(продолжува од претходниот ден) Шест илјади години земјата се тресела од буните на сатаната. Тој е оној кој „светот го претвораше во пустина и со земјата ги срамнуваше градовите“. Тој е оној кој „своите робови никогаш не ги пушташе дома“. Шест илјади години неговата темница го примала Божјиот народ и тој засекогаш би го држел во ропство кога Христос не би ги искинал нивните окови и кога не би ги ослободил заробените.

Дури и грешниците сега се надвор од моќта на сатаната. Сам со своите демони, сатаната може да ги согледа последиците на проклетството што го донел гревот. „Сите цареви на народите почиваат во чест, секој во својата гробница. А ти си исфрлен од гробот како одвратно ѓубре… Нема да се здружиш со нив во гробот, зашто ја уништи својата земја и го покла својот народ“ (Исаија 14,18-20).

Илјада години сатаната ќе талка на опустената Земја да ги посматра последиците на својот бунт против Божјиот закон. Во тоа време тој многу ќе страда. Од својот пад, неговиот живот, исполнет со постојана активност, не му давал време за размислување. Но сега тој е лишен од својата сила и оставен е да размислува за улогата што ја имал откако прв пат се побунил против владеењето на небото и со страв и трепет да гледа во страшната иднина кога ќе мора да пати поради сето зло што го создал и да биде казнет за сите гревови што ги предизвикал.

На Божјиот народ ропството на сатаната ќе му донесе радост и веселба. Пророкот кажува: „Во оној ден, кога Господ ќе те ослободи од твоите страдања, од немирот и од тешкото ропство со кое те притиснаа, ќе му ја запееш оваа подбивна песна на вавилонскиот цар (кој го претставува сатаната): ‘Како исчезна силникот? Како го снема угнетувачот?… Господ го скрши стапот злосторнички и владетелскиот жезол кој јаросно ги биеше народите со бескрајни удари, кој гневно владееше над народите прогонувајќи ги безмилосно’“ (Исаија 14,3-6).

За време на овие илјада години, меѓу првото и второто воскресение, се одржува суд над грешниците. Апостол Павле предупредува на овој суд како настан што се одигрува по Христовото повторно доаѓање. „Не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, кој ќе го изнесе на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата“ (1. Коринќаните 4,5). Даниел кажува дека, кога ќе дојде Прадревниот, ќе им го даде „судот на светците на Севишниот“ (Даниел 7,22). Во ова време праведниците ќе владеат како цареви и свештеници на Бога. Јован во Откровението кажува: „И видов престоли, а на оние кои седеа на нив им беше дадено да судат… Ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со него илјада години“ (Откровение 20,4.6). Во ова време, како што преткажал Павле, „светите ќе му судат на светот“ (1. Коринќаните 6,2). Заедно со Христа тие ќе им судат на грешниците споредувајќи ги нивните дела со Книгата на законот, со Библијата, и ќе решат секој случај според делата што се направени во тело. Тогаш казната што мора да ја искусат грешниците ќе биде одмерена според нивните дела и запишана покрај нивното име во Книгата на смртта.

Христос и неговиот народ исто така ќе им судат на сатаната и на неговите лоши ангели. Павле кажува: „Не знаете ли дека ние ќе им судиме на ангелите?“ (1. Коринќаните 6,3). А апостол Јуда изјавува: „Па и ангелите, кои не го зачуваа своето достоинство, туку го оставија своето живеалиште, ги чува во вечни окови под мрак, за судот на великиот ден“ (Јуда 6).

На крајот од тие илјада години ќе настапи второто воскресение. Тогаш од мртвите ќе воскреснат грешниците и ќе се појават пред Бога за да се изврши над нив изречената пресуда. Така писателот на Откровението, откако го опишал воскресението на праведниците, кажува: „А другите мртовци не оживеаја додека не се навршија илјада години“ (Откровение 20,5). А Исаија, во врска со грешниците, кажува: „Ќе бидат собрани и заточени во јама, затворени во темница, и по многу денови казнети“ (Исаија 24,22).

Pin It on Pinterest