(продолжува од претходниот ден) Божји судови ќе ги погодат сите што ќе се обидат да го угнетуваат или да го уништат неговиот народ. Големото Божје трпение кон грешните ги охрабрило луѓето да прават зло, но нивната казна, иако толку долго одложувана, нема поради тоа да биде помалку сигурна и страшна. „Зашто Господ ќе се крене, како на гората Ферасим; ќе се разгневи како во Гаваонската долина за да го изврши своето дело, своето необично дело, и да ја заврши својата работа, својата чудна работа“ (Исаија 28,21). На нашиот милостив Бог казнувањето му е нешто туѓо. „Кажи им, жив сум јас, вели Господ Бог: Не ми е мила смртта на грешникот“ (Езекил 33,11). Господ е „милосрден и милостив“. Тој ги проштава „беззаконијата, неправдите и гревот“. Сепак, Тој не го остава виновникот без казна. „Господ е бавен во гневот, но силен во моќта. Не, Господ не го пушта виновникот неказнет“ (2. Мојсеева 43,6.7; Наум 1,3). Со страшна праведност ќе го одбрани авторитетот на својот погазен Закон. Строгата казна што ги чека престапниците се гледа од Господовото одложување да го изврши судот. Народот со кој имал долго трпение и кого не сака да го удри додека не ја наврши мерката на неправдата пред Бога, најпосле ќе мора да ја испие чашата на гневот неразреден со милост.

Кога Христос ќе ја заврши својата посредничка служба во небесното Светилиште, врз оние што му се клањаат на ѕверот и на неговата икона, и кои го примиле неговиот жиг, ќе се излее не разреден гнев (Откровение 14,9.10). Казната што се излеала врз Египет, кога Бог имал намера да го ослободи Израел, е слична по карактерот на оние страшни и поголеми казни што ќе го снајдат светот токму пред конечното ослободување на Божјиот народ. Писателот на Откровението, опишувајќи ги овие страшни казни, вели: „Се појави лоша и лута рана на луѓето кои го имаа жигот на ѕверот и кои се поклонуваа на неговата икона.“ „Морето стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во него…“ Реките и водните извори „станаа крв“. Колку и да се страшни овие судови, сепак, Божјата правда е наполно оправдана. Божјиот ангел кажува: „Праведен си Господе… што им пресуди така; зашто тие ја пролеаја крвта на светите и на пророците, а ти крв им даде да пијат; тоа и го заслужуваат“ (Откров. 16,2-6).

Осудувајќи го Божјиот народ на смрт, навлекле на себе кривица за нивната крв како да ја пролеале со свои раце. На ист начин Евреите во свое време Христос ги прогласил винов ни за сета крв на светите што е пролеана од деновите на Авела, зашто тие имале ист дух како и убијците на пророците и сакале да го из вршат истото дело.

Во казната што следи, на Сонцето ќе му биде дадена сила „да ги пече луѓето со оган. И луѓето гореа од силна жега“ (Откровение 16,8.9). Еве како ја опишуваат пророците состојбата на земјата во тоа страшно време: „Опустошено е полето, тагува земјата, оти е уништено житото.“ „Сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и радоста кај синовите човечки исчезна.“ „Изгниени се зрната во своите лушпи, запустени се житниците.“ „Ете, стенка добитокот, на жалени одат стадата говеда, зашто нема за нив пасиште… бидејќи секна водата во потоците и оган ги изгоре пасиштата во пустината.“ „Песните црковни во оној ден ќе се претворат во ридање, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум“ (Јоил 1,10­-12.17-20; Амос 8,3).

Овие зла нема да бидат сеопшти, зашто инаку сите земни жители би биле уништени. Сепак, тие ќе бидат најстрашен камшик што кога и да е им бил познат на смртните луѓе. Сите казни што ги снаоѓале луѓето пред крајот на времето на милоста биле помешани со милост. Христовата крв ги штитела грешниците да не ја примат полната мерка на казната за својата вина. Но на последниот суд Божјиот гнев ќе се излее неразреден со милост.

Во оној ден мнозина ќе посакаат заштита од божествената милост што толку долго ја презирале. „Ете, настапуваат дни, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање на зборовите Господови. И ќе скитаат од море до море, талкајќи од север до исток, барајќи ја Речта Господова, но нема да ја најдат“ (Амос 8,11.12).

Божјиот народ нема да биде поштеден од страдања. Но, иако ќе биде прогонуван и малтретиран, иако ќе поднесува скудност и ќе страда од недостиг на храна, сепак, нема да изгине. Бог, кој се погрижил за Илија, нема да заобиколи ниту едно од своите самопожртвувани деца. Оној што ја изброил косата на нивната глава, ќе се грижи за нив, и за време на гладот нема да чувствуваат недостиг. Додека грешните ќе умираат од глад и од чума, ангелите ќе ги штитат праведните и ќе ги задоволуваат сите нивни потреби. На оној што „оди во правда“ му е дадено ветување: „Ќе има доста леб и водата негова нема да пресуши.“ „Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се исуши од жед. Јас, Господ, ќе ги чујам, јас, Бог Израелов, нема да ги оставам“ (Исаија 33,15.16; 41,17). (продолжува)

Pin It on Pinterest