(продолжува од претходниот ден) Најблизу до Христа ќе стои оној кој на земјата најдлабоко црпел и пиел од духот на неговата самопрегорна љубов од љубовта која „не се фали, не се превознесува… не го бара своето, не се лути, проштава и го заборава злото“ (1. Коринќаните 13,4.5) од љубовта што ги води учениците, како што го водела нашиот Господ, да подари сè, да живее и макотрпно да работи, да се жртвува дури до смрт за да го спаси човештвото. Ваков дух се покажал и во животот на Павле. Тој рекол: „За мене живот е Христос“, „а смртта добивка“ добивка за Христа, бидејќи смртта ќе помогне да се покаже силата на неговата милост и да се соберат душите за него. „Христос ќе е возвишен во моето тело“, кажува тој, „било преку животот или преку смртта“ (Филипјаните 1,21.20).

Кога десеттемина чуле за барањето на Јакова и Јована, станале мошне незадоволни. Највисоко место во царството било токму она што секој од нив го сакал за себе и затоа биле лути што овие двајца ученици стекнале привидно предимство над нив.

Се чинело дека ќе се обнови кавгата околу тоа кој ќе биде најголем кога Исус, откако ги повикал кај себе, им рекол на гневните ученици: „Знаете дека оние што се сметаат за владетели на народите господарат со нив; дека нивните големци имаат власт над нив. Но меѓу вас да не биде така.“

Во царствата на овој свет положбата значела самоизвишување. Се сметало дека народот постои за корист на владеачките сталежи. Влијанието, богатството, образованието, биле значајни средства за стекнување на власт над народните маси во корист на народните водачи. Повисоките сталежи треба да мислат, да решаваат, да уживаат и да владеат; пониските слоеви треба да слушаат и да служат. Религијата, како и сè друго, била предмет на власта. Од народот се очекувало да верува и да го извршува она што го наредувале претпоста вените. Правото на човекот како човек да мисли и да дејствува самиот за себе било потполно непризнато.

Христос царството го воспоставил на поинакви начела. Тој ги повикал луѓето не да владеат туку да служат, посилните да ги носат слабостите на слабите. Оној што има моќ , положба, дарови, образование, има поголема обврска да им служи на своите ближни. Дури и на најскромните Христови ученици им е кажано: „Навистина, сето ова се случува заради вас“ (2. Коринќаните 4,15). „Зашто и Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа за откуп на мнозина!“ Меѓу своите ученици Христос во секоја смисла бил Оној што се грижел и носел товар. Тој го делел нивното сиромаштво, за нив покажувал самооткажување, одел пред нив да ги израмни тешките места и набргу ќе го заврши своето дело на земјата положувајќи го својот живот. Начелото според кое дејствувал Христос треба да ги поттикне членовите на Црквата која е него во тело. Љубовта е план и основа на спасението. Во Христовото царство најголеми се оние кои го следат примерот што го дал Тој и кои дејствуваат како пастири на неговото стадо. Зборовите на Павле го откриваат вистинското достоинство и честа на христијанскиот живот: „Навистина, иако сум слободен од сите, им станав роб на сите“, „не барајќи своја лична корист, туку корист за мнозина, тие да бидат спасени“ (1. Коринќаните 9,19; 10,33).

Во прашањата на совеста човекот мора да остане слободен. Никој не смее да владее со туѓиот ум, да донесува суд наместо друг или да му пропишува должност. Бог на секоја душа ѝ дава слобода на мислење и слобода да ги следи своите убедувања. “И така, секој од нас за себе ќе одговара пред Бога.“ Никој нема право да ја слее својата личност во личноста на некој друг. Во сè што е поврзано со начелата, треба „секој да биде наполно уверен во своето мислење“ (Римјаните 14,12.5). Во Христовото царство не постои никакво угнетување од господари, никаква принуда на одредено однесување. Небесните ангели не доаѓаат на земјата за да владеат и да бараат почести, туку како весници на милоста да соработуваат со луѓето во издигнувањето на човештвото.

Начелата и зборовите со кои поучувал Спасителот со сета своја божествена убавина биле всадени во сеќавањето на саканиот ученик. Сè до последните дни на Јована, тежиште на неговото сведоштво за црквите било: „Ова е пораката што ја чувме од почеток: да се љубиме еден со друг.“ „Љубовта ја познаваме по тоа што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата“ (1. Јованово 3,11.16).

Со таков дух била проникната првата Црква. По излевањето на Светиот Дух, „народот кој поверува имаше едно срце и една душа, и никој не велеше дека нешто од неговиот имот е негово, туку сè им беше заедничко.“ „И никој меѓу нив не беше во скудност.“ „Апостолите сведочеа со голема сила за воскресението на Господа Исуса и изобилна благодат почиваше над сите нив“ (Дела 4,32.34.33).

Pin It on Pinterest