(продолжува од претходниот ден) Во налогот што им го дал на учениците Христос не само што го опишал делото што тие ќе го извршуваат, туку им предал и вест што ќе ја проповедаат: „Учете ги“, рекол, „да држат сè што сум ви заповедал“ (Матеј 28,20). Учениците добиле задача да ги учат луѓето на она што го зборувал и што го учел лично Тој. Во тоа е содржано и сè што рекол преку пророците и учителите на Стариот завет. Човечката наука е исклучена. Овде нема место за преданијата, за човечките теории и заклучоци или за црковното законодавство. Во овој налог не е содржан ниеден од законите што ги издале црковните власти. Христовите слуги не треба да проповедаат ништо од тоа. „Законот и Пророците“, во кои се запишани неговата Реч и неговите дела, прават ризница од која неговите ученици треба да црпат наука што треба да му ја дадат на светот. Христовото име е нивна лозинка, нивни знак на распознавање, нивна врска на единството, овластување за нивниот начин на дејствување и извор на нивниот успех. Ништо што не носи негов натпис не може да се признае во неговото царство.
Евангелието не треба да се изнесува како некоја безживотна теорија, туку како жива сила што го менува животот. Бог сака оние што ја примаат неговата милост да бидат сведоци за најзината моќ. Тој радо ги прифаќа оние чијшто живот најмногу го навредувал; кога ќе се покаат, им дава божествен Дух, ги поставува на најдоверливи положби и ги праќа кај неверните да им ја објават неговата безгранична милост. Тој сака неговите слуги да дадат сведоштво за фактот дека со неговата милост луѓето можат да поседуваат карактер сличен на Христовиот и да се радуваат на цврстото ветување на неговата голема љубов. Би сакал да дадеме сведоштво за фактот дека Тој не може да биде задоволен сè додека на човечкиот род не му бидат вратени светите предимства како негови синови и ќерки.
Во Христа се наоѓа нежност на пастир, љубов на родител и неспоредлива милост на Спасител полн со сочувство. Своите благослови ги дава под најприфатливи услови. Не е задоволен само да ги објави овие благослови; Тој ги изнесува на најпривлечен начин за да разбуди желба да ги поседуваме. Така неговите слуги треба да го изнесуваат богатството на славата на тој неискажлив Дар.
Христовата прекрасна љубов ќе ги смекне и ќе ги потчини срцата, додека само со повторување на учењето не може ништо да се постигне. „Тешете го, тешете го мојот народ, вели вашиот Бог.“ „Качи се на висока гора, Сионе, весниче на ра досната вест! Подигни го силно својот глас, Ерусалиме, весниче на радосната вест! Подигни се, не бој се, кажи им на градовите јудејски: ‘Еве го вашиот Бог… Како пастир го пасе своето стадо, на раце ги зема јагнињата, ги носи во прегратки’“ (Исаија 40,1.9-11).
Зборувајте му на народот за Оној кој е „барјактар меѓу илјадници“ и за Оној кој е „сиот мил“ (Песна над песните 5,10.16). Само со зборови не може да се изрази тоа. Треба да се одрази во карактерот и да се покаже во животот. Христос сака неговиот лик да се наслика во секој ученик. Секого Бог го предодредил да биде еднаков со „ликот на неговиот Син“ (Римјаните 8,29). Во секого од нив треба јасно да му се покаже на светот Христовата љубов која долго трпи, неговата светост, кротост, милост и вистина. (продолжува)