(продолжува од претходниот ден) Историјата докажува дека времето на големата духовна темнина било поволно за успех на папството. Иднината ќе покаже дека времето на големата духовна светлина е исто толку поволно за неговиот успех. Во минатите векови, кога луѓето биле без Божјата реч и кога не ја познавале неговата вистина, нивните очи биле заслепени и илјадници паднале во мрежите, зашто не ги виделе стапиците што им биле поставени. Во ова поколение има многу такви чии што очи се заслепени со блескотот на човечките теории, со така нареченото „лажно знаење“. Тие не ја забележуваат мрежата и паѓаат во неа како очите да им се врзани. Бог сака умните способности да ги сметаме за дар на Творецот и да ги употребуваме во служба на правдата и вистината. Но кога се негуваат горделивост и честољубие и кога луѓето своите лични теории ги издигнуваат над Божјата реч, тогаш разумот може да направи поголема штета отколку незнаењето. Така лажната наука на нашето време што ја поткопува верата во Библијата ќе се покаже како мошне успешна во приготвувањето на патот за прифаќање на папството со сите негови привлечни церемонии како и ограничувањето на знаењето во средниот век што придонело за неговото издигање.

Во движењата што се развиваат во ова наше време во Соединетите Држави, а кои настојуваат установите и црковните обичаи да добијат поддршка од државата, протестантите одат по стапките на католиците. Уште повеќе, тие му ја отвораат вратата на папството и тоа во протестантска Америка повторно да ја задобие врховната власт што ја загубило во Стариот свет. А на ова движење уште поголемо значење му дава фактот што негова главна цел е да го наметне празнувањето на неделата обичајот што потекнува од Рим и што, според неговото сопствено тврдење, е знак на неговата моќ. Духот на папството, духот на прилагодување кон световните обичаи и прифаќањето на човечките преданија наместо Божјите заповеди навлегува во протестантските цркви и ги гони да ја издигнуваат неделата како што правело папството пред нив.

Ако читателот сака да ги разбере силите што ќе дејствуваат во борбата што ќе избие наскоро, тој треба само да го проучи извештајот за средствата што ги употребувал Рим со иста цел во минатото. Ако сака да знае како ќе постапуваат заеднички католиците и протестантите со оние што ќе ги отфрлаат нивните догми, нека обрнат внимание на духот што го покажал Рим против саботата и против нејзините бранители.

Царските едикти, општите собори и црковните наредби, поддржани од световните власти, биле скалила со чија помош овој многубожечки празник е издигнат на својата почесна положба во христијанскиот свет. Прва јавна наредба што наложувала празнување на неделата бил законот на Константина од 321 година по Христа. Овој едикт барал од жителите на градовите да се одмораат во „чесниот ден на Сонцето“, но на селаните им било дозволено да ги извршуваат полските работи. Иако ова бил првенствено многубожечки закон, царот го спровел откако самиот формално го прифатил христијанството.

Бидејќи царската наредба не се покажала доволно силна да го замени божествениот авторитет, епископот Евзебиј, кој барал наклоност од кнезовите и бил голем Константинов пријател и ласкавец, тврдел дека Христос саботата ја заменил со недела. Како доказ за оваа нова наука не е наведено ниту едно единствено место од Библијата. Сам Евзебиј, не сакајќи, признава дека неговото тврдење е лажно и укажува на вистинските автори на оваа промена: „Сè што требаше да се први во сабота“, кажува тој, „ние го пренесовме на денот Господен“ (Robert Cox, Sabbath Laws and Sabbath Duties, page 538). Но овој доказ во прилог на неделата, колку и да бил без основа, на луѓето им послужил да ги охрабри да ја погазат саботата Господова. Сите што сакале да бидат почитувани од светот го прифатиле овој општо признат празник.

Со засилувањето на папството се зацврстувал и авторитетот на неделата. Извесно време народот ги извршувал земјоделските работи кога не присуствувал на богослужение, додека саботата сè уште се сметала како ден за одмор. Но постепено настанувала промена. На сите што имале црковни должности им било забрането во недела да се занимаваат со граѓански спорови. Набргу е издадена заповед за луѓето на сите сталежи, под закана на парична казна за слободните, а со казна шибање за робовите, во недела да се воздржуваат од секојдневната работа. Подоцна е наредено богатите да се казнуваат со конфискување на половина од нивниот имот, а ако останат упорни во престапувањето на неделата, да се прогласат за робови. Пониските сталежи требало да се казнуваат со доживотно прогонство. (продолжува)

Pin It on Pinterest