(продолжува од претходниот ден) Отфрлајќи ја опомената на првиот ангел, го отфрлија средството што го предвидело Небото за нивна преродба. Го презреа весникот на милоста кој можеше да ги отстрани пречките што ги делеа од Бога и со уште поголема желба се вратија на световните уживања. Тоа беше причината за онаа страшна состојба на световноста, за отпадот и за духовната смрт што завладеаја со црквите во 1844 година.

Во Откровение 14. глава првиот ангел го следи друг кој објавува: „Падна, падна големиот Вавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на своето блудство“ (Откровение 14,8). Изразот „Вавилон“ доаѓа од зборот „вавел“, што значи бркотија, метеж. Овој израз се употребува во Светото писмо да означи разни облици на лажни или отпаднати религии. Во Откровение 17. глава Вавилон е прикажан како жена, слика со која се служи Библијата симболички да ја означи црквата. Непорочната жена ја претставува вистинската црква, а блудницата отпаднатата црква.

Во Библијата светиот и траен карактер на односот меѓу Христа и неговата црква се прикажува со брачна врска. Господ својот народ го соединил со себе со свечен завет и ветил дека ќе биде негов Бог, а народот се обврзал дека ќе му припаѓа нему, само нему. Тој вели: „Ќе те свршам довека за себе, ќе те свршам во правда, во добрина и во милост“ (Осија 2,19). И повторува: „Јас сум ваш маж“ (Еремија 3,14). И Павле го употребува истиот израз во Новиот завет кога кажува: „Ве свршив со еден маж за да ве приведам како чиста девица пред Христа“ (2. Коринќаните 11,2).

Неверството на црквата кон Христа се споредува со брако-ломство кое се јавува кога таа својата доверба и љубов ги пренасочува од Господа кон светот  кога нејзината душа ја проникнува љубов кон светот. Гревот на Израел, неговото оддалечување од Господа, ни е прикажан со таа слика. А Божјата прекрасна љубов што тој ја презрел, се изнесува трогателно со овие зборови: „Ти се заколнав и стапив во сојуз со тебе, вели Господ Бог, и ти стана моја.“ „И беше многу убава, прекрасна, слична на царица. Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во мојот накит со кој те искитив… Но твојата убавина те занесе, заради својот глас се предаде на блудство; своето блудство му го нудеше изобилно на секој минувач, негова беше.“ „Но, како жена што го изневерува својот маж, така вие ме изневеривте мене, доме Израелов, вели Господ.“ „Ти беше како неверна жена која, место својот маж, прибра туѓи мажи“ (Езекил 16,8.13­15; Еремија 3,20; Езекил 16,32).

И во Новиот завет слични зборови им се упатени на христијаните кои повеќе се наклонети кон светот отколку кон Бога. Апостол Јаков вели: „Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство спрема Бога? Така, кој сака да му биде пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јаков 4,4).

Жената (Вавилон) во Откровение 17. глава се прикажува како жена „облечена во пурпурно и во црвено, и накитена со злато, со скапоцени камења и со бисери, и во својата рака држеше златна чаша, полна со гнасотијата и нечистотијата од нејзиното блудство, а на челото, пак, ѝ беше напишано име, тајна: ‘Големиот Вавилон’, мајка на блудниците и на земните гнасотии.“ Пророкот вели: „И ја видов жената пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци“ (Откровение 17,4­6). Понатаму за Вавилон се кажува дека е „голем град кој владее над земните цареви“ (Откровение 17,18). Силата која многу векови деспотски господарела над христијанските владетели бил Рим. Пурпурот и црвеното, златото, скапоцените камења и бисерот, живо го прикажуваат сјајот и царскиот раскош со кој се гордеел Рим. Ниту за една друга власт не може со толкаво право да се каже дека е „пијана од крвта на светите“ како за онаа која толку свирепо ги прогонувала Христовите следбеници. Вавилон е виновен и за грев поради незаконски врски со „земните цареви“. Со оддалечувањето од Господа и со врската со многу бошците, еврејската црква станала блудница; а Рим, кој и самиот на ист начин се расипал, добива иста пресуда.

За Вавилон се кажува дека е „мајка на блудниците“. За нејзини ќерки мораме да ги сметаме оние цркви што ја прифаќаат нејзината наука и нејзините преданија и го следат нејзиниот пример, зашто ја жртвуваат вистината и Божјата наклоност за да стапат во незаконита врска со светот. Веста во Откровението 14. глава, што го објавува падот на Вавилон, мора да се однесува на верските заедници кои некогаш биле чисти, па се расипале. Бидејќи по оваа вест следи опомена за судот, значи дека таа мора да се објави во последните денови, и затоа не може да се однесува само на Римската црква, зашто таа веќе многу векови се наоѓа во падната состојба. Понатаму, во осумнаесеттата глава на Откровението Божјиот народ се повикува да излезе од Вавилон. Според овој текст на Светото писмо, многу Божји деца уште се наоѓаат во Вавилон. Но во кои верски заедници се наоѓа денеска поголемиот дел на Христовите следбеници? Без сомнение, во разни заедници што исповедаат протестантска вера. Во времето кога настанале, овие заедници имале исправен став кон Бога и кон неговата вистина и врз нив почивал негов благослов. Дури и неверниот свет морал да ги признае благотворните последици што ги носело прифаќањето на начелата на евангелието, како што му кажал пророкот на Израел: „Гласот за твојата убавина се разнесе меѓу народите зашто ти беше совршена во мојот накит со кој те искитив, вели Господ Бог“ (Езекил 16,14). Но овие заедници паднале поради истите стремежи што му донеле на Израел проклетство и пропаст поради стремежот да ги прифатат обичаите на неверниците и да се спријателат со нив. „Но твојата убавина те занесе, заради својот глас ти се оддаде на блудство“ (Езекил 16,15). (продолжува)

Pin It on Pinterest