(продолжува од претходниот ден) Така се исполниле вдахновените зборови: „Објавувањето на твоите зборови просветлува и на скромните мудрост им дава“ (Псалм 119,130). Проучувањето на Светото писмо внело промена во срцето и умот. Папската власт народот го држела под железен јарем на незнаење и понижување. Строго се придржувале кон надворешните празноверни обичаи, но во сета таа служба умот и срцето имале малку удел. Напротив, проповедањето на Лутера, што имало за цел да ги открие едноставните вистини на Божјата реч, потоа самата Реч, ставена во рацете на народот, ги разбудиле успиените енергии, ја исчистиле и ја облагородиле духовната природа и на умот му дале нова сила и решителност.

Можеле да се видат луѓе од сите сталежи како со Библијата во рака ја бранат науката на реформацијата. Приврзаниците на папата, кои проучувањето на Писмото им го препуштиле на свештениците и калуѓерите, сега ги повикувале нив да го побијат новото учење. Но, не познавајќи ги ниту Писмата ниту Божјата сила, свештениците и калуѓерите биле наполно поразени од оние што ги сметале за заблудени лаици. „За жал“, рекол еден католички писател, „Лутер ги уверил своите следбеници дека не треба да се потпираат на ништо друго освен само на Светото писмо“ (D’Aubigne, b. 9, ch. 11). Народот се собирал да слушне како луѓе со скромно образование ја бранат Божјата реч и дури расправаат со учените и речити теолози. Срамното незнаење на овие големи луѓе излегло на виделина кога нивните докази биле со борени со едноставната наука на Божјата реч. Работниците, војниците, жените и децата подобро го познавале Светото писмо отколку свештениците и учените теолози.

Во редовите на учените, а и среде неукиот народ, се забележувала разлика меѓу учениците на евангелието и бранителите на римското празноверие. „Наспроти претставниците на старата хиерархија, кои го занемариле проучувањето на јазиците и книжевностите,… се јавила одушевена и благородна младина, оддадена на студии, на проучување на Писмото, желна да се запознае со ремек­делата на старината. Надарени со бистар ум, со благородна душа, со бестрашно срце, овие млади луѓе набргу се здобиле со такво знаење, што долго време никој не можел да се мери со нив… Кога овие млади бранители на реформацијата при средбите со учителите на Рим би се судриле околу римската доктрина, ги напаѓале со таква леснотија и сигурност, што тие не упатени луѓе се колебале, се збунувале и доживувале порази, кои ги срамотеле во сечии очи“ (Исто, b. 9, ch. 11).

Кога римското свештенство видело дека се намалил бројот на нивните верници, на помош ја повикало градската управа и со сите средства се обидело да ги врати своите верни. Но народот со новото учење ги задоволувал своите душевни потреби и се одвратил од оние што со години го хранеле со лушпи на празноверни обреди и човечки преданија.

Кога се дигнало прогонство против учителите на вистината, овие се држеле за Христовиот налог: „Кога ќе ве прогонуваат во еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10,23). Светлината проникнувала во сите места. На бегалците секогаш им се отворала по некоја гостољубива врата каде што можеле да живеат и тие понекогаш евангелието го проповедале во црква, а ако тоа им било забрането, тогаш во приватни куќи или под ведро небо. Секое место, каде што се собирал народ да ја слушне Божјата реч, било по светен храм. Проповедана со таква сила, вистината се ширела со непреодолива моќ .

Напразно духовните и цивилните власти се обидувале да го скршат „кривоверството“. Попусто се служеле со затвор, со мачења, со оган и меч. Илјадници верни ја запечатиле својата вера со крв, но сепак, делото одело напред. Прогонствата само помогнале вистината повеќе да се шири и фанатизмот, кој сакал да се соедини со неа, само помогнал појасно да се забележи разликата меѓу сатанското дело и делото Божје.

Pin It on Pinterest