(продолжува од претходниот ден) Присуствувањето на богослуженијата на државната црква се барало под закана на затвор или парична казна. „Вилијамс не го одобрувал тој закон. Најлоша одредба на тој закон била онаа со која се пропишувало посетувањето на богослуженијата на жупската црква. Да се присилува некој да се придружи на луѓе со поинакво верување го сметал за повреда на нивното природно право; со сила да се влечат неверни и рамнодушни на богослужение значи да се бара од луѓето лицемерство… Никој не треба против негова волја да се присили да присуствува на богослужение или да плаќа трошоци околу богослужението. ‘Што’, викале неговите противници, соблазнувајќи се од неговата наука, ‘нели работникот е достоен за својата плата?’ ‘Да’, одговорил Вилијамс, ‘но од оние што го вработуваат!’“ (Bancroft, pt. 1, ch. 15, par. 2).

Луѓето го почитувале и го сакале Роџера Вилијамса како верен проповедник, како човек со ретки способности, со нескршлива чесност и вистинска добрина; но некои не можеле да поднесат што тој така решително ѝ го откажува правото на граѓанската власт да господари над црквата и што бара религиозна слобода. Примената на таа нова наука, велеле, „би го превртила темелот на владата на оваа земја“ (Исто, pt. 1, ch. 15, par. 10). Тој бил осуден на протерување од колонијата и конечно, за да го избегне апсењето, бил присилен среде најголема зима да побара засолниште во шума.

„Во текот на четиринаесет седмици“, пишува тој, „по најлошо време талкав жално горе­долу без засолниште и без леб, но ме хранеа гаврани; најчесто како засолниште ми служеше едно шупливо дрво“ (Martyn, vol. 5, pp. 349, 350). Така го продолжил своето мачно бегство низ снег и беспатна шума, додека најпосле не нашол прибежиште кај едно индијанско племе каде што се здобил со љубов и доверба, трудејќи се да ги запознае со евангелските вистини.

По повеќемесечно талкање, конечно стигнал до бреговите на Нарагансетскиот залив, каде што положил темел на првата држава на модерното време, која во полна смисла го признавала правото на религиозна слобода. Основниот принцип на колонијата на Роџер Вилијамс гласел: „Секој има право и слобода да му служи на Бога во светлината на својата совест“ (Исто, vol. 5, p. 354). Неговата малечка држава, Род Ајленд, станала прибежиште за сите прогонети; растела и цутела додека нејзините основни принципи ­ граѓанската и верската слобода ­ не станале темелен камен на американската република.

Во овој важен стар документ, кој овие луѓе го прогласиле за устав на своите права ­ Декларација на независноста ­ тие велат: „Ние сметаме дека овие вистини се разбирливи сами по себе дека сите луѓе се создадени еднакви, дека Творецот им дал извесни неотуѓиви права во кои го вбројуваме правото на живот, на слобода и среќа.“ Уставот со најјасни зборови ја гарантира неповредливоста на совеста. Тој кажува: „Никаков верски услов не смее да се бара како квалификација за вршење на каква било јавна доверлива служба во Соединетети Држави.“ „Конгресот не може да донесе никаков закон со кој ќе воведе каква било државна религија или пак да го забрани слободното исповедање на некоја религија.“

„Творците на уставот го признале вечното начело дека односите на човекот кон неговиот Бог стојат над човечкото законодавство, и дека неговото право на слободна совест е неотуѓиво. За докажување на оваа вистина не е потребно да се наведуваат причините; во својата внатрешност секој е свесен за тоа. Наспроти човечките закони, свеста за тоа им дала сила на толкумина маченици среде маките и пламенот на ломачите. Чувствувале дека нивната должност кон Бога стои над човечките наредби и дека човекот нема право да господари над нивната совест. Тоа е начело што секој го носи во себе и што никој не може да го избрише“ (Congressional documents (U.S.A.), serial No. 200, document No. 271).

Кога во Европа се прочула веста дека постои една земја каде што секој може да го ужива плодот на својот труд и да живее според својата совест, илјадници побрзале кон Новиот Свет. Колониите бргу се множеле. „Со посебен закон колонијата Масачусетс добро ги примала и им давала помош на христијаните од сите нации што бегале преку Атлантскиот Океан за да ги избегнат војните, гладот или угнетувањето од своите прогонувачи. Така, според законот, овие бегалци и изгнаници се прогласени за гости на државата“ (Martyn, vol. 5, p. 417). Во текот на дваесет години од првото истоварување во Плимаут, илјадници доселеници се населиле во Нова Англија.

За да го постигнат својот сакан идеал, овие доселеници биле трудољубиви и задоволни со најпотребните средства за живот. Од земјата очекувале најскромен плод на својот труд. Не дозволиле да се прелажат со никакви златни изгледи за иднината. Биле задоволни со постепен, но постојан напредок на својата општествена заедница. Стрпливо ги поднесувале откажувањата од многу нешта во животот во пустината, и со солзи и пот на челото го залевале дрвото на слободата кое своите корени ги пуштило длабоко во земјата. (продолжува)

Pin It on Pinterest