Големата борба меѓу Христа и сатаната што трае веќе речиси шест илјади години набргу ќе биде завршена и затоа сатаната ги удвојува своите напори да го осуети Христовото дело што се врши во полза на луѓето и да ги заплетка душите во своите стапици. Негова цел е луѓето да ги држи во темнина и во непокајание додека не се заврши Христовата посредничка служба и нема повеќе жртва за гревот.

Ако не се вложат посебни напори да ѝ се противстават на оваа сила, ако во црквата и во светот владее рамнодушност, тогаш сатаната е безгрижен, зашто нема опасност да ги загуби оние што ги заробил и што ги води по своја волја. Но, ако луѓето почнат да обрнуваат внимание на вечните работи и ако се прашуваат: „Што треба да правам за да се спасам?“, тогаш тој се јавува и се обидува својата сила да ѝ ја противстави на Христовата моќ и да го запре влијанието на Светиот Дух.

Светото писмо кажува дека еднаш, кога Божјите ангели дошле да застанат пред Господа, меѓу нив дошол и сатаната (За Јов 1,6), не затоа да му се поклони на вечниот Цар, туку да ги оствари своите лоши планови против праведниците. Со иста цел тој присуствува секогаш таму каде што се собираат луѓето на богослужение. Иако скриен од човечкиот поглед, тој сепак работи со сета сила да завладее со мислите на оние што му се молат на Бога. Како секој вешт војсководител, тој однапред ги создава своите планови. Ако види дека Божјиот весник го истражува Светото писмо, тој се запознава со предметот за кој ќе се проповеда, потоа ја употребува сета своја вештина и подмолност така да ги приспособи околностите, за веста да не допре до оние што сака да ги задржи во заблуда токму по таа точка. Оној, на кого најмногу му е потребна таа опомена, станува зафатен со некоја итна работа каде што мора да биде присутен или на некој друг начин е спречен да ги слушне зборовите кои за него би биле „животен мирис за живот“.

Исто така сатаната ги гледа Божјите слуги кога се жалосни поради духовната темнина што го покрива народот. Тој ги слуша нивните сериозни молитви за божествена милост и сила да победат рамнодушноста, небрежноста и немарноста. Тогаш со нова ревност ги изведува своите планови. Луѓето ги прави ненаситни во јадење или ги поттикнува да се оддадат на некое друго грешно уживање со што ја отапува нивната моќ на сфаќање да не го слушнат токму она што им е најпотребно да го дознаат.

Сатаната добро знае дека сите што ќе успее да ги наведе да ја занемарат молитвата и истражувањето на Светото писмо ќе под легнат на неговите напади. Затоа создава семожни планови за да го окупира човековиот ум. Секогаш имало луѓе што се правеле побожни, но наместо да напредуваат во познавањето на вистината, тие сметаат дека нивна должност е да бараат каква било грешка во карактерот или заблуда во верата на оние со кои не се согласуваат. Ваквите луѓе се главни помагачи на сатаната. Тужители на браќата има многу и тие секогаш се ревносни кога Бог работи и кога неговите слуги му укажуваат вистинска почит. Тие секогаш ги претставуваат во лажна светлина зборовите на оние што ја сакаат вистината и што ѝ се послушни. Тие и најсериозните и најревносните само прегорни Христови слуги ќе ги прикажуваат како измамени или измамници. Нивна работа е во погрешна светлина да ги претстават побудите на секое вистинско и благородно дело, да шират лаги и да предизвикуваат сомневање во душите на неискусните. На сите можни начини настојуваат она што е чисто и праведно да се смета за расипано и лажно.

Но никој не треба да се лаже во врска со нив. Лесно може да се види чии деца се тие, чиј пример следат и чии дела прават. „Ќ е ги препознаете по нивните плодови“ (Матеј 7,16). Нивното од несување е слично на однесувањето на сатаната, на отровниот клеветник, на „обвинителот на нашите браќа“ (Откровение 12,10).

Големиот измамник има многу орудија, подготвени да изнесат разни видови заблуди за да ги фати душите во својата мрежа како што се различни ереси кои се прилагодени кон разновидните склоности и вкусот на оние што сака да ги упропасти. Негов план е во црквата да доведе неискрени и непреродени, кои шират сомневање и неверство и им пречат на оние што сакаат да го унапредат Божјето дело и самите да напредуваат со него. Мнозина, кои всушност не веруваат во Бога и во неговата Реч, прифаќаат извесни начела на вистината и важат како христијани, со што можат да ги воведат своите заблуди како вистинска библиска наука.

Тврдењето дека не е важно луѓето како и во што веруваат е една од најуспешните заблуди на сатаната. Тој знае дека вистината, ако е прифатена со љубов, ја посветува душата на оној што ја прифаќа; затоа секогаш се обидува вистината да ја замени со лажни теории, со прикаски со друго евангелие. Божјите слуги уште од почеток се бореле против лажните учители не само како со порочни луѓе, туку и како со оние што шират заблуди кои ја упропастуваат душата. Илија, Еремија и Павле решително и бестрашно им се противеле на оние што ги одвраќале луѓето од Божјата реч. Она слободно мислење што вистинската библиска вера ја смета за неважна, не наишло на одобрување кај овие свети бранители на вистината. Празните и своевидни толкувања на Светото писмо, како и многу противречни теории за библиската наука што постојат во христијанскиот свет, се дело на нашиот голем непријател кој сака со тоа душите да ги збуни за да не можат да ја разликуваат вистинската вистина. Неслогата и раздорот што постојат во христијанските заедници треба во голема мера да му се припишат на обичајот на извртување на Светото писмо за да се поддржи некоја омилена теорија. Наместо Божјата реч да ја проучуваат грижливо и со понизно срце за да ја запознаат Божјата волја, мнозина ја истражуваат само затоа за во неа да откријат нешто необично и оригинално. (продолжува)

Pin It on Pinterest