(продолжува од претходниот ден) Водачите на ова движење дошле во Витенберг и сакале своето учење да му го наметнат на Меланхтона и на неговите соработници. Му рекле: „Ние сме од Бога пратени да го учиме народот. Со Господа водиме доверливи разговори и ја знаеме иднината; со еден збор, ние сме апостоли и пророци и се повикуваме на доктор Лутер“ (Исто, b. 9, ch. 7).

Реформаторите се зачудиле и се збуниле. Во сето тоа имало нешто што никогаш не го доживеале и не знаеле што да преземат. „Во овие луѓе“, зборувал Меланхтон, „постојат необични духови; но какви се тие духови?… Од една страна, да внимаваме да не го гасиме Божјиот Дух, но од друга, да внимаваме да не нè заведе сатанскиот дух (Исто, b. 9, ch. 7).

Набргу се покажале последиците на новото учење. Светото писмо почнало да се занемарува, па дури и наполно да се отфрла. Во школите настанала забуна. Студентите, презирајќи секој ред, ги оставале своите студии и ги напуштале универзитетите. Луѓето кои мислеле дека се повикани да го оживеат и да го водат делото на реформацијата, го довеле до работ на пропаста. Приврзаниците на Рим пак се охрабриле и победоносно си велеле: „Уште еден удар и сè ќе биде наше“(Исто, b. 9, ch. 7).

Кога Лутер во своето засолниште во Вартбург дознал што се случува, рекол длабоко загрижен: „Секогаш очекував сатаната да ни ја прати таа чума“(Исто, b. 9, ch. 7). Тој го сфатил вистинскиот карактер на тие самоповикани пророци и видел опасност што му се заканувала на делото на вистината. Противењето на папата и царот не му создало толкав немир и грижа колкава што чувствувал сега. Од редовите на божемните пријатели на реформацијата станале нејзини најлоши непријатели. Токму оние вистини што му донеле толку голема радост и утеха, станале причина за раздор и забуна во црквата.

Во делото на реформацијата Лутер бил гонет со Божјиот Дух и одел подалеку отколку самиот што предвидел. Не се надевал дека ќе дојде во таква положба во каква што дошол сега и дека ќе спроведе толку темелна реформа. Тој бил само орудие во рацете на Семожниот Бог и често се тресел поради последиците на своето дело. „Кога би знаел“, велел тој, „дека мојата наука ќе му наштети на еден единствен човек, колку и да бил незначителен и неук ­ што всушност не може да биде, зашто таа е вистинско евангелие ­ јас побргу би се согласил да претрпам десет пати смрт отколку да не се откажам од неа“(Исто, b. 9, ch. 7).

А сега Витенберг, центарот на реформацијата, бргу паднал под влијание на фанатизмот и беззаконието. Оваа страшна состојба не ја предизвикала науката на Лутера, па сепак, неговите непријатели од цела Германија вината ја фрлиле на него. Со болка во душата често се прашувал: „Зар тоа може да биде крај на големото реформаторско дело?“ (Исто, b. 9, ch. 7). Но кога сесрдно се помолил на Бога, во неговото срце повторно завладеал мир. „Делото е твое, а не мое“, му велел тој на Бога, „и ти нема да дозволиш него да го уништат фанатизмот и празноверието.“ Помислата да остане далеку од борбата во толку критичниот час му станала неподнослива. Затоа решил да се врати во Витенберг.

Без двоумење пошол на овој опасен пат. Непријателите имале право да го убијат, а на неговите пријатели им било забрането да го придружуваат и да го штитат. Царската власт презела најостри мерки против неговите приврзаници. Но тој видел дека делото на евангелието е во опасност и пошол бестрашно во Господово име да се бори за вистината. (продолжува)

Pin It on Pinterest