„Потоа видов друг ангел како слегува од небото; тој имаше голема власт и земјата се осветли од неговата слава. И извика со силен глас, велејќи: ‘Падна, падна, големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови и прибежиште на сите нечисти и омразени птици’. … И чув друг глас од небото како вели: ‘Излези од неа, народе мој, за да не бидеш со учесник во нејзините гревови и да не ги примиш нејзините зла“ (Откровение 18,1.2.4).

Ова место во Писмото укажува на времето кога треба да се повтори веста за падот на Вавилон што ја објавуваше вториот ангел (Откровение 14,8), со напомени за расипаноста што на влегла во разни верски заедници кои го сочинуваат Вавилон откако оваа вест првпат е објавена летото во 1844 година. Овде се опишува страшната состојба на верско поле. Со секое отфрлање на вистината духот на луѓето станува помрачен, а нивното срце потврдо, додека не стане отворено за неверство. Наспроти опомените што ги дал Бог, тие ќе продолжат да презираат една од Десетте заповеди додека не бидат заведени во толкава мера што ќе почнат да ги прогонуваат оние кои заповедите ги сметаат за свети. Презирањето на Божјата реч и на неговиот народ значи презирање на Христа. Кога црквите ќе го прифатат спиритистичкото учење, ќе бидат отстранети оградите што му биле наметнати на телесното срце, а вероисповедта ќе стане наметка која ќе покрива најподло без законие. Верата во спиритистичките откровенија им ја отвора вратата на лажните духови и на ѓаволските науки и така во црквите ќе се чувствува влијанието на лошите ангели.

За Вавилон и за времето кога се зборува за него во ова пророштво се кажува следното: „Зашто нејзините гревови се натрупаа до небото и Бог си спомна за нејзините беззаконија“ (Откровение 18,5). Вавилон ја наполнил мерката на својата вина и бргу ќе го снајде пропаст. Но Господ има уште свој народ во Вавилон и пред Вавилон да биде казнет со Божјите судови, верните треба да бидат повикани да излезат од него, да не бидат учесници во неговите гревови и да не „паднат под удар на нејзините зла“. Затоа овде станува збор за движење што е претставено со ангел кој слегува од небото, ја осветлува земјата со својата слава и со силен глас ги објавува гревовите на Вавилон. Сообразно со неговата вест, се слуша повикот: „Излезете од неа, народе мој!“ Овој повик, во врска со третата ангелска вест, ја сочинува последната опомена што ќе им биде упатена на жителите на Земјата.

Страшен е крајот кон кој оди во пресрет светот. Земните сили што се здружуваат во борбата против Божјите заповеди ќе издадат наредба според која ќе мораат „сите ­ мали и големи, богати и бедни, слободни и робови“ (Откровение 13,16), да се прилагодат кон обичајот на црквата, празнувајќи ја неделата. Сите што ќе одбијат да постапат така, ќе бидат казнети, а најпосле ќе биде објавено дека заслужуваат смрт. Од друга страна, Божјиот закон, кој налага одмор во денот што го одредил Творецот за одмор, бара послушност и се заканува со гнев против сите престапници на тој Закон.

Кога ова прашање на Божјиот закон на луѓето ќе им се изнесе јасно, тогаш секој што ќе го гази тој Закон за да ги послуша човечките наредби, ќе прими жиг на ѕверот. Тој прима знак на верноста кон власта што сака да ја слуша наместо Бога. Небесната опомена гласи: „Секој што ќе му се поклони на ѕверот и на неговата икона, и прими жиг на своето чело или на својата рака, самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е неразредено во чашата на неговата јарост“ (Откровение 14,9.10).

Но никого нема да го стигне Божјиот гнев пред да му биде изнесена вистината, пред да бидат осведочени неговото срце и совест, и пред тој да ја отфрли. Има многу луѓе кои никогаш немале можност да ги слушнат посебните вистини за ова време. Задолжителноста на четвртата заповед никогаш не им била изнесена во вистинска светлина. Бог, кој чита сечие срце и испитува секоја побуда, нема да дозволи ниту еден од оние што бараат да ја запознаат вистината да биде прелаган во врска со исходот на борбата. Наредбата (декретот) нема на луѓето да им биде наметната како на слепи извршители. Секој треба да добие доволно светлина за да може разумно да одлучи.

Празнувањето на седмичниот ден за одмор ќе послужи како голема проверка на верноста, зашто таа вистина посебно е изложена на напади. Кога луѓето ќе бидат ставени пред таа конечна проверка, тогаш ќе биде повлечена линија на разделба меѓу оние што му служат на Бога и оние што не му служат. Додека празнувањето на неделата, во согласност со земните закони, но наспроти четвртата Божја заповед, ќе биде заклетва на верност кон онаа сила што му се противи на Бога, празнувањето на библискиот ден за одмор, во согласност со Божјиот закон, ќе биде доказ за верноста кон Творецот. Така, една група луѓе, прифаќајќи го знакот на покорност кон земните власти, ќе прими жиг на ѕверот, друга група, избирајќи го знакот на верноста кон божествениот авторитет, ќе прими Божји печат. (продолжува)

Pin It on Pinterest