(продолжува од претходниот ден) Во времето на Весли, како и во сите векови на црковната историја, луѓе со различни способности го извршувале делото што им го доверил Бог. Тие не се согласувале во секоја точка на науката, но сите биле гонети од Светиот Дух и соединети со топла желба да ги придобијат душите за Христа. Разликите во мислењето меѓу Вајтфилд и браќата Весли се заканувале извесно време да предизвикаат расцеп. Но бидејќи во Христовата школа научиле да бидат кротки, взаемната трпеливост и христијанската љубов ги помириле. Немале време да се препираат додека насекаде владееле заблуди и престапи, а грешниците се лизгале во пропаст.

Божјите слуги морале да одат по нерамен пат. Многу влијателнии образовани луѓе ги употребиле сите свои сили против нив. По извесно време голем дел од свештенството покажало отворено непријателство кон нив и црковната врата била затворена за чистата вера и за оние што ја проповедале. Обвинувајќи ги од проповедална, свештенството ги поттикнувало против нив силите на темнината, незнаењето и беззаконието. Со чудо на Божјата милост Џон Весли повеќе пати ја избегнал смртта. Кога се дигнал против него гневот на џганот и кога се чинело дека е неможно да се избави, крај него стоел ангел во човечка лика, толпата се повлекла и од местото на опасноста Христовиот слуга заминал неповреден.

За своето избавување од разјарената толпа во една таква ситуација, Весли раскажува: „Кога се спуштавме по лизгав пат кон градот, мнозина сакаа да ме турнат по удолништето, со право мислејќи дека, ако паднам, нема никогаш пак да се подигнам. Но не паднав, не се лизнав, додека не се најдов потполно надвор од досегот на нивните раце. Иако мнозина се обидуваа да ме фатат за јаката или за облеката за да ме кутнат, сепак, не успеаја. Само еднаш на еден од нив му успеа да ме фати за џебот од елекот што остана во неговата рака, а другиот џеб, во кој се наоѓаше ќесето, беше само наполу оттргнат. Еден силен човек, кој беше зад мене, замавна неколку пати да ме удри со голем дабов стап. Да ме удреше само еднаш по глава, не ќе требаше повеќе да ме удри. Но секојпат ударот промашуваше, не знам ни самиот како, зашто јас не можев да се тргнам ниту лево ниту десно… Еден од толпата јурна и ја подигна раката да ме удри, но наеднаш ја спушти и ме помилува по главата, велејќи: ‘Колку мека коса има!’… Првите луѓе што се обратија беа улични разбојници, кои секогаш беа готови да направат некое лошо дело; еден од нив беше борач во мечкини дувла…

Со колкава нежност Бог нè приготвува нас за извршување на неговата волја! Пред две години парче цигла го драсна мојот грб. Една година подоцна камен ме погоди меѓу очите. Минатиот месец добив еден удар, а денеска два, еден пред влегувањето во градот, а друг по излегувањето од него, но обата беа како ништо. Еден човек со сета сила ме удри во градите, а друг по устата толку силно што веднаш ми потече крв, но сепак, ниту од едниот удар не почувствував посилна болка отколку да ме допрел со сламка“ (John Wesley, Works, vol. 3, pp. 297, 298).

Методистите во тоа време народот и проповедниците поднесувале многу подбивања и прогонства, како од членовите на црквата така и од неверниците кои биле раздразнети против нив. Често биле повикувани пред судови судови само по име, зашто во тоа време правдата била редок гостин во судниците. Често поднесувале насилство од своите прогонувачи. Џганот одел од куќа до куќа, ја уништувал покуќнината и другите предмети, ограбувал сè што му се допаѓало и ги малтретирал мажите, жените и децата. Во некои случаи преку јавни огласи се повикувале сите што сакале да учествуваат во разбивање на прозорците и во грабежи на методистичките куќи да се соберат во одредено време на одредено место. Ова отворено газење на човечките и божествените закони останувало неказнето. Систематски биле прогонувани сите чијашто единствена грешка се состоела во тоа што настојувале да ги одвратат грешниците од патот на пропаста и да ги доведат на патот на светлината.

За обвинувањата против себе и против своите другари Џон Весли пишува вака: „Некои докажуваат дека науката на овие луѓе е лажна, погрешна и фанатичка, дека се новатори и речиси непознати, дека се квекери, фанатици и паписти. Неоснованоста на овие тврдења многу пати веќе е докажана со тоа што подробно е објаснето дека секоја гранка на оваа наука е точна наука на Светото писмо, како што го толкува тоа нашата сопствена црква. Според тоа, ако Писмото е вистинито, ова учење не може да биде ниту лажно, ниту погрешно.“ „Други велат: ‘Нивното учење премногу е строго, тие патот кон небото го прават претерано тесен.’ Тоа навистина беше првобитен приговор, извесно време единствен, и тој е темел на илјадници други приговори што се појавуваа во разни облици. Но зар тие патот кон небото го прават потесен отколку што го направиле нашиот Спасител и неговите ученици? Дали нивната наука е построга од науката на Светото писмо? Да посматраме неколку јасни стихови: ‘Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум!’ ‘За секој празен збор што ќе го кажат луѓето ќе одговараат на судниот ден.’ ‘Ако јадете, ако пиете, или ако нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја.’“ (продолжува)

Pin It on Pinterest