, кажува: „И прави големи чудотворни знаци, така што прави и оган да паѓа од небото на земјата пред луѓето. Тој ги заведува жителите на земјата со чудотвор ните знаци што му беа дадени да ги прави“ (Откровение 13,13.14). Овде не станува збор за обични измами. Луѓето ќе бидат прелагани со вистински чуда што ќе можат да ги прават сатанските орудија вистински, а не привидно. (продолжува)

Pin It on Pinterest