(продолжува од претходниот ден)

„Духот не е даден, ниту кога и да е ќе биде даден, да ја замени Библијата. Светото писмо категорично тврди дека Божјата реч е мерило со кое мора да се испита секоја наука и секое искуство. Апостол Јован кажува: „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите за да видите дали се од Бога, зашто многу лажни пророци се појавија на светот“ (1. Јованово 4,1). И пророк Исаија изјавува: „Барајте закон и сведоштво! Оној што не зборува така, нема да дочека зора“ (Исаија 8,20).

Луѓето што сметаат дека се расветлени од Светиот Дух и изјавуваат дека не им е повеќе потребна Божјата реч како водич, го срамат Светиот Дух. Нив ги водат впечатоци што тие ги сметаат за Божји глас во својата душа. Но духот што управува со нив не е Божји Дух. Да ги следиме впечатоците, а да го занемаруваме Писмото ­ тоа води кон самоизмама и пропаст. Тоа само ги потпомага намерите на лукавиот. Бидејќи службата на Светиот Дух има пресудна важност за Христовата црква, еден од лукавите планови на сатаната е со помош на заблудите на екстремистите и фанатиците да го осрамоти делото на Духот и да го натера Божјиот народ да го занемари овој извор на сила што му го дал лично Бог.

Сообразно со Божјата реч, неговиот Дух треба да го продолжи своето дело до крајот на времето на милоста. За време на вековите во кои е пишувано Светото писмо ­ Стариот и Новиот завет ­ Светиот Дух не престанувал да ги просветлува срцата на поединците, независно од откровенијата што требало да бидат собрани во свет канон. Независно од Писмото, Библија кажува дека луѓето преку Светиот Дух примиле опомени, укори, совети и упатства. Се спомнуваат пророци кои живееле во различни времиња, а за чиишто зборови ништо не се известува. Исто така, откако е завршен канонот на Светото писмо, Светиот Дух требало да го продолжи своето дело: да ги просветлува, да ги опоменува и да ги утешува Божјите деца.

Исус им ветил на своите ученици:„А Утешителот, Светиот Дух, што ќе го прати мојот Отец во мое име, ќе ве научи на сè и ќе ве потсети на сè што ви кажав.“ „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува сам од себе, туку ќе зборува за она што го слуша и ќе ви го објави она што ќе дојде“ (Јован 14,26; 16,13).

Писмото јасно учи дека овие ветувања не се ограничуваат само на времето на апостолите, туку се однесуваат на Христовата црква во сите времиња. Спасителот им рекол на своите ученици:„Еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28,20). Апостол Павле изјавува дека даровите на Светиот Дух ѝ се дадени на црквата за да „се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото тело, сè додека не се постигне единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, до зрелиот човек, до мерата на растот на Христовата полнота“ (Ефесците 4,12.13).

Апостолот се молел за верните во Ефес: „Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за потполно да го запознаете него, да ги просветли очите на вашето срце за да знаете колкава е надежта на неговото призвание… и колку е неизмерна неговата сила во нас кои веруваме ­ сразмерно на делотворноста на неговата силна моќ“ (Ефесците 1,17­19). Апостол Павле го барал Светиот Дух за верните во Ефес да го расветли нивниот ум и срце и да ги оспособи да ги разберат длабоките Божји тајни.

По прекрасната манифестација на Светиот Дух на денот Педесетница (Духовден), Петар го повикал народот на покајание и крштавање во Христово име за проштавање на гревовите, и рекол:„Ќе примите дар ­ Светиот Дух. Имено, овој ветен дар е за вас, за вашите деца и за сите кои се далеку ­ за сите што ќе ги повика кај себе нашиот Господ Бог“ (Делата на апостолите 2,38.39).

Во непосредна врска со сцените на големиот Божји ден, Господ ветува преку пророкот Јоил посебно излевање на Светиот Дух (Јоил 2,28). Ова пророштво делумно се исполнило на Духовден, но свој зенит тоа ќе доживее при манифестацијата на Божјата милост што ќе го придружува довршувањето на евангелското дело на земјата.

Големата борба меѓу доброто и злото ќе трае до крај и ќе биде сè пожестока. Гневот на сатаната против Христовата црква бил голем во сите векови. Бог на својот народ му дал милост и Свети Дух да го засилил за да ѝ се противстави на силата на злото. Кога Христовите апостоли требало да му го објават евангелието на светот и да го забележат за идните поколенија, тие во голема мера биле надарени со мудрост од Светиот Дух. Но, кога црквата ќе се приближува кон своето конечно спасение, тогаш сатаната ќе дејствува со многу голема сила:„Ѓаволот слезе кај вас со голем гнев, свесен дека има само уште малку време“ (Откровение 12,12). Тој ќе дејствува „со разновидни силни дела, со чудни знаци и со лажни чуда“ (2. Солуњаните 2,9). Овој лукав дух, кој некогаш бил еден од најголемите ангели, веќе шест илјади години работи со сета сила луѓето да ги заведе и да ги уништи. И сета своја сатанска вештина, сето свое лукавство, ќе ги употреби во последната борба против Божјиот народ. Токму во ова време на опасност, Божјиот народ треба да го предупреди и вниманието на светот да го насочи кон скорашното Христово доаѓање за да се подготви еден народ кој без мана, „неизвалкан и беспрекорен во мир“ ќе застане пред Божјето лице (2. Петрово 3,14). Во тоа време на црквата ќе ѝ биде потребна посебна Божја сила како и во деновите на апостолите. (продолжува)

Pin It on Pinterest