(продолжува од претходниот ден) Дури ни врабецот не паѓа на земја без знаење на Отецот. Омразата на сатаната кон Бога води кон омраза на сè што е предмет на грижа на Спасителот. Тој се стреми да го уништи Божјето дело и ужива дури и во уништувањето на немите созданија. Единствено Божјата заштитничка грижа ги чува птиците да нè развеселуваат со своите радосни песни. Тој не ги заборава дури ни врапците. „Не плашете се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.“

Исус продолжил: Како што ме признавате вие мене пред луѓето, така јас ќе ве признаам вас пред светите ангели. Вие треба да бидете мои сведоци на земјата, канали низ кои ќе може да тече мојата милост за исцелување на светот. На тој начин ќе бидам ваш претставник на небото. Отецот не го гледа вашиот грешен карактер, туку ве гледа облечени во моето совршенство. Јас сум посредник преку кој небесните благослови ќе дојдат до вас. Секој што ќе ме признае мене, земајќи удел во мојата жртва за загубените, ќе биде признат како учесник во славата и во радоста на откупените.

За да може човекот да го признае Христа, Христос мора да живее во него. Тој не може да го пренесе она што не го примил. Учениците можат течно да зборуваат за науката, можат дословно да ги повторуваат Христовите зборови, но ако не поседуваат кротост и љубов слична на Христовата, тие не го признаваат него. Духот, спротивен на Христовиот дух, се откажува од него, независно од тоа како го исповеда со зборови. Луѓето можат да се откажат од Христа зборувајќи зло, со своите бесмислените разговори, со невистинитите или нељубезните зборови. Тие се откажуваат од него кога одбегнуваат да ги носат животните товари и кога се стремат кон грешно задоволство. Можат да се откажат од него кога се прилагодуваат кон светот, кога се откажуваат од него со своето неучтиво однесување, со љубовта кон сопствените ставови, кога негуваат самооправдување и сомневање, кога предизвикуваат неволји и кога се задржуваат во темнина. На сите тие начини изјавуваат дека Христос не е во нив. „Кој ќе се откаже од мене пред луѓето“, вели Тој, „јас ќе се откажам од него пред мојот небесен Отец.“

Спасителот ги предупредил своите ученици да не се надеваат оти непријателството на светот кон евангелието ќе се совлада и дека по извесно време неговото противење ќе престане. Тој рекол: „Не дојдов да донесам мир, туку меч.“ Ова создавање на раздор не е последица на евангелието, туку резултат на противењето кон евангелието. Од сите прогонства најтешко е да се поднесе неслогата во семејството, отуѓувањето на најмилите земни пријатели. Меѓутоа, Исус изјавува: „Кој го сака таткото или мајката повеќе од мене, не е достоен за мене. Кој го сака синот или ќерката повеќе од мене, не е достоен за мене. И кој не го зема својот крст и не оди по мене, не е достоен за мене.“

Задачата на Христовите слуги е висока почест и света доверба. „Кој ве прима вас“, вели Тој, „ме прима мене; а кој ме прима мене, го прима Оној кој ме прати.“ Ниедно љубезно дело што им е сторено на луѓето во негово име нема да остане непризнато и ненаградено. Со истото нежно признание Тој ги опфаќа најслабите и најниските во Божјето семејство: „Кој ќе напои еден од овие малечкиве“ оние што се како деца во својата вера и во познавањето на Христа „само со чаша студена вода, во име на ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.“

Така Спасителот го завршил своето поучување. Во Христово име избраните дванаесетмина отишле, како и Тој што дошол „да им ја донесам радосната вест на сиромасите, да им навестам ослободување на заробените и враќање вид на слепите, да ги ослободам угнетените и да прогласам година на Господова милост“ (Лука 4,18.19).

Pin It on Pinterest