(продолжува од претходниот ден) Римската црква особено се истакнува со своето лукавство и препреденост. Таа може да преткаже што ќе се случи. Гледајќи дека протестантските цркви ја почитуваат со тоа што ја прифаќаат лажната сабота и што се приготвуваат да ја наметнат со истите средства што ги употребила таа во минатото, таа може мирно да го чека својот час. Оние што ја отфрлаат светлината на вистината, ќе бараат помош од оваа самонаречена непогрешна сила за да ја извишат установата што самата таа ја основала. Не е тешко да се наслути колку подготвено Католичката црква ќе им даде помош на протестантите во оваа работа. Кој знае подобро од папските водачи како се постапува со оние што не ѝ се послушни на црквата?

Римската црква, со своите ограноци по цел свет, сочинува огромна организација што се наоѓа под водство на папската столица и ѝ служи на нејзиниот интерес. Милиони нејзини членови во сите земји на светот се поучуваат дека се должни да покажат поданичка покорност на папата. На која било народност да ѝ припаѓаат, и каков било облик да има нивната влада, тие треба авторитетот на црквата да го сметаат за поголем од секој друг. Иако ѝ се заколнуваат на државата на верност, сепак, над сè стои заветот на послушност кон Рим кој ги ослободува од секоја обврска што не е во согласност со неговите интереси.

Историјата ни сведочи за вештината и за упорните напори на папството да се вовлече во државните работи и, обезбедувајќи си поддршка, да настојува да ги оствари своите цели дури и по цена на пропаст на принцови и народи. Во 1204 година папата Иноќентие III изнудил од арагонскиот крал Петар II да ја положи оваа необична заклетва: „Јас, Петар, крал арагонски, го признавам и му ветувам на мојот господар, папата Иноќентие, на неговите католички наследници и на Римската црква, постојана верност и послушност. Верно ќе го чувам моето кралство, покажувајќи послушност кон него, ќе ја бранам скапоцената вера, а ќе ја гонам еретичката расипаност“ (John Dowling, The History of Romanism, b. 5, ch. 6, sec. 55).

Ова се согласува со тврдењето во врска со моќта на римскиот првосвештеник дека тој има „законско право да ги соборува царевите“ и дека „може да ги ослободи поданиците од нивната заклетва на верност кон неправедниот владетел“ (Mosheim, b. 3, cent. 11, pt. 2, ch. 2, sec. 9, note 17).

Нека не се заборави дека Рим се фали токму со тоа што никогаш не се менува. Принципите на Гргур VII и на Иноќентие III сè уште се принципи на Католичката црква. Кога би имала сила, црквата тие принципи би ги спроведувала со истата енергија со која го правела тоа во минатите векови. Протестантите малку знаат што прават кога ја прифаќаат помошта на Рим за да ја извишат неделата. Додека тие гледаат да ја постигнат својата цел, Рим се стреми да ја зацврсти својата сила за да ја поврати својата за губена власт. Ако Соединетите Држави го прифатат начелото црквата да може да се послужи со авторитетот на државата, или дури да го надгледува, верските празници и обичаи да можат да се наметнат со граѓански закони, накратко, авторитетот на црквата и државата да имаат право над совеста, победата на Рим во оваа земја ќе биде обезбедена.

Божјата реч предупредила на непосредната опасност што се приближува; ако се отфрли оваа опомена, протестантскиот свет ќе искуси какви се вистинските намери на Рим, но тогаш ќе биде предоцна да се избегне неговата стапица. Моќта на Рим незабележано расте. Неговите учења имаат големо влијание врз законодавните собранија, врз црквите и врз човечките срца. Тој подига високи и огромни градби, во чиишто тајни подземни простории ќе се повторат неговите поранешни прогонства. Тајно и не забележано тој ги зајакнува силите за да ги оствари своите цели и да изврши напад кога ќе настапи решавачкиот миг. Сè што сака тој е да има погодна положба, а таа веќе му се укажува. Набргу ние ќе видиме и ќе почувствуваме каква намера има Рим. Оној што сака да верува и да им биде послушен на Божјите зборови, со тоа ќе навлече на себе подбив и прогонство. (продолжува)

Pin It on Pinterest