(продолжува од претходниот ден) Живо си спомнувале за сцените крај морето кога Исус ги повикал да го следат. Си спомнувале како на негова заповед отпловиле на морската широчина и ја фрлиле мрежата, па уловот бил толку богат, што мрежата дури и се кинела. Тогаш Исус ги повикал да ги напуштат своите рибарски чамци и им ветил дека ќе ги стори ловци на луѓе. Пак сторил чудо со цел оваа сцена да ја освежи во нивниот ум и да го продлаби нејзиното значење. Неговата постапка била обнова на налогот што им го дал на учениците. Им покажал дека смртта на Учителот не ја намалила обврската да ја извршуваат задачата што им ја одредил. Иако биле лишени од неговото лично друштво и од средствата за живот од поранешното занимање, воскреснатиот Спасител постојано ќе се грижи за нив. Додека ја работат неговата работа, Тој ќе ги задоволува нивните потреби. Исус имал цел кога им заповедал мрежата да ја фрлат од десната страна на чамецот. На таа страна стоел Тој на брегот. Тоа била страната на верата. Ако работат во заедница со него, соединувајќи ги своите човечки напори со неговата божествена сила, успехот не може да изостане.

Исус морал да даде уште една поука што се однесувала особено на Петар. Тоа што Петар се откажал од својот Господ било во срамна спротивност со неговите поранешни изјави за преданост. Го осрамотил Христа и предизвикал недоверба кај своите браќа. Сметале дека нема да му биде дозволено пак да ја заземе меѓу нив поранешната положба, а и самиот тој чувствувал дека ја проиграл својата доверба. Пред да биде повикан повторно да ја преземе својата апостолска служба, тој пред сите ќе мора да го докаже своето покајание. Без ова, неговиот грев, иако за него се покајал, би можел да го уништи неговото влијание како Христов слуга. Спасителот му дал можност повторно да стекне доверба кај своите браќа и колку што било можно, да го отстрани срамот што му го нанел на евангелието.

Оваа поука им е упатена на сите Христови следбеници. Евангелието не се погаѓа со гревот. Тоа не може да го оправда гревот. Тајните гревови во тајност треба да му се исповедаат на Бога; но за јавниот грев се бара јавно признавање. Срамот поради гревот што го сторил ученикот се префрла на Христа. Тој предизвикува ликување кај сатаната и сопинање кај колебливите души. Давајќи доказ за покајанието, ученикот колку што тоа лежи во неговата моќ треба да го отстрани овој срам.

Додека Христос и учениците заедно јаделе на брегот, Спасителот, покажувајќи му ги неговите браќа, му рекол на Петар: „Симоне, сине Јованов, ме љубиш ли повеќе отколку другиве?“ Петар еднаш изјавил: „Ако сите се соблазнат заради тебе, јас никогаш нема да се соблазнам“ (Матеј 26,33). Меѓутоа, сега дал верна оценка за себе. „Да, Господе“, рекол, „ти знаеш дека те сакам.“ Не давал огнено уверување дека неговата љубов е поголема од љубовта на неговите браќа. Не го истакнувал своето мислење за својата преданост. Тој го повикува Оној што може да ги чита сите побуди да ја просуди неговата искреност: „Ти знаеш дека те сакам.“ Исус му заповеда: „Паси ги моите јагниња.“

Пак Исус го искушува Петар повторувајќи ги своите поранешни зборови: „Симоне, сине Јованов, ме љубиш ли?“ Овојпат не го прашал Петар дали го сака повеќе отколку неговите браќа. Вториот одговор бил како и првиот, ослободен од претерано уверување: „Да, Господе, ти знаеш дека те сакам.“ Исус му рекол: „Паси ги моите овци.“ Уште еднаш Исус го поставува тоа болно прашање: „Симоне, сине Јованов, ме љубиш ли?“ Петар се ожалостил, помислувајќи дека Исус се сомнева во неговата љубов. Знаел дека неговиот Господ има причина да не му верува, па со болка во срцето одговорил: „Господе, ти знаеш сè. Ти знаеш дека те сакам.“ Исус пак му рекол: „Паси ги моите овци.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest