(продолжува од претходниот ден) Сега, додека нашиот Поглавар свештенички врши помирување за нас, треба да настојуваме да бидеме совршени во Христа. Дури ниту со една единствена мисла нашиот Спасител не попуштил пред силата на искушението. Сатаната наоѓа во човечките срца некое место што може да го искористи како свое упориште. Се одгледува по некоја грешна наклоност во која неговите искушенија ја покажуваат својата сила. Но Христос рекол за себе: „Иде кнезот на овој свет, но тој нема ништо со мене“ (Јован 14,30). Сатаната не можел да најде во Божјиот Син ништо што би му овозможило да извојува победа над него. Исус ги одржал заповедите на својот Отец и кај него немало грев со кој сатаната би можел да се послужи во своја корист. Тоа е состојба во која мора да се најдат сите што сакаат да се одржат во времето на големата неволја.

Уште во сегашниот живот мораме со вера во Христовата крв на помирување да го отстраниме од нас гревот. Нашиот драгоцен Спасител нè повикува да се соединиме со него, нашите слабости да ги здружиме со неговата сила, нашето незнаење со неговата мудрост, нашата недостојност со неговите заслуги. Божјето провидение е школа во која мораме да ја научиме Христовата кротост и понизност. Господ секогаш пред нас ја става вистинската животна цел, а не патот што би сакале да го избереме ние, кој ни изгледа полесен и поугоден. Наша должност е да соработуваме со орудијата што ни ги става Небото на располагање за нашиот карактер да го изградиме според Христовиот. Секој што ќе го занемари или ќе го одложи ова дело, својата душа ја изложува на страшна опасност.

Апостол Јован слушнал во видение глас од небото кој извикнал: „Тешко вам, на земјата и морето, зашто ѓаволот слезе кај вас со голем гнев, знаејќи дека има малку време“ (Откровение 12,12). Страшни се сцените што го предизвикале овој извик. Гневот на сатаната расте сообразно со скусувањето на неговото време, а неговото дело на измама и разурнување ќе го постигне својот максимум во времето на големата неволја.

Наскоро на небото ќе се покажат страшни појави со натприроден карактер како доказ на моќта на демоните кои прават чуда. Духовите ѓаволски ќе одат кај земните цареви низ цел свет да ги измамат и да ги поттикнат да се здружат со сатаната во неговата последна битка против небесното владеење. Така со помош на овие орудија владетелите и нивните приврзаници ќе бидат измамени. Ќе се подигнат луѓе кои ќе тврдат дека се христоси и ќе бараат чест и обожавање што му припаѓаат на Откупителот на светот. Тие ќе извршат чудесни исцелувања и ќе тврдат дека од небото добиле откровенија што им противречат на сведоштвата на Светото писмо.

Во завршниот чин на големата измама, лично сатаната ќе се прикаже како Христос. Црквата долго тврдела дека го чека доаѓањето на Спасителот да ги исполни нејзините надежи. Сега големиот измамник ќе создаде впечаток дека Христос веќе дошол. Во разни краишта на светот сатаната ќе се појави меѓу луѓето како величествено суштество со блескотен сјај, кое ќе биде слично на описот на Божјиот Син во Откровението на апостол Јован (Откровение 1,13­15). Славата што ќе го опкружува ќе надмине сè што кога и да е видело смртно око. Низ воздухот ќе се разнесува триумф на победа: „Христос дошол, Христос дошол!“ Народот ќе паѓа ничкум пред него обожавајќи го; тој ќе ги подигне рацете и ќе ги благослови како Христос што ги благословувал своите ученици кога живеел на земјата. Неговиот глас ќе биде мек и придушен, но мелодичен. Со благ и чувствителен тон ќе изнесува некои прекрасни небесни вистини што ги изнесувал Спасителот. Ќе лекува болести кај народот и ќе тврди, како да е христос, дека саботата ја променил со недела и на сите ќе им заповеда да го празнуваат денот што тој го благословил. Ќе каже дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден, го обесчестуваат неговото име, зашто одбиваат да ги слушаат неговите ангели што ги пратил кај нив со светлина и вистина. Ова ќе биде силна, речиси непреодолива измама. Како Самарјаните што ги измамил Симон вражарот, народот, од малечко до големо, ќе ја прифати оваа измама и ќе вели: „Ова е голема Божја сила“ (Дела 8,10).

Но Божјиот народ нема да биде заведен. Учењата на овој лажен христос не се во согласност со Светото писмо. Неговиот благослов ќе биде изречен над почитувачите на ѕверот и на неговата икона токму над оние луѓе за кои Библијата кажува дека врз нив ќе биде излеан целосен Божји гнев. (продолжува)

Pin It on Pinterest