(продолжува од претходниот ден) Проповедниците ја поучувале младината. Светото писмо било главен предмет на проучување, но, и покрај тоа, не ги занемарувале ниту различните гранки на општата наука. Евангелијата според Матеја и Јована ги учеле напамет, а и многу посланија. Младината исто така го препишувала Светото писмо. Некои преписи го содржеле целото Свето писмо, а други само кратки одломки, со кратки објаснувања од оние што биле способни да го толкуваат Светото писмо. На овој начин е изнесувано на виделина богатството на вистината што толку долго било криено од страна на оние што настојувале да се издигнат над Бога.
Со безмерен и стрплив труд, понекогаш во длабоки и темни подземни пештери, осветлени со обична светилка, препишувани се светите списи стих по стих, глава по глава. Така делото напредувало, а откирената Божја вистина светела како злато; колку славно и големо било ова дело за оние што страдале поради него и учествувале во него! Овие верни работници ги опкружувале небесни ангели.
Сатаната ги поттикнувал папските свештеници и епископи да ја закопаат речта на вистината под уранитините на заблудите, на лажното учење и празноверие; но сепак, таа на најчуден начин е сочувана нерасипана низ сите векови на мракот. Таа не носела човечки, туку Божји печат. Луѓето неуморно се труделе да го затемнат јасното и едноставно значење на Писмото и да го прикажат како тоа да си противречи самото себеси. Но, слично на чамец на разбрането море, Речта Божја им преодолевала на сите луњи што се заканувале да ја уништат. Како рудник што содржи богати жили на злато и сребро под земјината површина, и сите што сакаат да го откријат неговото скапоцено богатство мора да копаат, така и Светото писмо содржи богатство на вистината што можат да го откријат само оние кои го бараат сериозно, понизно и со молитва. Бог одредил Светото писмо да биде учебник за целото човештво; учебник во детството, во младоста и во поодминатите години, кој секогаш ќе се проучува. Тој на луѓето им ја дал својата Реч и во неа самиот се открива. Секоја нова вистина што сме ја запознале е ново откритие на карактерот на нејзиниот Писател. Проучувањето на Светото писмо е од Бога одредено средство да ги доведе луѓето во потесна заедница со нивниот Творец и подобро да ги запознае со неговата волја. Тоа е врска меѓу Бога и човекот.
Валденжаните стравот Господен го сметале за почеток на мудроста, но биле свесни и за тоа колку е важно да одржуваат врска со светот, да ги познаваат луѓето и реалниот живот и да ги развиваат своите интелектуални способности. Од школите во планините испраќале одбрани момчиња на универзитетите во Франција и Италија, каде што имале пошироко поле за студии, за размислување и за посматрање отколку под закрилата на своите родни Алпи. Овие млади луѓе биле изложени на различни искушенија, биле сведоци на развратот и се сретнувале со вештите сатански орудија кои сакале да ги вовлечат во најпрепредените заблуди и во најопасните измами. Но нивното воспитување во детството ги приготвило да им се противстават на сите овие опасности.
Во школите во кои заминувале не смееле со никого да бидат доверливи. Нивната облека била така скроена за во неа да можат да го скријат своето најголемо богатство драгоцените ракописи на Светото писмо. Овие ракописи, плод на повеќемесечен и повеќегодишен труд, ги носеле со себе и секаде каде што им било можно, внимавајќи да не предизвикаат сомневање, претпазливо ставале дел од нив во рацете на оние чиишто срца им изгледале отворени за примање на вистината. Уште на мајчините скутови валденжанската младина е воспитувана на ваков поглед на својата животна задача. Тие го сфатиле своето дело и верно го извршувале. Во овие научни центри мнозина ја прифатиле вистинската вера и често нејзините начела ја проникнувале целата школа. Папските водачи не можеле да навлезат во трагите на оваа таканаречена ерес, иако вршеле најстрога истрага.
Христовиот дух е мисионерски дух. Прва мисла на прероденото срце е и другите да ги доведе кај Спасителот. Ваков дух имале валденжанските христијани. Тие чувствувале дека Господ очекува од нив нешто повеќе отколку само да ја сочуваат чистата вистина во својата црква. Врз нив почивала сериозна одговорност светлината на вистината да засвети и меѓу оние што биле во темнина. Со моќната сила на Божјата реч настојувале да ги раскинат оковите што на сите им ги наметнал Рим. Валденжанските проповедници се приготвувале за мисионерска служба. Секој што имал намера да стапи во проповедничка служба морал најпрво да стекне искуство како евангелист. Секој морал да служи три години во некое мисионерско поле пред да може да прими служба во некоја црква во татковината. Оваа служба, која уште од почеток барала самооткажување и жртви, била добра подготовка за проповедничкиот позив во тие тешки времиња на искушение. Момчињата што се посветиле за оваа света служба немале пред себе изглед на земно богатство и чест, туку живот исполнет со труд и со опасности, а можеби ги очекувала и маченичка смрт. Мисионерите оделе двајца по двајца, како Исус што ги праќал своите ученици. Со секој помлад обично одел еден постар и поискусен придружник кој му бил водач на помладиот, кој бил одговорен за неговото воспитување и на кого помладиот морал да му се покорува. Овие соработници не биле секогаш заедно, но често се состанувале на молитва и на советување и така меѓусебно се засилувале во верата. (продолжува)