(продолжува од претходниот ден) На оваа свеченост доаѓале луѓе во неволја, сиромашни и жалосни. Тука имало слепи, улогави, глуви. Некои биле донесени на носила. Доаѓале мнозина толку сиромашни што не можеле да купат ниту најскромна жртва за Господа, дури толку сиромашни што не можеле да си набават храна со која би го задоволиле својот глад. Тие биле длабоко ожалостени од свештениците кои се фалеле со својата побожност, кои тврделе дека се заштитници на народот, но навистина биле без сочувство и милост. Сиромасите, болните, оние што умирале, попусто молеле за помош. Нивните страдања не буделе никакво сожалување во срцата на свештениците.

Влегувајќи во храмот, Исус ја согледал целата таа сцена. Ги видел нечесните работи. Ја видел бедата на сиромасите кои мислеле дека без пролевање на крв нема проштавање на нивните гревови. Го видел надворешното предворје на својот храм претворено во место за несвета трговија. Ограденото свето земјиште станало пространа менувачница.

Христос видел дека нешто мора да се стори. На народот му се наметнати бројни обреди без да биде поучен за нивното значење. Верниците ги принесувале своите жртви, а не разбирале дека тие ја претставувале единствената совршена Жртва. Непознат и непочитуван, меѓу нив стоел Оној кого што го претставувала сета нивна служба. Тој дал упатства за жртвите. Тој ја знаел нивната симболичка вредност, а сега видел дека тие се изопачени и погрешно сфатени. Духовното вршење на службата на Бога бргу исчезнувало. Свештениците и поглаварите не ги поврзувала никаква врска со нивниот Бог. Христовото дело се состоело од воспоставување на едно наполно различно богослужение.

Со испитувачки поглед Христос ја опфатил сцената додека стоел на скалата на предворјето на храмот. Со своето пророчко око гледал во иднината и ги видел не само годините, туку вековите и епохите. Видел како свештениците и поглаварите ќе ги лишат неволниците од нивните права и ќе забранат евангелието да им се проповеда на сиромасите. Видел како Божјата љубов ќе се скрие од грешниците и како луѓето ќе направат трговија од неговата милост. Додека ја набљудувал таа сцена, неговото лице изразувало огорченост, власт и сила. Народот своето внимание го насочил кон него. Очите на оние што се занимавале со несвета трговија се запреле на неговото лице. Не можеле да го пренасочат погледот. Чувствувале дека овој Човек ги чита нивните најскриени мисли и ги открива нивните тајни побуди. Некои се обиделе да го скријат своето лице, како на нив да биле напишани неделата што ќе ги прочитаат овие испитувачки очи.

Нередот стивнал. Гласовите од продавањето и пазарење то престанале. Тишината станала мачна. Целиот собир бил проникнат со чувство на страхопочит. Изгледало како да се доведени пред Божји суд да дадат одговор за своите дела. Набљудувајќ и го Христа, го виделе Божеството кое блеснало низ човечката облека. Небесното Величество стоело како што ќе стои Судијата во последниот ден ­ сега уште неопкружен со славата што ќе го придружува тогаш, но со истата моќ да ја чита душата.

Неговите очи преминувале низ мноштвото, уочувајќи секој поединец. Неговата појава со владетелско достоинство се издигнувала над нив, а неговото лице ја осветлувала божествена светлина. Проговорил, а неговиот јасен, ѕвонлив глас ­ истиот оној кој на Синајската гора го објавил законот што сега го престапуваат свештениците и поглаварите ­ одѕвонувал под сводовите на храмот: „Изнесете го ова одовде! Не правете трговски дуќан од домот на мојот Отец!“

Слегувајќи полека низ скалите и подигнувајќи го камшикот од јаже што го зел влегувајќи внатре, му наредил на трговското друштво да го напушти подрачјето на храмот. Со ревност и со строгост што никогаш порано не ги покажувал, ги испревртил масите на менувачите на пари. Металните пари паѓале, резливо ѕвекотејќи на мермерниот под. Никој не се осмелил да праша за неговата власт. Никој не се осмелил да застане и да ја собере својата нечесна добивка. Исус не ги тепал со камшикот, но во неговата рака тој едноставен камшик изгледал страшно, како огнен меч. Службениците на храмот, дрчните свештеници, препродавачите и трговците на добиток со своите овци и говеда побрзале да го напуштат ова место со една мисла: да побегнат од осудата на неговото присуство.

Среде мноштвото завладеал силен страв што го чувствувале како да ги засенчувало неговото Божество. Од усните на стотици побледени лица излегувале извици на ужас и страв. Дури и учениците се треселе. Биле длабоко возбудени со Исусовите зборови и со начинот на постапување што толку се разликувало од неговото вообичаено однесување. Си припомнувале дека за него е напишано: „Ме изеде ревност за твојата куќа„ (Псалм 69,9). Набргу бучното мноштво со својата стока се нашло далеку од Господовиот храм. Предворјата биле ослободени од несветата трговија и сцената на метежот била заменета со длабок мир и со свечена сериозност. Господовото присуство, кое во старо време ја посветило гората, сега го посветило и храмот подигнат во негова чест. (продолжува)

Pin It on Pinterest