Една од најсвечените и најславни вистини во Библијата е вистината за второто доаѓање на Спасителот кој ќе дојде да го доврши големото дело на откупувањето. Ветувањето за доаѓањето на Оној кој е „воскресение и живот“, кој „заточените пак ќе ги врати дома“, на Божјиот народ, кој мора толку долго да патува низ „долината на смртната сенка“, му дава славна и блажена надеж. Науката за второто Христово доаѓање е главна наука на Светото писмо. Почнувајќи од денот кога нашите први родители со жално срце го напуштиле Едем, децата на верата го чекале доаѓањето на Ветениот кој ќе ја скрши силата на непријателот и пак ќе ги врати во загубениот рај. Светите луѓе во минатите векови во славното доаѓање на Месија гледале исполнување на својата надеж. Енох, седми од Адама, кој „триста години живееше според Божјата волја“, ја имал таа чест од далеку да го посматра доаѓањето на Избавителот. „Ете“, рекол тој, „Господ доаѓа со илјадници свои свети, за да им суди на сите“ (Јуда 14. и 15. стих). Патријархот Јов, среде ноќта на своите маки, извикнал со непоколеблива сигурност: „Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Тој во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во моето тело ќе го видам Бога. Јас сам ќе го видам, моите очи, не очите на друг“ (За Јов 19,25­27).

Христовото доаѓање, со кое ќе биде воспоставено царството на правдата, ги инспирирало сите писатели со највозвишени и најодушевени зборови. Поетите и пророците пишувале за тоа со зборови проникнати со небесен жар. Псалмистот пеел за силата и за величеството на израелскиот Цар: „Блеска од Сион ­ совршено красен, доаѓа нашиот Бог и не молчи! Пред него врви оган што голта, а околу него страотна бура! Ги прозива небото и земјата, за да му суди на својот народ…“ „Нека се радува небото, нека се весели земјата! Нека се огласи морето и сè што е во него… пред Господа, зашто доаѓа, доаѓа да ѝ суди на земјата! Тој ќе му суди на светот по правдина и на народите, според својата вистина“ (Псалм 50,2­4; 96,11.13).

Пророкот Исаија извикнал: „Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав, зашто твојата роса е роса на растенијата, и земјата ќе ги исфрли мртовците.“ „Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од својот народ во целата земја, зашто така вели Господ. И ќе речат во тој ден: ‘Ете, Тој е нашиот Бог! На него се надевавме, и Тој нè спаси! Тој е Господ; него го чекавме; да се радуваме и веселиме за неговото спасение“ (Исаија 26,19; 25,8.9).

И Авакум, восхитен со една света визија, го опишува Христовото доаѓање: „Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран. Величеството негово ги покри небесата и славата негова ја исполни земјата. Болскотот му е како сончева светлина, а од неговите раце молскаат зраци, и тука е скриена неговата сила… Тој стана и земјата се затресе; погледа и во трепет ги доведе „народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа, но патиштата негови се вечни… Па си седна на своите коњи, на победничките бојни коли… Кога те видоа, планините затреперија… бездната го пушти својот глас и угоре ги крена своите раце. Сонцето и месечината застанаа на своето место пред болскотот на твоите вперени стрели, пред светкањето на твоите сјајни копја… Ти излегуваш за спасение на твојот народ, за спасение на својот помазаник“ (Авакум 3,3­13).

Непосредно пред својата разделба со учениците, Спасителот ги теши со ветување за своето враќање: „Да не се вознемирува вашето срце… Во домот на мојот Отец има многу места за живеење… Одам да ви приготвам место. А кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам кај себе“ (Јован 14,1­3).

„А кога ќе дојде Синот човечки во својата слава и сите свети ан гели со него, тогаш ќе седне на престолот на својата слава, и ќе се соберат пред него сите народи“ (Матеј 25,31.32).

Ангелите, кои им се јавиле на учениците на Маслинската гора по Христовото вознесение, им го повториле ветувањето за неговото враќање: „Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што го видовте да заминува на небото“ (Дела 1,11).

Апостол Павле, вдахнат со Светиот Дух, сведочи: „Зашто сам Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба“ (1. Солуњаните 4,16). Пророкот од Патмос вели: „Ете, иде со облаци, и ќе го види секое око“ (Откровение 1,7).

Од неговото славно доаѓање зависи „сеопштата обнова што ја навести Бог одамна преку своите свети пророци“. Тогаш ќе биде скршена долготрајната власт на гревот; „царството на овој свет му припадна на нашиот Господ и на неговиот Христос, и Тој ќе царува во вечни векови”. „Тогаш ќе се открие славата Господова и ќе ја види секое тело.“ „Господ ќе стори да никне правда и слава пред сите народи.“ „Во тој ден Господ над војските ќе биде славна круна и прекрасен венец на остатокот од својот народ“ (Дела 3,21; Откровение 11,15; Исаија 40,5; 61,11; 28,5). (продолжува)

Pin It on Pinterest