Дванаесеттата година кај Евреите била преломна година меѓу детството и младоста. Навршувајќи ја таа година, еврејското момче е прогласено за син на законот, а исто така и за Божји син. Дадени му се посебни можности за верска поука, а од него се очекувало да земе удел во светите празници и во обредите. Во согласност со овој обичај, Исус како момче за време на празникот Пасха го посетил Ерусалим. Јосиф и Марија, како и сите верни Израелци, секоја година оделе да присуствуваат на Пасха, а кога Исус ги навршил потребните години, и него го повеле со себе.

Постоеле три годишни празници ­Пасха, Педесетница и прзникот Сеници ­ кога сите мажи во Израел биле должни да се појават пред Господа во Ерусалим. Од овие празници, на Пасха присуствувале најмногу. Мнозина доаѓале од сите земји во кои биле расеани Евреите. Од секој дел на Палестина доаѓале во голем број поклоници. Патувањето од Галилеја траело неколку дена и патниците се здружувале во големи групи заради друштво и заштита. По стрмните и каменливи патишта жените и старите лица јавале на волови и на магариња. Посилните луѓе и младите патувале пеш. Празникот Пасха се совпаѓал со крајот на март и со почетокот на април и сета земја била разиграна од цвеќе и радосна од птичји песни. Долж целиот пат се наоѓале бележити места од историјата на израелскиот народ, и татковците и мајките им раскажувале на децата за чудата што ги сторил Бог во старо време за својот народ. Патувањето си го олеснувале со песна и музика, и кога најпосле на повидок се покажувале ерусалимските кули, сите гласови се здружувале во победоносна песна: „Ете, нозете наши веќе стојат пред твоите порти, Ерусалиме! Мир нека владее меѓу твоите ѕидини и спокојство во твоите дворови!“ (Псалм 122,2.7)

Празнувањето на Пасха почнало со настанувањето на еврејскиот народ. Последната ноќ од своето ропство во Египет, кога се чинело дека нема никаков знак за ослободување, Бог наредил да се подготват за брзо ослободување. Тој го предупредил фараонот на конечниот суд над Египќаните и им дал упатства на Евреите семејствата да ги соберат во своите домови. Откако ги намачкале довратниците со крвта на заклано јагне, истото требало да го изедат, печено, со пресен леб и со горчливо зелје. „А јадете го вака“, рекол Тој, „опашани, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина; тоа е Господова пасха“ (2. Мојсеева 12,11). На полноќ се убиени сите првенци на Египќаните. Тогаш царот му пратил порака на Израел: „Станете и одете си од мојот народ… Одете! Послужете му на Господа, како што баравте“ (2. Мојсеева 12,31). Евреите излегле од Египет како независен народ. Господ наредил Пасха да се празнува секоја година. „Кога ќе ве прашаат“, рекол Тој, „вашите деца: ‘Што ви значи овој обред?’, одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа кој ги заобиколи куќите на Израелците кога ги убиваше Египќаните, а нашите домови ги поштеди’“. Така од поколение во поколение требало да се повторува историјата за ова величествено избавување.

Кон празникот Пасха бил придружен седумдневен Празник на пресни лебови. Вториот ден од празникот му се принесувале на Господа првите плодови од годишната жетва, еден сноп јачмен. Сите празнични обреди биле слика на Христовата работа. Избавувањето на Израел од Египет било очигледна поука за откупувањето што Пасха требало да го сочува во сеќавање. Закланото јагне, пресниот леб, снопот на првите плодови, го претставувале Спасителот. (продолжува)

Pin It on Pinterest