(продолжува од претходниот ден) Процесијата се запирала на сите места на мачење. Враќајќи се на своето појдовно место кај кралската палата, народот се разотишол, а кралот и епископите се повлекле, задоволни со настаните на денот. Решено е почнатото дело да продолжи до целосно истребување на кривоверството.

Евангелието на мирот што го отфрлила Франција требало да биде искоренето, но колку страшни ќе бидат последиците! Дваесет и први јануари 1793 година, двесте педесет и осум години откако Франција го објавила истребувањето на протестантите, низ улиците на Париз поминувала една друга колона, со сосем поинаков карактер. „Пак кралот бил главна личност; пак се слушнал вик на народот кој барал нови жртви; пак се подигале нови губилишта за страшни егзекуции. Луј  XVI, отимајќи им се на своите темничари и крвници, бил довлечен на гилотина и тука сосила е држан додека не паднала секирата и додека неговата глава не се оттркалала на земјата“ (Wylie, b. 13, ch. 21). Кралот на Франција не бил единствена жртва; недалеку од тоа место погубени се околу две илјади и осумстотини мажи и жени за време на крвавите денови на стравот и ужасот.

Реформацијата на светот му ја открила Библијата; укажала на Божјиот закон, објавувајќи дека сè уште важат неговите барања и права над човечката совест. Бесконечната љубов на луѓето им ги открила небесните уредби и начела. Господ кажал: „И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи кои, откако ќе ги чујат сите тие наредби, ќе речат: ‘Овој голем народ е мудар и разумен на род’“ (5. Мојсеева 4,6). Отфрлајќи го небесниот дар, Франција посеала семе на анархија и пропаст, што неизбежно довело до револуција и насилство.

Уште пред да настапи прогонството предизвикано со плакатите, смелиот и ревносен Фарел бил присилен да го напушти својот роден крај. Заминал во Швајцарија каде што со својата работа му помогнал на Цвингли реформацијата да однесе победа. Овде ги поминал своите последни години, но сепак, вршел и значително влијание врз реформацијата во Франција. За време на првите години од своето изгнанство особено се трудел да го прошири евангелието во својот роден крај. Многу време поминал проповедајќи го евангелието меѓу своите земјаци во близината на границата, од каде што со неуморно внимание ја следел борбата што се водела во неговиот роден крај, помагајќи го сестрано. Благодарение на неговите настојувања и залагањата на другите изгнаници, списите на германските реформатори биле преведени на француски јазик и заедно со француската Библија печатени во голем број. Колпортерите овие дела ги продавале низ цела Франција. Книгите на колпортерите им се давани по пониска од продавната цена, а разликата одела во корист на колпортерите кои се издржувале од тоа и така можеле без прекин да ја продолжат работата.

Фарел својата работа во Швајцарија ја почнал како скромен учител. Повлекувајќи се во скромна жупа, се посветил на воспитување на децата. Покрај вообичаените предмети, претпазливо ги вовел и библиските вистини, надевајќи се дека на тој начин преку децата ќе ги придобие и родителите. И навистина некои поверувале, но се вмешале свештениците да го спречат делото, а ги подбуцнале и празноверните селани да му се противстават. „Ова не може да биде Христово евангелие“, велел свештеникот, „зашто неговото проповедање не носи мир, туку војна“(Wylie, b. 14, ch. 3).

 

Pin It on Pinterest