(продолжува од претходниот ден) Светилиштето на кое упатува апостолот овде бил оној шатор за состанок што го направил Мојсеј по Божја наредба за да биде земно престојувалиште на Севишниот. „Нека ми направат Светилиште за да можам да престојувам меѓу нив“ (2. Мојсеева 25,8), гласело упатството дадено на Мојсеја за време додека бил со Бога на гората. Израелците патувале низ пустина, а шаторот за состанок бил направен така што можел да се пренесува од едно на друго место; сепак, тоа била величествена градба. Неговите ѕидови се состоеле од исправени штици обложени со злато што биле вглавени во сребрени подножја, додека покривот бил направен од низа завеси или покривки. Надворешните покривки биле изработени од кожа, а внатрешните од фино платно со прекрасно извезени херувими. Освен тремот, во кој се наоѓал жртвеникот за жртви паленици, шаторот за состанок се состоел од две одделенија, од светиња и од светиња над светињите, меѓусебно одделени со скапоцена и прекрасна завеса; слична завеса го затворала и влезот во првото одделение.

Во светињата, на јужната страна, се наоѓал светилник со седум светилки кои дење и ноќе ја осветлувале светињата; на северната страна се наоѓала трпеза за обредни лебови; пред завесата што ја делела светињата од светињата над светињите стоел златен кадилен олтар (жртвеник) од кој секој ден се издигнувал кон Бога облак од мирисен темјан со молитвите на Израел.

Во светињата над светињите стоел ковчегот на заветот, ковчег од скапоцено дрво оковано во злато во кој биле двете камени плочи на кои Бог го напишал законот, Десетте заповеди. Над ковчегот се наоѓал поклопец престол на милоста (помирувалиште) величествено уметничко дело од злато, наткрилен со два херувима изработени од злато, секој на едниот крај на поклопецот. Во ова одделение се откривало Божјето присуство во вид на слава (посебна светлина) меѓу двата херувима.

Кога Евреите се населиле во Ханан, шаторот за состанок бил заменет со Соломоновиот храм кој, иако трајна и поголема градба, сепак, го задржал истиот план и бил напол но слично уреден. Светилиштето постоело во ист облик освен во времето на Даниел кога лежело во урнатини сè до разурнувањето од страна на Римјаните 70 та година по Христа.

Тоа е единственото Светилиште што кога и да е постоело на земјата, а за кое Библијата дава податоци. Павле го нарекува Светилиште на првиот завет (сојуз). А зар Новиот завет нема Светилиште?

Кога истражувачите на вистината повторно почнаа да го проучуваат посланието до Евреите, најдоа дека постоењето на друго, или новозаветно Светилиште, е опфатено со следните зборови на апостол Павле: „Секако, и првиот сојуз (стариот завет) имаше уредби за богослужение и за Светилиште, но земно.“ Употребата на сврзникот „но“ укажува на тоа дека Павле веќе порано го спомнал ова Светилиште. Враќајќи се на почетокот на претходната глава, читаме: „Главно од она што беше кажано е ова: имаме таков Првосвештеник (врховен свештеник) кој седна од десната страна на престолот на Величеството на небесата како служител во Светилиштето и во вистинскиот шатор, во оној што го подигна Господ, а не човек“ (Евреите 8,1.2).

Овде е откриено Светилиштето на Новиот завет. Светилиштето на првиот (стариот) завет го направил човек. Него го изградил Мојсеј; а ова, второво, го направил Бог, а не човек. Во првото Светилиште вршеле служба земни свештеници, а во второто служи Христос, нашиот врховен Поглавар свештеничи (Првосвештеник), од десната страна на Бога. Првото Светилиште било на земјата, а второто е на небото.

Понатаму, Светилиштето што го направил Мојсеј е направено според одредена мостра. Господ му рекол: „При градењето на престојувалиштето (Светилиштето, шаторот) и на сè што е во него, постапи точно според мострата што ќе ти ја покажам“ (2. Мојсеева 25,9). И пак му наредил: „Внимавај! Направи ги според мострата што ти беше покажана на гората“ (2. Мојсеева 25,40). И Павле објаснува дека првото Светилиште „е симболички приказ за сегашното време, според кој се принесуваат дарови и жртви“, дека светите места на шаторот биле „слика и сенка на небесните стварности“, дека свештениците што принесувале жртви според законот служеле на „сликата и сенката на небесните стварности“ и дека „Христос не влезе во ракотворената светиња над светињите (во второто одделение на Светилиштето), која е само слика на вистинската, туку во самото небо, да посредува за нас пред Божјето лице“ (Евреите 9,9.23; 8,5; 9,24). (продолжува)

Pin It on Pinterest