(продолжува од претходниот ден) Фарел бил уверен дека кај Калвина го нашол оној што треба да биде негов соработник во тоа дело. Во име на Бога свечено го заколнал младиот евангелист да остане тука и да соработува со него. Калвин, уплашен, се колебал. Бојазлив и мирољубив, се плашел да стапи во допир со храбрите, независни и дури избувливи граѓани на Женева. Неговото нежно здравје и неговите навики за проучување го гонеле да бара повлеченост. Верувајќи дека со своето перо би можел најдобро да ѝ послужи на реформацијата, Калвин копнеел да најде едно тивко место за проучување, од каде со пишаниот збор би ги поучувал и би ги изградувал црквите. Но свечениот повик на Фарела му дошол како повик од небото и тој немал смелост да го одбие. Му се чинело, рекол тој, како да се подала Божјата рака од небото, „го фатила и неотповикливо го ставила на местото што толку нестрпливо сакал да го напушти“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 9, ch. 17).

Во тоа време над протестантското дело демнеле големи опасности. Против Женева грмеле папски анатеми и силни народи ѝ се заканувале со уништување. Како да ѝ се противстави овој мал град на моќната хиерархија што подјармила толку кралеви и цареви? Како да ѝ се противстави на војската на најголемите светски освојувачи?

Во целото христијанство протестантизмот бил опкружен со страшни непријатели. Првите победи на реформацијата поминале, а Рим собрал нови сили, надевајќи се дека ќе може да ја уништи новата вера. Во тоа време е основан редот на језуитите најсвиреп, најбезочен и најсилен бранител на папството. Раскинувајќи ги земните врски и човечките обѕири, мртви кон барањата на природните склоности, замолкнувајќи го разумот и гласот на совеста, језуитите ја познавале само власта и правилата на својот ред и единствена должност им била да ја зголемат неговата моќ. Христовото евангелие ги оспособило своите приврзаници храбро да им се противстават на опасностите, да поднесат страдања, зима, глад, умор, сиромаштво и да го подигнат знамето на вистината спроти мачењата на тркало, спроти затворите и ломачите. Во борбата против реформацијата, језуитите ги одушевувале своите следбеници да се борат против неа со фанатизам кој ги оспособувал да ги претрпат истите опасности и на силата на вистината да ѝ го противстават сето оружје на измамата. Ниту едно злосторство не било толку болно за да не го извршат, ниту една измама толку подла за да не ја изведат, ниту една лага толку ниска за да не ја употребат. Иако биле заветувани со завет на вечно сиромаштво и понизност, тие настојувале да стекнат богатство и моќ за да ги употребат за уништување на протестантизмот и за воспоставување на врховна власт на папството.

Кога се појавувале како членови на редот, се појавувале под плашт на светост: посетувале затвори и болници, им служеле на болните и несреќните, тврделе дека се откажале од светот и дека го носат светото име на божествениот Исус кој одел насекаде правејќи добро. Но под оваа беспрекорна надворешност се криеле злосторнички и крвнички намери. Главно начело на редот било целта да го оправда средството. Според тој закон лагата, кражбата, кривоклетството и убиството од притајување не само што се проштавале, туку се препорачувале, само ако тоа служело во интерес на црквата. На различни начини језуитите се вовлекувале во државната администрација, станувале советници на кралевите и управувале со политиката на нациите. Служеле како слуги за да ги шпионираат своите господари. Основале училишта за воспитување на кнежевските и благородничките синови и училишта за обичниот народ; а децата на протестантските родители ги присилувале да ги прифаќаат папските обичаи. Целиот надворешен сјај и раскош на римското богослужение имало цел на народот да му го помати умот, да ја занесе и да ја зароби мечтата; и така се случувало синовите да ја продаваат слободата за која нивните татковци се бореле и ја пролевале својата крв. Језуитите бргу се рашириле низ цела Европа и секаде каде што се зафатиле, тука пак оживеала папската моќ. (продолжува)

Pin It on Pinterest