(продолжува од претходниот ден) Бог во својата мудрост му дозволил на сатаната да го продолжи своето дело додека духот на незадоволство не се претворил во отворен бунт. Намерите на сатаната требало да се откријат во полна мера за сите да можат да ја запознаат нивната вистинска природа и неговите стремежи. Луцифер, како помазан херувим, бил мошне возвишен; небесните суштества многу го сакале и тој имал големо влијание врз нив. Божјето владеење ги опфаќало не само небесните жители, туку и сите други светови што ги создал Тој. Сатаната мислел, ако може да ги вовлече небесните ангели во бунт, тогаш истото ќе може да го стори и со жителите на другите светови. Со голема вештина им го објаснил својот став и употребил лукавство и лага за да ја постигне својата цел. Неговата измамничка сила била мошне јака, а наметнувајќи се со плашт на лага, имал поголем успех. Дури ни верните ангели не можеле наполно да проникнат во неговиот карактер и да видат каде ги води неговото дело.

Сатаната бил толку високо ценет, а сите негови постапки обвиени во таква таинственост, што на ангелите им било тешко да ја откријат вистинската природа на неговата работа. Сè додека не се развил потполно, гревот не можел да изгледа толку опасен каков што всушност бил. Сè до тогаш гревот немал место во Божјата вселена и светите суштества не знаеле ништо за неговата природа и за неговите стравотии. Тие не би можеле да ги сфатат страшните последици што би настапиле со отстранувањето на Божјиот закон. Сатаната од почеток го криел своето дело признавајќи привидно верност кон Бога. Тврдел дека сака да ја извиши Божјата чест, да ја утврди постојаноста на неговото царство и да ја унапреди благосостојбата на сите небесни жители. Предизвикувајќи незадоволство кај ангелите што му биле потчинети, знаел мошне вешто да се претвора како да сака да го отстрани тоа незадоволство. Кога барал да се извршат промени во Законот и во системот на Божјето владеење, тоа го правел под изговор дека тие се потребни за да се сочува единството на небото.

Во своето постапување со гревот, Бог можел да се послужи само со правдата и вистината. Сатаната го употребувал она што Бог не можел да го употреби ласкање и измама. Се обидувал да ја искривоколчи Божјата реч, а планот на Божјето владеење погрешно им го претставувал на ангелите тврдејќи дека Бог не е праведен, зашто на небесните жители им поставува закони и прописи и сака самиот себеси да се извиши барајќи од нив покорност и послушност. Затоа пред небесните жители, како и пред сите светови, морало да се докаже дека Божјето владеење е праведно и неговиот Закон совршен. Сатаната настојувал да покаже како самиот тој да сака да ја унапреди благосостојбата на вселената. Бидејќи требало сите да го разберат вистинскиот карактер на овој бунтовник и неговата вистинска цел, на сатаната морало да му биде дадено време потполно да се открие низ своите без божни дела.

Сатаната неслогата што ја предизвикал со своето лично однесување на небото му ја припишувал на Законот и на Божјето владеење. Објавил дека сето зло е само последица на божественото владеење. Тврдел дека негова цел е да ги усоврши Божјите уредби. Затоа било потребно да му се даде можност да ја покаже природата на своите барања и практичното дејство на своите предложени промени во божествениот Закон. Требало да го осудат самите негови дела. Сатаната од почеток тврдел дека тој не е бунтовник. Затоа требало целата вселена да види дека измамникот е разобличен.

Дури и кога е решено дека сатаната не може повеќе да остане на небото, неизмерната Божја мудрост не го уништила. Бидејќи на Бога може да му биде угодна само служба од љубов, верноста на неговите созданија мора да произлегува од осведочувањето за неговата праведност и доброта. Жителите на небото и на другите светови, бидејќи не биле приготвени да ја сфатат природата и последиците на гревот, не би можеле да ја разберат правдата и Божјата милосрдност кога сатаната веднаш би бил уништен. Кога веднаш би бил уништен, тие на Бога би му служеле повеќе од страв отколку од љубов. Влијанието на измамникот не би било наполно уништено, ниту пак духот на бунтот би бил наполно искоренет. На злото морало да му се дозволи да узрее. За добро на целата вселена во сите времиња било потребно сатаната поцелосно да ги развие своите начела, за сите созданија да можат да ги видат во вистинска светлина неговите обвинувања против божественото владеење со цел правдата, Божјата милост и непроменливоста на Божјиот закон никогаш повеќе да не бидат ставени под сомневање.

Бунтот на сатаната требало да биде поука за целата вселена во сите времиња и вечно сведоштво за природата и за страшните последици на гревот. Начелата на сатаната и нивното влијание врз луѓето и врз ангелите требало да покажат какви се плодовите на отстранувањето на божествениот авторитет и да посведочат дека со постоењето на божественото владеење и со неговиот Закон е поврзана благосостојбата на сите суштества што ги создал Бог. Така историјата на овој страшен бунт требало да биде постојана заштита за сите свети суштества, да ги сочува од погрешно сфаќање за тоа што значи престапот и да ги заштити од гревот и од неговата казна. (продолжува)

Pin It on Pinterest